1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија не ги сака балканските азиланти

Кристоф Хаселбах/бг23 јули 2015

Баварија сака по итна постапка да ги депортира барателите на азил од балканските земји. Критичарите сметаат дека со тоа се повредува законското право на барање азил

https://p.dw.com/p/1G3V6
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Weigel

За баварскиот премиер Хорст Зехофер (Христијанско-социјална унија) проблемот е јасен: околу 40 проценти од барањата за азил во Германија доаѓаат од луѓе од Балканот. Но речиси ниту една од тие апликации не се одобрува. И покрај тоа, бирократите мораат да ја процесираат секоја поединечна апликација, а општините ширум земјата мораат да ги прифатат барателите- иако ресурсите им се целосно истенчени. Според Зехофер, се работи за злоупотреба на системот на азил на големо ниво.

Решението кое тој го нуди за покраината Баварија е поделба на барателите на азил во две групи. Оние со мали шанси да останат во земјата, како Балканците, треба да бидат сместени во посебни кампови во близина на границата. Србија, Македонија и Босна и Херцеговина се сметаат за „земји со безбедно потекло“. Според дефиницијата на германската влада, ова се земји каде луѓето не се предмет на политички прогон, што значи дека нивните граѓани немаат валидна основа за добивање азил.

Баварија бара и Албанија, Црна Гора и Косово да се прогласат за „безбедни“, а дополнително да се провери и дали и некои африкански земји би можеле да го добијат тој статус. Во планираните погранични кампови, барањата ќе бидат процесирани за две недели. Оние кои ќе бидат одбиени, најчесто сите, потоа експресно ќе бидат депортирани.
Зехофер смета дека поделбата на баратели во две категории ќе ослободи средства за оние бегалци на кои навистина им е потребна заштита, како што се бегалците од воените региони на Блискиот Исток.

Deutschland Bayern CSU Horst Seehofer
Хорст ЗехоферФотографија: picture-alliance/dpa/S. Hoppe

Поддршка од имиграциските власти

Сојузната служба за миграции и бегалци која долго ја одбегнуваше дебатата, сега се вклучува со слични аргументи како Зехофер. „Големиот број на безнадежни баратели на азил ги трошат ресурсите кои ни се потребни за луѓето од кризните региони“, изјави неодамна Манфред Шмит, претседател на Службата.
Од следниот месец, неговата служба ќе воведе забрана за повторен влез во Шенген зоната и забрана за населување во Германија за сите на кои ќе им биде одбиено барањето за азил.

Германските градови се генерално задоволни со предлозите на Зехофер. Првиот човек на здружението на германските општини, Герд Ландберг вели дека планот е големо олеснување за многу општини. Тој вели дека годинава повеќе луѓе пристигнале во Германија од Балканот одошто од Сирија- земја која е среде граѓанска војна.

Но баварската влада е цел и на бројни критики од политички, верски и добротворни организации. Генералната секретарка на СПД, Јасмин Фахими го нарече планот на Зехофер „прилично безмилосен“. Тоа е доказ дека Баварија не ги сака бегалците, оцени Фахими за телевизијата Н-ТВ.
Претседателот на Либералите, Кристијан Линднер смета дека партијата на Зехофер е делумно виновна за ширењето ксенофобија во земјата. „Политиките на Зехофер провоцираат социјални предрасуди против бегалците“, вели Линднер. Католичкиот бискуп Норберт Треле предупреди од „реторичка драматизација“ на состојбата. Треле вели дека азилот е „индивидуално човеково право“.

Bildergalerie Flüchtlingsunterbringung in Deutschland
Бегалски шатори во близина на МинхенФотографија: picture-alliance/dpa/A. Gebert

Проблематичен план

Тоа е главната забелешка и на Мареи Пелцер, правен и политички консултант во организацијата Про Азил, особено во однос на дефиницијата „земјите со сигурно потекло“.

„Одлуката дали некое лице било предмет на политички прогон или не, треба да биде резултат на апликациски процес, а не на генерална претпоставка уште пред луѓето да добијат шанса да ги објаснат причините за нивното барање“, вели таа за ДВ.

Хендрик Кремер, истражувач во Германскиот институт за човекови права, исто така го отфрла баварскиот план. За ДВ тој вели дека „вметнувањето на луѓето во категории или нивно филтрирање поради земјата на потекло не е во согласност со законите за азил.

Пелцер и Кремер велат дека не се против забрзувањето на постапката за азил, но додаваат дека начинот на кој тоа сака да го направи Баварија е проблематично.