1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија има потреба од закон за доселување

Александер Кодашеф / превод: З. Јордановски1 јуни 2016

Германија нема доволно подмладок. Ако земјата сака да ја одржи благосостојбата, тогаш мора да прифати доселување, но селективно и контролирано, смета Александер Кудашеф.

https://p.dw.com/p/1IxoM
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Hoppe

Германија, конечно, доби закон за интеграција. Германија, конечно, се обидува да ги регулира правата и обврските на доселениците. Германија, конечно, согледува дека мора да се погрижи за интеграција на доселениците. Во таа смисла – конечно – усвоениот закон за интеграција е историска пресвртница. Тука се во право канцеларката и владата. И, конечно, во Германија сериозно се размислува што треба да направат доселениците, што треба да се очекува од нив.

Но, и овој закон за интеграција, кој многу доцни, не е замена за еден закон за доселување, кој е неопходен. Во поранешните векови Германија беше земја од која луѓето емигрираа, но одамна таа стана цел на миграција. Многумина не сакаа да го согледаат тоа, многумина сакаа да го потиснат тој факт. А доселеници ѝ се потребни на Германија, оти овде се раѓаат премалку деца. Недостасува подмладок – во стопанството, индустријата, истражувањата, науката, кај стручната работна сила и инженерите. Ако Германија сака да си ја зачува благосостојбата, мора да прифати доселување – но селективно и контролирано.

Неопходниот закон за доселување мора да регулира три работи: саканото доселување, правото на азил (за прогонувани опозиционери, дисиденти, писатели, активисти за човекови права, припадници на особено загрозени малцинства), како и правото за бегалци (кое ќе гарантира привремено прибежиште – додека трае војната или слични катастрофи). Правото на азил не мора да се менува. За прогонетите има азил. Но, тоа на смее да биде причина за негово изигрување – за легални или илегални доселеници. Ова јасно го покажува фактот дека годишно само на неколку илјади лица им се одобрува азил во класична смисла на зборот, а истовремено стотици илјади луѓе доаѓаат во земјата и бараат азил. Кој го поткопува правото на азил и го користи за се‘, во крајна линија го разорува тоа право.

Kudascheff Alexander Kommentarbild App
Александер Кудашеф, главен уредник на ДВ

Сосем е поинаку со саканото доселување. Тука Германија вели - ни требаат лекари, програмери, германисти, физичари, етнолози, учители, хемичари, машинопроизводители – и нив ги бараме во целиот свет, од Нов Зеланд до Шпанија. Затоа што ни се потребни, оти сакаме да дојдат, ние, покрај работно место, им нудиме и обезбеден регуларен престој. Тие доселеници можат бргу да станат и Германци, ако сакаат. Мора да биде само по себе разбирливо на универзитетот во Росток да има германист од Индија, како и африкански свештеник во Горна Баварија или боливиски инженер кај Мерцедес.

Остануваат уште бегалците. Тука никој не може да знае колку долго ќе трае војната или граѓанската војна од која побегнале. Доволен е само примерот на Сирија. Бегалците, според меѓународното право, добиваат статус за престој. На нив се однесува новиот закон за интеграција. Во најдобар случај тој ќе ги наведе добро да научат германски и овде да работат, а за младите, сосем младите, содржи и шанса од бегалци да станат доселеници. Тука Германија е исправена пред голем, долготраен тест за докажување. Ова ништо не менува во потребата на германското општество од сакани и селектирани доселеници, а за тоа е потребен закон за доселување, што се бара со години. Големата коалиција би морала да успее да го донесе.