1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германскиот Бундесвер повторно ќе јакне

Нина Веркхојзер/ЖА11 мај 2016

Од крајот на Втората светска војна, Бундесверот постојано се намалува, но сега е крај на овој тренд, министерката за одбрана Урсула фон дер Лајен планира бројчан раст на германската армија.

https://p.dw.com/p/1IlfC
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Breloer

До 2023. година Бундесверот треба да се зголеми за 14.300 војници, тоа е целта која си ја постави германската министерка за одбрана Урсула фон дер Лајен. „Бундесверот минатите месеци беше оптоварен како ретко претходно“, ја аргументираше Фон дер Лајен намерата, наведувајќи ги странските ангажмани, спасувањето бегалци на отворено море и задачите во рамките на НАТО.

„Стриктни горни граници во персоналот веќе не соодветсвуваат на времето“, рече министерката. Покрај 14.300 дополнителни војници, во следните седум години ќе бидат вработени и уште 4.400 цивили.

Но, овие бројки не се дефинитивни, потребата ќе се преиспитува годишно и ќе се врши приспособување на неа. Целта на министерката е целосно модернизирање на армијата. Повеќе пари, подобри материјали и флексибилна персонална политика, тоа се главните столбови на нејзината стратегија.

Тоа што војската бројчано ќе се зголеми, е вредно за одбележување: Бундесверот веќе четвртина век постојано се „топи“, кратко по обединувањето имаше 800.000 војници и цивилни службеници, се‘ додека во 2011. година не се стигна до бројката од 185.000, за која, по укинувањето на задолжителната воена обврска, се велеше - повеќе на Германија не и‘ се потребни.

Mali Deutschland Ursula von der Leyen besucht Bundeswehr Soldaten in Gao
Бундесверот во мисија во Мали, посета на министерката на војницитеФотографија: Reuters/M.Kappeler

Недоволно стручњаци

Бројот на војници денес изнесува 177.000, со што се чини Министерството за одбрана стигна до болната крајна граница. Недостигаат експерти за сајбер-одбрана, исто како и лекари-специјалисти, санитарци, да се споменат само некои, такви Бундесверот сака да привлече или самиот да ги обучи.

Притоа, во придобивањето стручњаци, Бундесверот одамна си конкурира со стопанството, а најчесто го извлекува „подебелиот крај“. Урсула фон дер Лајен планира дополнителните 14.300 војници да ги добие од пазарот на работна сила. Нејзината намера е вработување на нови 7.000 војници, а останатите да ги бара од војската. За 2.300 работни места не се знае како ќе се најде персонал.

Се мисли инаку на искусни војници, кои ќе бидат натамошно ангажирани и по достигнувањето на старосната граница. За доброволните регрути треба да бидат отворени нови работни места, многумина од нив немаа досега дефинирани задачи. А во иднина двапати ќе се размисли пред укинувањето на некое место. Покрај сето тоа, тешко ќе оди со ангажманот, посебно на нови војници, со оглед на бројчано намалените генерации млади луѓе.

Deutschland Bundeswehr Personalvergrößerung Symbolbild
Како да се привлечат младите луѓе во војскаФотографија: picture-alliance/dpa/T. Frey

„Нереално планирање“

Дали укинувањето на горната граница за бројниот состав на војската ќе ги реши персоналните проблеми? Не, смета опозицијата во Бундестагот. „Оној кој германската одговорност во надворешната и безбедносната политика слепо ја мери само со што повеќе ангажмани, не треба да се чуди ако оптовареноста било кога стане преголема“, критикува Агњешка Бругер од Зелените. Со оглед на демографските движења и малиот финансиски маневарски простор, нејасно е како ќе се обезбеди дополнителен персонал. „Тоа однапред го осудува на неуспех ваквото нереално планирање“, вели Бругер. Слично аргументира и Левицата. На Бундесверот не му се потребни поголем број војници, вели Кристине Бухолц, која ја обвинува министерката дека сака да се истакнува испраќајќи војници во воени области или во НАТО-маневри на источната граница на Алијансата. „Проблемот не е во големината на армијата, туку во нејзината во основа погрешна ориентација“.