1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германскиот извоз во опасност?

НД/ дв
25 октомври 2016

Вработените и пензионерите во Германија се радуваат на зголемувањето на платите и пензиите и во наредната година. Но, доколку истовремено не расте и продуктивноста, на повидок се проблеми, предупредуваат експертите.

https://p.dw.com/p/2RfE9
Deutschland Volkswagen Produktion - Doppelkupplungsgetriebe vom Typ DQ 200
Фотографија: picture-alliance/dpa/U. Zucchi

Добра вест за пензионерите и вработените во Германија: и во следната година пензиите и платите ќе продолжат да растат, и тоа забележително. Тоа го тврдат водечките институти во есенската експертиза. Ситуацијата на пазарот на труд и понатаму е многу поволна. Во септември бројот на неврботени падна на нивото од март 1991 година.

Но, зад убавата фасада, ситуацијата и не е толку сјајна бидејќи платите растат побрзо од продуктивноста. За сега, тој развој сеуште е во подносливи рамки, но на долг рок би можел да има непријатни последици. „До сега, индустријата релативно добро го поднесуваше фактот дека трошоците на трудот растеа побрзо од продуктивноста“, вели за ДВ Кристоф Шредер, експерт за пазарот на труд и колективни договори во Институтот на германската економија (ИВ) во Келн.

Ниските цени на суровините и нискиот курс на еврото, поради кои германските производи во странство се поефтини, до сега успеваа да ги спречат негативните последици на трошоците на трудот кои се зголемуваат. „Кога на таа поволна фаза ќе и дојде крајот, тогаш ни се заканува опасност да ја изгубиме конкурентноста, а со тоа и губење на работни места“, вели Шредер.

Земјите во развој особено многу вложија во долгорочни инвестиции на машини и опрема од германско производство поради релативно поволните цени. 

Hamburg Deutsches Containerschiff Fahne
Платите во Германија растат побрзо од продуктивностаФотографија: picture-alliance/chromorange/C. Ohde

Пад на пазарниот удел

Шредер се повикува на т.н. „Експортперформанс“ – поим кој го етаблираше Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД). Со помош на тој индекс се „елиминираат“ структурните ефекти, кои можат да настанат кога некоја земја на пример, особено многу извезува во земја која динамично расте, на пример во Кина. ОЕЦД за 2016 година прогнозира пад на германскиот „извозен перформанс“ за 1,6%. Во еврозоната тоа би било најголем пад по Грција.

За 2017 година, ОЕЦД за Германија прогнозира дополнителен пад на пазарниот удел, а ситуацијата во сите други земји на монетарната унија, со исклучок на Финска и Естонија, би требало да се поправи. Шредер смета дека постои тесна врска помеѓу лошиот „извозен перформанс“ и забележителниот пораст на платите – без соодветен раст на продуктивноста. Поголемите плати, исто така имаат важна улога во националната економија, вели Шредер, затоа што така се поттикнува потрошувачката а со тоа и економскиот раст. „Но, доколку се претера“, предупредува Шредер, „се губат работни места – во ситуација кога трошоците не можат да се покријат со средствата кои треба да се заработат. А тоа на крајот има многу посилен ефект на потрошувачката од зголемените плати“.

Германија мора и понатаму да ги стимулира иновациите и во иднина да продолжи да биде технички лидер, вели Шредер. „Политиката може да помогне на пример со воведување на мерки за поттикнување на истражување и развој или со изградба на инфраструктура и со тоа да помогне на претприемачите да произведуваат поефтино.