1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија „лови“ воени злосторници меѓу бегалците

Бенџамин Најт/бг16 април 2016

Германската полиција добива десетици извештаи за потенцијални воени злосторници меѓу бегалците, јави германскиот јавен сервис. Најмалку еден осомничен воен злосторник досега е уапсен, а отворени се 13 истраги.

https://p.dw.com/p/1IThe
Фотографија: picture alliance/ZUMA Press/M. Dairieh

Германската криминалистичка служба (БКА) добива меѓу 25 и 30 извештаи за воени злосторства секој ден од страна на бегалците кои пристигнуваат во земјата, јави германскиот јавен сервис. Од одделот за воени злосторства на БКА, сместен во малото гратче Мекенхајм во близина на Бон, за „Хесише рундфунк“ велат дека не биле подготвени за „толку масовни пријави“, и дека морале да побараат засилување за да се анализираат тврдењата на бегалците.
Околу 2,800 сведочења веќе се регистрирани во Германија, а најголемиот дел од информациите се собрани преку рутинските разговори со барателите на азил кои ги води Сојузната служба за миграции и бегалци (БАМФ).
Но, од БКА признаваат дека само мал дел од извештатите биле придружени со доказен материјал- дополнет со фотографии или други сведоци- и дека многу извештати се темелеле само врз гласини. Сепак, БКА потврдува за ДВ дека отворила 13 истраги врз база на сведочењето на бегалците.

Оддел за воени злосторства

Стандардниот прашалник на БАМФ за сите баратели на азил од Сирија опфаќа прашања дали бегалците се бореле во сириската армија или биле членови на други безбедносни служби, дали биле сведоци на потенцијални воени злосторства, вклучително и употреба на хемиско оружје, и дали поседуваат каков било доказ за такво нешто. Одговорот на овие прашања е по избор, а БМАФ автоматски ги препраќа одговорите до германската полиција.
Дел од полициските истраги веќе произвеле резултати. Минатата среда, Сириецот Ибрахим Ал Ф. беше уапсен во регионот на Вестфалија под сомнение дека извршил воени злосторства. Се верува дека овој 41-годишник предводел милиција од 150-лица во градот Алеп која се борела како дел од Слободната сириска армија од 2012 година наваму и притоа ограбувала повеќе населби во градот. Тој е обвинет дека надгледувал измачување на повеќе затвореници- лично измачувал најмалку двајца- и барал откуп за нивното ослободување.

Syrien Aleppo Bürgerkrieg
Меѓу уапсените е и поранешен командант на бунтовниците во АлепФотографија: picture alliance/abaca

Властите низ цела Европа исто така се во потрага по потенцијални воени злосторници меѓу стотиците илјади бегалци кои пристигнуваат на континентот, бегајќи од конфликтите во Сирија, Ирак и други делови од светот. Кон крајот на февруари, холандското министерство за правда соопшти дека идентификувало 30 осомничени, меѓу нив 10 Сиријци, меѓу бегалците, иако многу од осомничените биле и од други земји како Еритреја, Нигерија, Судан и Грузија. Новинската агенција АФП јави дека во слична истрага на холандските власти во 2014 година биле идентификувани 50 осомничени за воени злосторства.

Гласини на социјалните медиуми

Стотици гласини и ужасни слики од сириската војна во меѓувреме кружат на социјалните мрежи. Но активистите за човекови права се обидуваат да соберат конкретни докази. Абдул Карим Рехави, кој раководи со организацијата Сириска лига за човекови права, добил азил во Германија откако бил измачуван во притвор на режимот на претседателот Башар Ал Асад. Рехави, кој сега живее во Франкфурт, на БКА и предал листа од 150 потенцијални воени злосторници. Според извештај на државната ТВ, АРД, осомничен член на „Исламската држава“ бил уапсен во декември 2015 како резултат на информациите од Рехави. Но осомничениот бил пуштен по распитот.
„Германците примија многу Сиријци, и мораат да бидат заштитени од можноста овие луѓе повторно да извршат злосторства“, изјави Рехави за АРД.