1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германска политичарка бара унија со Русија

Бенџамин Најт
17 јануари 2017

Парламентарниот лидер на најголемата германска опозициска партија бара итно распуштање на НАТО. Претходно, во источна Германија беше основана про-Путин партија со слични барања.

https://p.dw.com/p/2QfyV
Sarah Wagenknecht, Die Linke
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Gambarini

Лидерот на германската опозиција, Сара Вагенкнехт повика на распуштање на НАТО по коментарите на избраниот американски претседател Доналд Трамп. 

„НАТО мора да се распушти и да се замени со колективен безбедносен систем кој ќе ја вклучи и Русија“, изјави Вагенкнехт. Таа оцени дека коментарите на идниот американски претседател „безмилосно ги откриваат грешките и неуспесите на германската сојузна влада“. 

Вагенкнехт ја предводи партијата на Левицата - најголема опозициска партија во Бундестагот. Нејзината партија и претходно повикуваше на затоплување на односите со Русија и укинување на санкциите против земјата. 

Летоска во Германија, една млада политичка партија започна онлајн-петиција во која повикува на национален референдум за интеграција на Германија во Руската Федерација.

Во случај да не успее, секундарната цел на петицијата, како што е наведено на веб-страницата „Change.org", е да се започне јавна дебата за тоа зошто треба да има таков референдум. Заговорниците на оваа идеја тврдат дека е „многу јасно" дека референдумот за „влегувањето на Крим во Руската Федерација, исто така, се заснова на меѓународното право" и Русија претставува излез од „јамката на полициската држава и диктатурата на ЕУ". 

Russland Parlamentswahlen Stimmabgabe Putin
Во Германија од минатото лето постои и про-Путин партија. Фотографија: picture-alliance/AP Photo/G. Dukor

„Про Путин партијата“ сѐ уште е многу мало движење - во времето на пишувањето на овој текст, нешто повеќе од 5.000 луѓе ја потпишаа онлајн-петицијата. И покрај тоа што повеќе од 18.000 луѓе ја следат нивната Фејсбук страница, самата партија, сѐ уште, официјално не постои. Тие немаат ниту сопствен веб-сајт, а на нивната страницата на Фејсбук едноставно се вели дека нејзината цел е да формира таква партија.

Но, про-Путин аргументите веќе подолго време се конзистентна тема на крајната левица и десница во германската политика, а нивната употреба се интензивира по почетокот на војната во источна Украина.

Украински договор

Впрочем, социјалистичката партија „Левите" и десничарските популисти „Алтернатива за Германија" имаат слични официјални позиции за војната во Украина, но со различно размислување.

Додека „Левите“, како што е наведено во соопштението објавено на почетокот на војната во 2014 година, веруваат дека „фашистичките сили ја искористиле можноста" да „станат дел од преодната влада која насилно ќе ги потисне левичарите и синдикатите“, десничарската „Алтернатива за Германија“ на најновиот развој на ситуацијата реагира со барање за стопирање на „какво било натамошно проширување на НАТО кон исток". И двете партии повикаа на укинување на санкциите против Русија.

Ulrich Herbert Historiker Universität Freiburg
Улрих ХербертФотографија: Universität Freiburg

Екстремната левица и одредени елементи на екстремната десница во Германија, веќе подолго време се идентификуваат со антиамериканизам, до тој степен што, како што изјави Улрих Херберт, некои демонстранти на „ПЕГИДА“ на протестите во Дрезден држеле транспаренти на кои пишувало „Путин, помогни!". „Тоа секако е поврзано со фактот дека сѐ уште има одредени силни просоветски чувства во поранешна Источна Германија“, изјави Херберт за Дојче Веле.

За таквите луѓе, тврди Херберт, либерализмот и демократијата се помалку важни од јавната безбедност, која ја претставуваат авторитарни личности како Путин. Во исто време, про-Путин партијата во Германија е подготвена да го измени разбирањето за тоа кои се вистинските диктатури: „Како што гледаме постојано и одново, не постои ништо од што диктаторскиот комитет на ЕУ би се откажал", се вели во петицијата. „Претстојната забрана на слобода на мислење и забраната за демонстрации не ни остава многу време!... Исто како што Советскиот Сојуз еднаш ни даде обединување, така и Руската Федерација гради односи на партнерско и пријателско ниво."

Инфилтрирани провокатори?

Ова звучи како пропаганда, иако не постои сомнение дека про-Путин партијата е нешто друго освен приватна иницијатива. Сепак, руската влада веќе покажа дека е во потрага по начини да влијае врз германското општество. „Тие се обидуваат долго време, преку интернет, форуми, и одредени финансиски инјекции, да влијаат врз германската домашна политика“, изјави Херберт. „Особено преку влијание врз етничките руски доселеници кои живеат во Германија".

Ова стана доста забележливо во Берлин, во јануари минатата година, кога руската влада тврдеше дека германската полиција прикрила силување на една тинејџерка, етничка Русинка од страна на тинејџер бегалец. Подоцна, девојката призна дека ја измислила приказната, но инцидентот предизвика протести кои ги искористија членовите на германската екстремна десница.

Се разбира, постојат историски и географски причини за суптилни врски меѓу двете нации. „За Русија, Германија е најважната западна сила, веднаш по САД, од економски и политички аспект", вели Херберт.

Deutschland Dresden Pegida Lutz Bachman
Фотографија: picture-alliance/dpa

На германската страна, Социјалдемократската партија (СПД), особено се залага за т.н. „Источна политика“ уште од 1960-те години. Ова, во поголема или помала мера, го прифаќаа владите низ годините, делумно поради стратешката позиција на Германија, која „разбирањето" кон Русија го има претворено во „попрактично" прашање на политиката, повеќе отколку другите западни сили. „Но, дури и во СПД не гледам обид за варосување на улогата на Путин како автократ", вели Херберт.

„Мислам дека другите земји не се толку интересни за Русија“, додаде тој. „Но, фактот дека Путин ги поддржува крајните десничари во другите земји, како на пример во Франција со националистката Ле Пен, покажува дека станува збор за обид за поделба на ЕУ".

Паралели со Трамп

Можеби најизненадувачкиот пријател на Путин во моментот е Доналд Трамп, избраниот претседател во САД, кој често изјавуваше дека би била „добра работа" доколку САД имаат поблиски врски со Русија. Дали постои глобален тренд кон авторитаризмот и против демократијата? Херберт на Трамп и Путин гледа како на „споредливи фигури", но исто така додава: „Не гледам толкава опасност за Германија, како што гледам за САД", изјави тој.

„Се разбира, постојат националистички и авторитарни тенденции во Европа - Унгарија ќе биде пример, или Полска - но автократите како Путин или Ердоган се посебни, но тука во Германија сепак повеќе станува збор за анти-американизам", вели Херберт.

 

Користењето на оваа содржина е дозволено единствено со согласност на редакцијата на ДВ. За условите за користење информирајте се тука