1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Најголемото масовно убиство во историјата на Германија

БГ
29 август 2017

Негувателот Нилс Хегел првично беше осуден на доживотна затворска казна откако призна убиство на 30 луѓе во две клиники. Во меѓувреме, обвинителството се сомнева дека грозоморната бројка може да достигне 90 жртви.

https://p.dw.com/p/2j0av
BG Deutsche Serienmörder | Krankenpfleger Niels H.
Фотографија: picture alliance/dpa/C. Jasper

По тригодишна истрага на сите пациенти за кои се грижел Нилс Хегел, обвинителите открија дека се сомневаат дека поранешниот медицински негувател е веројатно виновен за уште 84 убиства на невини пациенти. Хегел веќе се наоѓа на отслужување на две доживотни затворски казни, откако беше прогласен за виновен за инјектирање на пациентите со кардиоваскуларни медикаменти во клиниките во градовите Олденбург и Делменхорст во периодот од 1999 до 2005. Неговата цел била да предизвика престанок на работата на срцето или циркулаторен колапс, за потоа да ги реанимира пациентите сакајќи на тој начин да ги импресионира своите колеги.

Недостаток на докази

Во 2008 година тој беше осуден на 7,5 години затвор за обид за убиство откако беше откриено дека се обидел да предозира еден пациент. Потоа, во 2015 година, доби доживотна затворска казна откако беше правосилно осуден за шест убиства, два обиди за убиство и еден напад. Сепак, обвинителите се сомневаа дека убил далеку повеќе луѓе, но не подигнале обвинение затоа што во тој момент немале доволно докази.
За време на судењето во 2015, Хегел му признал на психијатар дека убил 30 луѓе додека работел во клинината во Делменхорст, а им вбризгал смртоносна доза медикаменти на најмалку 60 пациенти.
Доколку се докажат последните сомнежи, бројот на убиства ќе достигне 90 луѓе, со што тој ќе стане најголемиот сериски убиец во историјата на Германија.

Полицијата шокирана

Шефот на полицијата во Олденбург, Јохан Киме вели дека размерот на злосторствата на Хегел „ги оставил без зборови“, додавајќи дека некои случаи никогаш нема да можат да бидат докажани, затоа што жртвите биле кремирани.

Полицискиот шеф ги обвини и локалните здравствени власти кои не успеале да реагираат иако било забележливо дека бројот на смртни случаи во одделот за интензивна нега драматично се зголемил откако Хегел почнал да работи таму. „Доколку луѓето кои биле одговорни, особено на клиниката во Олденбург, а подоцна и во Делменхорст, не се двоумеле да ги информираат властите, во прв ред полицијата, Хегел можел да биде спречен порано“, вели Киме. Двајца поранешни лекари и шеф на оддел во Делменхорст се исто така соочени со обвиненија за убиство поради смртта на пациентите.