1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: На ваков начин, нема да успееме!

Феликс Штајнер/превод: Ж.А.12 јануари 2016

Во Германија владеат хаотични денови. Летоска почнавме да експериментираме. Во меѓувреме во бегалската политика веќе чади. Политички, ние лавираме на работ на внатрешна вонредна состојба, смета Фолкер Вагенер.

https://p.dw.com/p/1HbPZ
Фотографија: picture-alliance/dpa/A.Weigel

Листата на гревови во германската бегалска политика станува се‘ подолга. Ако почетокот на прифаќањето бегалци летоска се‘уште имаше во себе нешто благородно, засновано на високо моралното чувство за правење добри дела кон луѓето, во меѓувреме во политички Берлин владее паника. Сите политички партии во Бундестагот, дури и Зелените и Левицата, едногласно бараат „остар одговор на правната држава“, зборуваат за протерување на напаѓачите и носење построги закони. Притоа, малку од тоа е применливо, на пример, поради поделбата на власта на законодавна, извршна и судска, ниеден судија нема да дозволи да добива упатства за постапување од политиката. А протерување на бегалци не е можно без претходна судска одлука.

Основниот проблем останува тоа што германската влада се откажа од контролата врз германските граници. И натаму секојдневно реки од илјадници луѓе влегуваат во земјата, без да се регистрирани и кои никој не ги прашува од каде тие всушност доаѓаат.

Не знаеме кој се‘ е меѓу нас

На тоа се надоврзува што германската влада очигледно ги затвора очите пред прашањето - дали меѓу милион новодојденци можеби има и терористи. Владата притоа ужива поддршка од малцинство добронамерни апологети во медиумите и политичкиот естаблишмент. Но, и самиот, во последен момент осуетен, напад со сатар од страна на еден арапски симпатизер на Исламска држава пред полициска станица во Париз, ја откри слабата точка: ние не знаеме кого имаме во земјата. Исламистот последно живеел во сместувалиште за баратели на азил во Северна Рајна Вестфалија, претходно отслужувал казни во германски затвори и жонглирал со седум различни идентитети. А нам тоа не ни беше познато.

Wagener Volker Kommentarbild App
Фолкер Вагенер

Во меѓувреме, дури и на последниот мултикулти романтичар мора да му е јасно дека масовниот прилив на млади мажи од северно африканскиот и арапски свет, го загрозува внатрешниот мир во Германија. И тоа не од причина што тие стојат под генерално сомнение како терористи или криминалци, туку зашто и самата бројност на новодојденците уште повеќе ја зголемува делумно неуспешната интеграција на „старите“ мигранти во земјата. Само во математиката минус и минус даваат плус.

Се наоѓаме среде политичко-емоционална промена на климата. Расположението во Германија се менува и тоа рапидно. Чувството дека сме жедни пренесени преку вода, ги труе веќе и онака обеспокоените луѓе на улиците, општините, политички Берлин. Не само во Келн, туку и на други места се извртувани и премолчувани голи факти. И тоа постојано според девизата: по никоја цена да не се воспостави врска меѓу масовните криминални и сексуални напади, кои не се случија само во Келн, и бегалската политика на сојузната влада. Сосем е јасно: стравот од тоа да се изгледа како ксенофоб бил поголем од загриженоста од губење на државната контрола. Постојано се следел ист урнек на однесување: едноставно не може да биде она, што не смее да биде!

Светските прваци во ред и дисциплина се преоптоварени

Сосем патемно, Келнската новогодишна ноќ покажа и уште еден проблем: токму ние Германците, светски прваци во спроведување ред и контрола, грандизоно потфрливме во организацијата. Набљудувачите на Балканот, гледајќи ги деновите на хаос во Германија, со чудење си ги тријат очите поради толкавата неспособност. Стотици илјади несработени барања за азил, никакви гранични контроли, никакво регистрирање. Но затоа, многу добри намери, лековерност и наивна надеж дека се‘ ќе биде добро.

Одамна е јасно: нешто мора да се преземе. Министерот Герд Милер на среден рок веќе најавува доаѓање на осум до десет милиони бегалци. Човекот би требало да ги познава работите, зашто стои на чело на ресорот за развојна помош и ги има во вид оние во Африка и во Азија кои веќе седат со спакувани куфери. Моментно, незамислив е некој концепт за бегалците на ЕУ-рамниште. Конјуктура има принципот на затворени врати. Никој, сеедно дали Полска, Велика Британија, Франција или Унгарија, нема да ни помогне. Мораме да се потпреме самите на себе. За почеток, потребна е искреност. Ние сме преоптоварени и ќе бидеме уште повеќе, ако не го закочиме приливот. Мораме да се одлучиме дали сакаме да го спасиме Шенген, односно принципот на отворени граници или германското уникатно, индивидуално право на азил. Двете работи заедно не се можни.