1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија презагадена со тешкиот метал жива

Карла Блајкер/ З. Јордановски10 јануари 2016

Тешкиот метал жива може да предизвика тешки штети во човековото тело. Екологистите реагираат, а владата релаксирано одговара дека во меѓународна споредба ситуацијата во Германија и не е толку лоша.

https://p.dw.com/p/1HZGP
Фотографија: Fotolia/marcel

Германија, земјата на екологија, рециклирање и енергетски пресврт, е оптоварена со превисоки емисии на жива. Звучи противречно, но така е. Во Европа поголеми емисии на тој тежок метал има само во Полска и Грција.

Најголеми количества жива во атмосферата емитуваат 53-те термоцентрали на погон на јаглен, на кои отпаѓаат 70 проценти. Ова произлегува од студијата на Институтот за екологија и политика (Екопол), нарачана од фракцијата на Зелените во Бундестагот. Термоцентралите, кои учествуваат со 40 проценти во покривањето на потребите од струја во Германија, исфрлаат емисии на жива од седум тони годишно. Посебен удел во тоа имаат 16-те термоелектроцентрали кои користат кафен јаглен.

Сериозни здравствени ризици

Високите гранични вредности на жива се проблематични оти тој течен тежок метал може да предизвика штети по здравјето првенствено на трудниците, доенчињата и малите деца. Од атмосферата живата завршува в море и луѓето главно ја внесуваат преку консумирањето риба. Кога ќе се најде во организмот, живата може да предизвика штети на нервите, а кај бебињата може да го спречи оформувањето на мозокот; освен тоа, таа е можеби и канцерогена. „Живата дури се доведува во врска и со Алцхајмеровата болест“, вели за ДВ Манфред Зантен, експерт за хемија во еколошката организација Гринпис Германија.

Проблемот со емисиите на жива не е нерешлив: „Со специфични технологии можат да се избегнат 85 проценти од емисиите“, пишува Кристијан Теберт, автор на студијата на Екопол.

Quecksilber in Petrischale
Течната жива порано се употребуваше во топломеритеФотографија: picture alliance/WILDLIFE/D. Harms

Во иднина построги гранични вредности за живата

Горната граница за емисии на жива во атмосферата сега изнесува 30 микрограма дневно. Но, тоа ни оддалеку не е доволно, вели Зантен. Од Сојузното министерство за екологија за ДВ велат дека „тоа е многу подобро, отколку во многу други земји“. Во Германија барем има горна граница. Во многу европски земји воопшто не се ни мерат емисиите на жива; актуелните емисии во Германија не се превисоки, тврди портпаролот на министерството. Во 2019. година ќе биде заострена горната граница: во просек во деновите во кои ќе има емисии на жива, таа не треба да надмине 10 микрограма дневно.

Во ЕУ веќе сега има предлог за уште построги правила, според кој - ако биде усвоен - во просек на годишно ниво ќе важат горни граници помеѓу 1 и 10 микрограма по ден, во зависност од тоа дали термоцентралата користи кафен или камен јаглен.

Manfred Santen Greenpeace
Манфред Зантен, експерт за хемија во еколошката организација Гринпис Германија.Фотографија: Greenpeace

Споредби со другите „не се мерило“

Мартин Зантен од Гринпис е ужаснат од фактот дека германските термоелектроцентрали емитуваат седум тони жива годишно: „Тоа е скандал. Ние се’ повеќе го нагласуваме тоа дека сме предводници во чисти технологиии, а потоа одненадеж се покажува дека поради користењето кафен јаглен баш и на стоиме толку добро“. Тоа други земји на ЕУ имаат поблаги гранични вредности или воопшто ги немаат, не е аргумент, смета тој: „Тоа не може да биде мерило“. Зантен забележува дека недостига политичка волја за да се направи навистина решавачкото.

Како позитивен пример се истакнуваат токму САД, кои се попознати како еколошки грешници: дури и по заострувањето, планирано за 2019. година, горната граница во Германија и натаму ќе биде двојно повисока од американската.

Но, кога и да е во иднина ваквите споредби ќе станат излишни, вели Барбара Хендрикс, сојузен министер за екологија во изјава за весникот „Ди Велт“: „Ако сакаме да се придржуваме кон нашите долгорочни климатски цели, мораме да се откажеме од енергија добиена од јаглен. Со тоа ќе исчезне и еден важен извор на загадувањето со жива“.