1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија и Турција „ужаснати“ од страдањата во Алепо

Б. Георгиевски/афп9 февруари 2016

Германската канцеларка Меркел во уште еден обид да се најде решение за бегалската криза, во Анкара вети поголем ангажман во сириската криза и помош за Турција.

https://p.dw.com/p/1Hrpw
Фотографија: Reuters/U. Bektas

Германија и Турција ќе ги удвојат дипломатските напори за ставање крај на борбите околу сирискиот град Алепо и за спречување на напливот на бегалци кон Европа.

По средбата со турскиот премиер Ахмет Давутоглу во Анкара, германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека „не само што е вознемирена, туку е ужасната“ од страдањето кое го предизвикува бомбардирањето во Сирија, особено од страна на Русија.

Меркел најави дека Турција и Германија ќе притискаат во ОН сите страни да ја почитуваат резолуцијата од декември со која се бара итен прекин на нападите врз цивили во Сирија.

Главната тема на посетата на Меркел на Анкара беше намалувањето на бранот мигранти кон Европа, најголемиот дел од кои го користат опасниот поморски премин меѓу Турција и Грција. Нејзината посета се случува во период кога сириската армија помогната од Русија презема голема офанзива околу градот Алепо кој е под контрола на бунтовниците. Најмалку 35 илјади Сиријци пристигнаа на границата со Турција во изминатите денови. Турција веќе прими 2,5 милиони бегалци од почетокот на конфликтот, и властите велат дека е достигнат максимумот. Границата кон Сирија е затворена веќе четврти ден.

Алепо пред катастрофа

Хусеин Бакри, претставник на привремената влада на сириската опозиција вели дека повеќе од 70 илјади луѓе ги напуштиле своите домови во Алепо и побара од меѓународната заедница да ги заштити од руското бомбардирање.

„Доколку состојбата продолжи, ќе доведе до бегство на 400 илјади луѓе од провинцијата и од градот Алепо“, рече Бакри. „Јасно е дека Русите се обидуваат да го обиколат и да опседнат Алепо како што сторија во други градови“.

ЕУ бара од Турција да ја отвори границата и да им дозволи влез на илјадниците кои бегаат од Алепо. Но турскиот вицепремиер Нуман Куртулмус изјави дека приоритет е Сиријците да останат во границите на нивната земја и таму да им се даде помош.

„Доколку падне Алепо, милиони луѓе ќе тргнат кон Турција“, вели Јасер жител на Алепо. „Ѝ благодариме на Турција која ни помогна повеќе отколку нашите арапски браќа но бараме да се отвори границата во двата правци“.

Во Анкара, Меркел и Давутоглу најавија дополнителни мерки за справување со бегалската криза, вклучително и можноста за заедничка соработка на турските крајбрежни сили и агенцијата на ЕУ- Фронтекс. Меркел најави дека на следната средба на НАТО министрите за одбрана ќе се дискутира и за начините на кои НАТО може да помогне во контролата на крајбрежјето.

Меркел и понатаму инсистира дека Европа може да прифати „квоти“ на бегалци кои на легален начин би пристигнувале како дел од „поделбата на товарот“, и дополни дека тој систем наскоро треба да се разработи. Таа најави и дека наскоро ќе почне исплатата на ветените три милијарди евра на Турција за помош во кризата.
Во ноември Турција се согласи да ја засили контролата на шверцерските рути и да ја запре илегалната имиграција. Во замена, ЕУ вети парична помош и политички концесии за Турција, вклучително и олеснување на визната регулатива за нејзините граѓани.