1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија се подготвува за успех на ЕП во фудбал

Зоран Јордановски26 мај 2008

Првенството во Бундеслигата заврши, помина и финалето на Лигата на шампионите, но фудбалските возбудувања на стивнаа; напротив, растат со наближувањето на Европското првенство.

https://p.dw.com/p/E6BU
Раководството на германската фудбалска репрезентација: тренерот Јоахим Лев, помошникот-тренер Ханс-Дитер Флик, тренерот на голманите Андреас Кепке и менаџерот Оливер БирхофФотографија: picture-alliance/ dpa

7-ми јуни не е далеку - нема ни две цели недели до почетокот на Европското првенство во фудбал, чии домаќини се Австрија и Швајцарија. Сите репрезентации-учеснички се во фаза на завршни подготовки, претстојат последните тест-натпревари. Германската селекција е на Мајорка.

Првите неколку денови беа во семејна атмосфера, значи играчите заедно со семејствата или девојките - за да се релаксираат од напорната првенствена и меѓународна сезона и низ полесен тренинг да навлезат во напорните подготовки, кои се сега во тек.

Расте напнатоста кај сите: утре претстои претпоследна проба против селекцијата на Белорусија, а веќе задутре сојузниот тренер Јоахим Лев ќе објави кои тројца од сегашните 26 учесници на подговотвките ќе мора да се вратат дома, оти бројот на пријавени играчи за првенството на континентов е лимитиран на 23.


Конкуренцијата го подигна квалитетот на подготовките


Лев се’ уште не го навестува решението, што ќе го објави в среда во 12 часот, но стручниот штаб е уверен дека беше в ред да се повикаат повеќе кандидати, отколку што има места во селекцијата. „Овде живееме во општество на продуктивност и сакаме уште повеќе да ја поттикнеме конкурентската борба“ - вели Јоахим Лев. Борбата за номинирање за Европското првенство, според оценката на помошникот-тренер Ханзи Флик, придонесло тренинзите да бидат на многу високо ниво.

Во медиумите како кандидати да отпаднат се спомнуваат Џермен Џонс, Патрик Хелмес, Оливер Невил, Давод Одонкор или Пјотр Троховски, но и Тим Боровски исто така, пред се’ поради проблеми со грипозна инфекција. Фудбалските квалитети се во преден план, но не се и единствен критериум при решавањето за селектирање, вели менаџерот на репрезентацијата Оливер Бирхоф: „И карактерот на личноста игра одредена улога: како некој се вклопува, како се однесува, како прима одредени совети, како излегува на крај со притисокот“.


Со ЕП Балак ќе ја преболи Лигата на шампионите


Меѓу оние на кои местото им е резервирано, секако е Мирослав Клозе - и тој е свесен за тоа: „Мислам дека другите напаѓачи знаат дека јас сум број 1 и веќе покажав дека знам да играм фудбал. Се разбира, и лична цел ми е добро да стратувам на првенството“.

И за капитенот Михаел Балак местото е неспорно. Тој дури доби дозвола воопшто и да не оди на Мајорка - го имаше во меѓувреме финалето на Лигата на шампионите, што неговиот тим Челзи несреќно го загуби со изведување пенали - и на репрезентацијата да и’ се приклучи утре директно на натпреварот против Белорусија.

Стручниот штаб не верува дека поразот во финалето ќе остави трага врз Балак. Напротив - Лев потсетува на случајот со голманот Јенс Леман, кој пред светското првенство 2006-та во финалето на Лигата на шампионите дури доби црвен картон, па сепак мондијалот беше нов, уште повисок предизвик, што помогна да ја надмине фрустрацијата. Така, се верува, ќе биде и во случајот со Балак. Балак е во полна играчка зрелост, вели менаџерот на репрезентацијата Бирхоф и аргументира: „Нашите технички податоци покажуваат дека неговата игра стана уште поинтензивна, многу е унапредена во однос на интензитетот и истрајноста во трчањето“.


Премиерен настап против Белорусија!


Балак утре ќе го предводи тимот. Составот Лев, според сопствените најави, ќе го објави во текот на денов, но се претпоставува дека на голот ќе биде Леман, во одбранбениот ред Лам, Мертесакер, Мецелдер и Јанзен, во средината Фриц, Фрингс, Балак и Швајнштајгер, и во нападот Клозе и Подолски.

