1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија ги заострува законите за азил

Хајнрих Кизел/ Ж.А.30 септември 2015

Побрзи и поостри постапки за добивање азил би требало да ја ублажат бегалската криза во Германија, се надева владата, предлагајќи итен закон. Но, неговиот успех е под прашалник.

https://p.dw.com/p/1GfpB
Фотографија: DW/G. Matthes

Сојузот и покраините се под притисок-оваа и идната година во Германија се очекуваат повеќе од 800.000 бегалци. Миграционите движења не се изненадување за познавачите на состојбите, но на политички план досега отсуствуваат убедливи одговори на нив. Германската влада се смета за принудена да реагира со предлог-закон.

Што се крие зад итниот закон?

На самитот на 24 септември сојузот и покраините се договорија околу односот кон бегалската криза. Тогашните заклучоци го претставуваат темелот на актуелниот предлог закон, усвоен синоќа од владата. Станува збор за подобра распределба на трошоците предизвикани од мигрантите, поефикасен однос кон барателите на азил.

Поради акутноста на ситуацијата, законските измени за азилот треба да бидат донесени по итна постапка, тој треба да се најде на гласање во Бундестагот и сите надлежни тела до крајот на октомври, со цел да почне да важи веќе од 1. ноември. Времето притиска уште повеќе што идната година се одржуваат покраински избори во пет покраини, а темата бегалци ќе биде една од најважните во изборната кампања.

Завист и „заведувачки погрешни поттици“

Во германските кафеани често се дискутира околу наводниот луксуз кој ги очекува бегалците во Германија. На секој барател на азил му следуваат услуги во вредност меѓу 287 и 359 евра, како и џепарлак од 143 евра. Во политичките дискусии, во овие пари се гледа причината што толку многу бегалци доаѓаат во Германија. За владата, тие се уште полошо од „поттик“, тие се „погрешен поттик“. Според плановите на германската влада, барателите на азил, што е можно поскоро, веќе не би требало воопшто да добиваат пари на рака. Оние кои аплицираат за азил треба во максимална мерка да бидат згрижувани преку директно пружање услуги и производи. Ваква постапка беше воведена и порано, но беше укината зашто се увиде-тоа значи зголемен административен и организациски ангажман и е прилично поскапо. Планираната промена, значи, финансиски гледано, би претставувала еден вид автогол за Германија.

Повеќе безбедни земји на потекло-заштеда од 10 минути по апликација

Посебно луѓето од Западен Балкан кои бараат азил, често се под сомневање за целно доаѓање во Германија токму поради паричната помош. Во иднина тоа ќе биде речиси невозможно по прогласувањето и на Косово, Албанија и Црна Гора за безбедни земји на потекло. Ваквата класификација на наведените земји овозможува забрзана обработка на барањата за азил од нивните државјани. Но, станува збор само за симболичен потег. Стручњаците тврдат- ќе се „ќарат“ само десет минути по апликација, зашто и натаму секое барање за азил мора да биде индивидуално проверено. Германската влада „пожнеа“ критики и поради рангирањето на „безбедните земји на потекло“, зашто се нејасни критериумите за него. Многумина се прашуваат: како е можно Бундесверот да биде ангажиран на Косово, ако таа земја важи за безбедна?

Добитници

Административните постапки за азил треба да бидат забрзани преку подобро финансиско и персонално зајакнување на надлежните служби.Тоа би водело кон пократок период во кој на бегалците ќе им биде јасна нивната иднина. Оние кои ќе бидат одбиени, ќе можат побрзо да бидат депортирани. На логорите за централно сместување притоа се гледа како на логистичка поддршка.

На барателите на азил и тие со статус „Дулдунг“, односно „толерирани“, кои имаат добра перспектива за добивање позитивен одговор, според плановите на владата, им следуваат курсеви за интеграција. И стопанството може да профитира, зашто пазарот на работна сила ќе биде отворен за оние кои се интегрираат. „Забраната за работа за барателите на азил и ’толерираните’ отпаѓа по три месеци, ако станува збор за квалификувани кадри“, се вели во предлог-законот. Помалку квалификуваните можат да работат дури по 15 месеци. Од кругови на Христијанско-демократската унија на канцеларката Ангела Меркел веќе сега се бара барателите на азил да подлежат на поолабавени правила за минималната плата. Така, бегалците ќе можат да бидат ангажирани како уште поевтина работна сила.

Согласноста на покраините за законот им се „засладува“ со сума од 2,68 милијарди евра за згрижување на бегалците за 2016 година. Освен тоа, од сојузот тие ќе добијат дополнителна половина милијарда евра за изградба на социјални станови. Меѓутоа, согласност треба да биде дадена и во покраинските тела во покраини каде владеат партии кои на сојузно ниво се во опозиција. Останува неизвесно дали законот навистина ќе биде донесен толку брзо и во форма која ја посакува германската влада.