1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: затвор за снимање несреќи на автопат

Џеферсон Чејс
28 јули 2017

Во Германија има се повеќе љубопитни кои ги сликаат сообраќајните несреќи и сликите ги поставуваат на социјалните мрежи. Притоа им пречат на итната помош, на полицијата и пожарникарите.

https://p.dw.com/p/2hHwe
Symbolbild Gaffer
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Woitas

Кога на автопатот владее застој, патеката за возила на полицијата, итната помош и пожарникарите се формира на средина на патот за тие возила да можат да минат до местото на несреќата. Доколку се работи за автопат со три ленти во еден правец, преминот се формира меѓу левата и средната лента. Тоа значи дека возилата кои се на левата лента треба да се стиснат до заштитната ограда лево, а возилата од средната лента да се приближат до оние кои се на десната лента. Тоа е една од првите работи кои се учат во автошкола. Но, во пракса за тоа правило сѐ поретко се води сметка, а тоа има фатални последици.
Па така пред неколку дена во баварскиот Швајнфурт во сообраќајна несреќа загина една 23-годишна жена- а полицијата поднесе пријави против 13 лица кои ги спречувале спасувачите да пријдат до местото на несреќата. Се работи за возачи кои направиле застој во спротивните ленти на автопатот бидејќи преку средишната банкина ја виделе несреќата и застанале- за да фотографираат со мобилните телефони. Притоа, заборавиле дека полицијата, итната помош и пожарникарите на местото на несреќата честопати доаѓаат токму од спротивната страна на автопатот, доколку е тоа побрзо и поблиску, и доколку во близина се наоѓа излез од кој лесно можат да се префрлат на страната на која се случила несреќата.

Како би се чувствувале вие?

Symbolbild Autobahn Unfall Gaffer
Фотографија: Imago/J. Tack

Локалната полициска управа по тој повод објави апел во кој се вели: „Ве молиме да го почитувате достоинството на загинатите и повредените луѓе и да не го фотографирате местото на несреќата за да ги поставувате тие фотографии на социјалните мрежи. Покрај опасност во таков случај и самите да престанете да внимавате на сообраќајот и да предизвикате нов судар, размислите и за тоа како би се чувствувале кога таков судир би му се случил на Вашето семејство или пријателите? Како би се чувствувале кога на социјалните мрежи би дознале дека некој од тие луѓе загинал?“

Несреќата во Швајнфурт не е осамен пример. Неколку дена пред неа, во близина на Лимбург, возачите не направиле премин за спасувачите и еден од нив дури и вербално го нападнал возачот на итната помош. Ден претходно, во Нирнберг, 20 возачи кои сликале една несреќа го спречиле преминот на спасувачите на местото на несреќата. На почетокот на јули, 18 луѓе загинаа во запален автобус во близина на Минхберг, а пожарникарските возила се пробивале до местото на несреќата значително побавно одошто било потребно бидејќи многу возачи не им направиле простор.

Чувство на одговорност

Го губат ли германските возачи чувството за одговорност? Портпаролот на министерството за сообраќај Себастијан Хиле вели дека, иако министерството нема конкретна статистика за тоа, субјективниот впечаток е дека состојбата е многу полоша од порано, токму поради тоа што се повеќе луѓе со своите телефони прават и поставуваат фотографии на интернет.
Од министерството нагласуваат дека попречувањето на итната помош, полицијата и пожарникарите е тешко кривично дело. „Блокирањето на преминот не е лесен прекршок“, вели Хиле.
Досега казнувањето на ваквите престапи беше благо, но отсега, тоа се менува. Германскиот министер за сообраќај Александер Добринт по автобуската несреќа кај Минхберг најави дека казната за блокирање на преминот на автопат ќе се зголеми од 20 на 200 евра, со автоматско внесување негативни поени во возачката дозвола. А новиот закон, кој сега се разгледува во Бундесратот, предвидува казна затвор до една година за фотографите-аматери кои поставуваат снимки од сообраќајни несреќи на социјалните медиуми.
Неделава, баварското министерство за сообраќај и најголемиот германски автомобилски клуб АДАЦ започнаа голема јавна кампања со која се укажува на опасноста од споменатото несовесно однесување на автопатиштата. Дел од кампањата е и информаторот за странски возачи за тоа како треба да се однесуваат на германските патишта. На пример, преминот за спасувачките возила не треба да се прави дури откако ќе се слушнат сирените и ќе се здогледаат ротационите светла, туку веднаш откако ќе се направи застој. А снимањето на сообраќајките за социјалните мрежи е забрането.

Rettungsgasse
Возачите мораат да им направат место на спасувачките службиФотографија: picture-alliance/rtn/P. Wuest