Средбата против Белорусија е 801. настап на германската репрезентација од првиот во 1908-ма година наваму. Билансот е многу поволен - 457 победи, 164 нерешени средби и 179 порази. Гол-разликата 1782 постигнати, 965 примени голови. Занимливо е дека Германците досега играле против селекции на 83 членки на Светската фудбалска асоцијација, но меѓу нив не е Белорусија - значи, претстои своевидно деби. Конечно, фудбалскиот сојуз на таа земја е основан пред 19 години, член на ФИФА е само 16 години. И во овие занимливости уште една: Белорусија како тренер ја предводи Германец - Бернд Штанге, своевремено репрезентативец на некогашната Источна Германија.

Кајзерслаутерн, пак, по шести пат е домаќин на германската репрезентација. Таа досега таму забележа три победи, еден нерешен резултат и пораз на средбата со која беше одбележан 50-годишниот јубилеј од освојувањето на првата светска титула за Германците - во јуни 2004-та Унгарија победи со 2 спрема 0. На тој натпревар за прв пат во репрезентацијата настапија Швајнштајгер и Подолски.


Бенхакер: тешко е да се победи Германија, но исто толку тешко е да се победи и Полска!


Прв противник на Германците на претстојното Европско првенство, на 8-ми јуни во австрискиот град Целовец, им е Полска, селекција која Лев ја смета за најсилен конкурент во групата, посилен и од Хрватска. Тренер на Полска е холандскиот стручњак Лео Бенхакер. И тој се определи, како Лев, за подготовки со 26 играчи и в среда, кога всушност е и последниот рок, ќе ја определи дефинитивната селекција.

Во тоа треба да му помогнат и двете тест-средби, малку необично во два дена едноподруго: прво денеска против Македонија и утре против Албанија, обете овде во Германија, во Ројтлинген. Бенхакер најави два сосем различни тима за секој од овие настапи. Тој смета дека неговиот тим е на исто рамниште со германскиот: „Ќе биде извонредно тешка задача да се победи Германија. Но, можам да гарантирам и дека ќе биде извонредно тешка задача да се победи Полска“ - самоуверено вели Лео Бенхакер.


Клоп е нов тренер на Борусија Дортмунд


Досегашниот тренер на Мајнц Јирген Клоп само 4 денови беше без работа, откако поднесе оставка по неуспехот во настојувањата за враќање на Мајнц во Бундеслигата. Тој е нов шеф на стручниот штаб на Борусија Дортмунд и потпиша двегодишен договор. Клоп од 1990-та прво беше играч, а од 2001-ва и тренер на Мајнц. „За мене, се разбира, е чест да бидам тренер на Борусија и во наредните две години овде бидам спортски раководител“ - рече Клоп.


Германските одбојкари ќе учествуваат на олимпијадата


Одбојкарите на Германија се пласираа за учество на олимпјадата за прв пат по цели 36 години. Во последниот натпревар од квалификациите во Диселдорф Германците ја победија селекцијата на европскиот првак Шпанија со 3 спрема 2 и го освоија првото место.


Формула еден: победа на Хамилтон во Монте Карло


Во светското првенство во автомобилизам формула еден хаотична трка по дожд по улиците на Монте Карло, со судари и вртења. Големата награда на Монако ја освои Британецот Луис Хамилтон од екипата на Мерцедес Мекларен, пред Полјакот Роберт Кубица од БВМ Заубер и Фелипе Маса од Ферари.

Германскиот возач Себастијан Фетел од Торо Росо го постигна својот досега најголем успех со освојувањето на 5-тото место, а вистински трагичар е Адријан Зутил од Форс Индија Ферари. Тој беше на дофат на четвртото место кога пред крајот одзади на него налета Кими Рајконен. Светскиот првак по трката се извини за инцидентот.

Хамилтон го презеде водството во светското првенство со 38 бодови, пред Рајконен со 35, Маса со 34, Кубица со 32. Екипно води Ферари со 69 бодови, Мекларен Мерцедес има 53, БМВ Заубер 52.


►◄