1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

101109 Enke tot

11 ноември 2009

Германската јавност е во шок по веста за смртта на голманот на фудбалската репрезентација Роберт Енке. 32-годишниот фудбалер вчера се самоуби фрлајќи се под воз во градот Хановер, каде бранеше за истоимениот клуб.

https://p.dw.com/p/KTfY
Роберт ЕнкеФотографија: AP

Германската канцеларка Ангела Меркел денеска и‘ упатила писмо со сочувство на вдовицата на Енке. Фудбалерот подолго време бил во депресија поради смртта на неговата двегодишна ќерка во 2006 година. Германската фудбалска федерација го откажа пријателскиот меч против Чиле, закажан за в сабота во Келн.

Според полициски извори, Роберт Енке загинал под тркалата на еден воз на премин во близината на Хановер. Мартин Кинд, претседателот на Фудбалскиот клуб Хановер 96, каде играше Енке, вели: „Секако дека сум трогнат. Им изразувам сочувство на сопругата и неговото семејство.“

Роберт Енке е роден во 1977 година во Јена, во поранешната Германска Демократска Република. Во 1996 година играше за прволигашот Борусија Менхенгладбах. Потоа уследија ангажмани во странски клубови, но тие не беа многу успешни. Во 2004, Енке се врати во Бундеслигата и застана на голот на Хановер 96. За националната селекција првпат бранеше во 2007 година, на пријателскиот натпревар со Данска. Голем сон му беше да застане на голот на германската репрезентација на Светското превенство во Јужна Африка наредната година. „Тоа е за мене, но и за сите играчи во националните репрезентации на сите земји, апсолутен зенит во кариерата, затоа многу му се радувам. Ќе сторам се’ што е во моја моќ да застанам на голот на првенството“, велеше Роберт Енке.

Болеста му се испречи на патот

Тој навистина и беше на најдобриот пат да стане голман на националната репрезентација, но во тоа го спречи болеста. Официјално стануваше збор за инфекција на цревата, поради што цели девет недели не можеше да игра. Со тоа го пропушти и решавачкиот натпревар во квалификациите против Русија. „Човек понекогаш се прашува: зошто јас и зошто повторно мене да ме снајде? Но, што да правиме, морам и тоа да го прифатам“, изјави неодамна Роберт Енке.

DFB Pokal Trier Hannover
Енке по натпревар во германскиот КупФотографија: picture-alliance/ dpa

Тој пред десетина дена се врати на голот на Хановер 96, но селекторот на националната репрезентација Јоаким Лев не го повика во тимот за двата тест-натпревари на 14 ноември против Чиле и на 18 ноември против Брегот на слоновата коска. Енке навидум смирено ја прифати и таа одлука на националниот тренер: „Тоа беше така договорено, овие натпревари веќе претходно беа доделени. Претходно разговарав по телефон со тренерот на голманите во репрезентацијата Анди Кепке и тој ме информираше навреме, затоа ова не е веќе изненадување“, порача Енке.

Менаџерот на репрезентацијата Оливер Бирхоф изјави дека и тој и сите играчи и тренери се тотално шокирани од трагичната вест.

Автор: Штефан Нестлер / дпа / Горан Чутаноски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска