1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Геншер беше мајстор на дипломатијата

Верица Спасовска / превод: СН2 април 2016

Архитект на германското обединување и остроумен тактичар. Ханс-Дитрих Геншер, шеф на германската дипломатија со рекорден стаж, беше личност која ја одбележа повоената историја на Германија, смета Верица Спасовска.

https://p.dw.com/p/1INxG
Фотографија: picture-alliance/dpa/S.Hoppe

Во колективното сеќавање на Гермаците е длабоко врежана познатата сцена со балконот на западногерманската амбасада во Прага, кога Геншер на илјадници граѓани на ГДР им рече: „Дојдовме да ви соопштиме дека вашето излегување од земјата...“- остатокот на реченицата се разлеа во френетичните извици на луѓето кои со денови кампуваа во дворот на амбасадата за да изнудат можност да излезат од источниот блок.

Тоа обраќање беше круна на брилијантната дипломатска акција, која подоцна ќе се смета за многу важен момент на патот кон германското обединување. Геншер претходно со неуморно агитирање успеа да се избори за правото на граѓаните на Германската Демократска Република (ГДР) да ја напуштат земјата, со жилаво и рафинирано преговарање. И тоа се исплатеше - на бегалците од амбасадата во Прага им беше дозволено да отпатуваат и тоа ја забрза ерозијата на ГДР- Геншер со својата дипломатска умешност ја овозможи таа динамика.

Бегалците од ГДР стигнаа до врвот на германската политика

За германскиот министер за надворешни работи, роден во Хале, во источна Германија, тоа беше „најсреќен момент“ во неговото политичко работење. Но, во неговата професионална биографија имаше и поинакви моменти, како оние за време на драмата со заложниците на Олимписките игри во Минхен, кога не успеа ослободувањето на израелската олимписка репрезентација од рацете на палестинските терористи. Тогаш Геншер сѐ уште беше министер за внатрешни работи и одговорен за неуспешниот обид за ослободување. Дури по преминувањето на функцијата министер за надворешни работи започна неговата извонредна политичка кариера. На функцијата беше 18 години, беше и вицеканцелар, прво во коалицијата со социјалдемократите на Хелмут Шмит, а од 1982. година и со христијанските демократи на Хелмут Кол.

Spasovska Verica Kommentarbild App
Верица Спасовска

За многу Германци Геншер, кој во Бундестагот седеше 33 години, секогаш беше сеприсутен неуморен дипломат кој патуваше по светот и со неверојатна енергија ги застапуваше германските интереси. Карикатуристите- поради специфичните уши- го нарекоа „Дамбо“, а сатиричниот магазин „Титаник“, по пример на Бетмен, го нарече „Геншмен“- спасувач на светот. Меѓу Германците Геншер беше популарен - со години впрочем беше најомилен политичар. Меѓу останатото и поради тоа што имаше талент да препознае и искористи историски шанси. Така со своите настојувања да се помири со Источна Европа, посебно со ГДР и Советскиот Сојуз, ги постави темелите за германско обединување. Неговата посредничка политика прво беше критички наречена „Геншеризам“, но потоа му донесе признание.

Остри критики поради Југославија

Неговата политика кон Југославија долго беше спорна. Поради прераното признавање на независноста на Хрватска за време на војната во Југославија во 1991. година, се најде на мета на многу критики. Се зборуваше дека тоа им помогнало на центрифугалните сили на федералната југословенска држава. Но, во Хрватска му беа благодарни. Таму и денес плоштади и улици го носат неговото име.

Геншер со децении беше и меродавна големина во германската внатрешна политика. Како долгогодишен претседател на Партијата на слободни демократи (ФДП) тој на оваа мала партија ѝ овозможи големо политичко влијание.Оваа партија одвај успеваше да го надмине цензусот од 5 проценти, но речиси 30 години како помал коалициски партнер учествуваше во работата на владата.

Во 2013. година покажа дека има силно влијание, иако тогаш веќе долго не беше активен во политиката. Тогаш му успеа противникот на Путин, Михаил Ходорковски, да го извлече од руски затвор и да го донесе во Берлин. Адвокатите на Ходорковки, тогаш 86-годишниот мајстор на тивката дипломатија, го замолија за помош.

Со Ханс-Дитрих Геншер замина еден од најголемите германски повоени политичари. Неговата дипломатска работа никогаш нема да биде заборавена.