1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија ги затвора рудниците за јаглен

Клаус Дојзе/З. Јордановски18 декември 2015

Денеска престана со работа еден од трите преостанати рудници за јаглен во Германија-„Аугусте Викториа“ во Марл, по 116-годишна експлоатација. За производство на струја Германија ќе користи исклучиво јаглен од увоз.

https://p.dw.com/p/1HQ1a
Фотографија: RAG

Одамна поминаа времињата кога јагленот имаше сјај на злато. Кон крајот на 50-те години на минатиот век во Германија имаше 153 рудници за камен јаглен со повеќе од 600.000 рудари, годишната експлоатација изнесуваше 125 милиони тони и оваа бранша имаше значителен удел во подемот на германското стопанство. Во наредната декада почна затворањето на дел од јагленокопите.

Едно од големите социјално-политички постигнувања беше дека досега ниеден рудар не беше отпуштен од работа кога беа затворани рудниците. Така ќе биде и сега: многумина од јамата „Аугусте Викториа“ ќе преминат во рудникот „Проспер Ханиел“ во ближниот Ботроп, а некои ќе одат во предвремена пензија.

Целокупната опрема од рудникот ќе се продава

За неколку стотици од вработените ќе има работа и во наредната година: тие ќе го подготват одводнувањето на јамите и ќе ги изнесат на површината вредните машини кои се внатре. Тие машини потоа ќе бидат понудени на продажба, како што беше и претходно случај со опремата на рудниците кои беа затворани. Интересенти за нив од странство има доволно: „Во Турција продаваме многу од користената опрема, како големи постројки за вентилација на јамите, машини за копање и слично. Опрема продаваме и во Полска, Чешка, Русија, Украина, а со намера сме да ја приклучиме и Австралија“, вели за ДВ Мартин Јункер, раководител на „РАГ мајнинг солјушнс“, фирма која ја врши продажбата.

Сега на продажба ќе биде понудена комплетна подземна опрема на еден рудник. Германската технологија ужива висок углед во странство, но „РАГ мајнинг солушнс“ нуди и многу повеќе отколку само користена опрема: „Ние во принцип нудиме совети за комплетен ’животен‘ циклус во рударството - од откривањето, преку проценка на наслагите на јаглен, па се’ до планирање на рудник“, вели Јункер.

Германија го снабдува светот со опрема за рударството

Германското ноу-хау, како и производите на германската машиноградба наменети за рудници, се барани во светот независно од тоа дека земјата се откажува од натамошна експлоатација на јаглен. Денес производителите на машини и опрема за рударството со извоз остваруваат 90 проценти од вкупниот годишен промет, кој изнесува повеќе од 4 милијарди евра, вели Паул Рајнлендер, долгогодишен претседател на здружението на тие производители. Големи купувачи се Австралија, Кина, Русија и САД. Машините се произведуваат прилагодени на барањата на муштериите: „Во Австралија во преден план е автоматизацијата, за да се постигне што е можно повисока продуктивност со најмал можен број стручна работна сила. Русија има потреба од особено робустни машини, кои ќе можат да функционираат без посебно одржување. За Кинезите најважна е продуктивноста на машините, односно нивниот капацитет за производство“, вели Рајнлендер.

Steinkohlenbergwerk Augste Victoria in Marl
Рудникот Аугсте ВикториаФотографија: DW/V. Kern

Затворањето на јагленокопите почна одамна

Јагленот останува важен енергетски извор во светски рамки. Политичкото решение Германија да ја напушти експлоатацијата на јаглен беше донесено во 2011. година, а со затворањето на рудникот „Аугусте Викториа“ започнува финалната фаза. Последните два рудника ќе бидат затворени во 2018. година. Во 1980. година уште се вадеа речиси 87 милиони тони камен јаглен, лани беа само уште 7,5 милиони тони, од кои три милиони од „Аугусте Викториа“. До пред десет години во рудниците за камен јаглен во Рурската и Сарската област работеа повеќе од 38 000 луѓе, денес се само околу 8 000.

Прерано е за целосен енергетски пресврт

Германија и натаму ќе користи јаглен за производство на струја. Уделот на електрична енергија добиена од јаглен во Германија изнесува 18 проценти. По затворањето на преостанатите два рудника во 2018. година, целокупните потреби од јаглен Германија ќе ги обезбедува од увоз. Тој сега изнесува просечно околу 50 милиони тони годишно. И тоа ќе потрае, оти во 2022. година дефинитивно треба да бидат исклучени од погон и последните атомски централи, а за комплетен премин кон користење енергија од обновливи извори треба уште време.