1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Социјалдемократите на крстопат

Штефани Хепнер
20 јануари 2018

Преговори до „граници на болка“, опаѓање на членството, најслаб резултат на изборите- Социјалдемократската партија на Германија ретко кога била во толку тешка ситуација. ДВ одговара на најважните прашања за неа.

https://p.dw.com/p/2rCln
Symbolbild SPD
Фотографија: Getty Images/M. Hitij

Основана пред 150 години, СПД е најстара германска партија, со историја на која многу нејзини членови се горди. Но, не е јасно каква улога оваа партија би можела да има во иднина. Ќе дојде ли до формирање на т.н. голема коалиција со демохристијалните или не?

Што ќе биде одлучено на конгресот на СПД?

Конгресот како највисок орган на СПД ги одредува темелите на политиката, донесува партиска програма, избира управа и одлучува за статутот. Неделава на конгресот во Бон нема да се одлучува само дали ќе има нова голема коалиција со Демохристијалните или не. Се работи и за иднината на претседателот на партијата Мартин Шулц. Ако 600 делегати во Бон гласаат против почетокот на коалициските преговори, на Шулц веројатно ќе му преостане само да поднесе оставка.

Повеќе на темата:

-СПД е ставена на клучна проба

-Никој не си игра со Ангела!

-Германија: се распаѓа ли политичката левица

Како во минатото се завршени големите контроверзии?

Во 1992 година делегатите по дводневната дискусија со тесно мнозинство гласаа за промени во законските одредби за азил и составија нова листа одредби кои треба да се преправат, а тоа беше само делумно исполнето. На конгресот во 1997 година главна тема беше прислушувањето во куќите и становите, која по повеќедневни дискусии е прифатена- со тесно мнозинство.

Набљудувачите веруваат оти и овој конгрес- и покрај отпорот на подмладокот на партијата и нејзиното лево крило- може така да протече: тесно мнозинство да биде за голема коалиција и да бара „подобрување“. Проблемот е во тоа што демохристијаните веќе најавија дека нема да се согласат со такви „подобрувања“.

Како досега владееше СПД?

СПД веќе владееше во различни консталации, а вкупно 20 години и германски канцелари беа од оваа партија. Партнер во голема коалиција првпат стана во 1966 година кога канцелар беше Курт Кизингер (ЦДУ), а во 1969 година формираше коалиција со Либералите, кога канцелар беше Вили Брант. За време на канцеларската функција на Хелмут Шмит (1974 – 1982) социјалдемократите се најдоа под притисок поради слабата економска ситуација и беа цел на критики поради атомската енергија.

По повеќе децении во опозиција, СПД се врати на власт на изборите во 1998 година кога канцелар стана Герхард Шредер, а коалициски партнер ѝ беше партијата на Зелените. Од 2005 до 2009 година на власт беше втората голема коалиција со демохристијаните, а од 2013 до 2017 година- трета. Сега на конгресот ќе биде одлучено дали би можело да следи и четврта.

Кој е (се’ уште) во владата?

СПД „држи“ 6 министерства: Зигмар Габриел е министер за надворешни работи и вицеканцелар, Бригите Циприс е минстерка за земјоделство и енергија, Хајко Мас- за правда и за заштита на потрошувачите, Катарина Барили е в.д. министерка за труд и социјална политика и министерка за семејство, сениори, жени и младина. А министерството за градежништво и заштита на животната средина го води Барбара Хендрикс.

Deutschland Martin Schulz
Фотографија: picture-alliance/dpa/W. Kumm

Сите министри во владата се вршители на должност додека не се формира нова влада. Од формирањето на Сојузна Република Германија, СПД водеше над 90 министерства.

Што мисли членството?

Министерот за надворешни работи Зигмар Габриел побара наместо да се одржи конгрес едноставно да се гласа за голема коалиција. Како и останатите партии, и СПД во изминатите децении загуби многу членови. На крајот на 2016 година имаше 433.000, додека во средината на 90-тите години можеше да се пофали со 831.000 членови. И покрај тоа што се „преполови“, СПД сѐ уште има повеќе членови од ЦДУ. Кога на почетокот на јануари 2017 година на чело на партијата застана Мартин Шулц, партијата забележа прилив на нови членови и околу изборите за Бундестагот беа 446.000.

„Ефектот Мартин Шулц“ меѓутоа заврши, а и резултатот на претстојниот конгрес би можел да го намали бројот на членовите на партијата. Според бројките од институтот за истражување на јавното мислење Инфратест димап, околу 60 насто од приврзениците на СПД се против голема коалиција.