1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гасификација-предизборен „бонбона бизнис“!?

Костадин Делимитов19 септември 2016

На Македонија и‘ треба гасификација, но дали и предизборен „дил“ за бизнис тежок стотици милиони евра? Планот на власта во најмала рака е политички некоректен и фрла сомнеж за можна корупција, предупредуваат експерти.

https://p.dw.com/p/1K4jg
Фотографија: Reuters

Македонија ќе се гасифицира! По повеќе години подготовки и неколку одложувања, владата објави мега проект за чија реализација периодов ќе биде објавен тендер за јавно приватно партнерство. Ќе се бара инвеститор кој ќе ја гради дистрибутивната мрежа со која за возврат ќе стопанисува во наредните три децении. Дополнително за концесионерот ќе се обезбедат и одредени субвенции, а за граѓаните попуст за приклучокот, наместо 100, сега тој ќе чини 80 евра.

По два неуспешни тендера, ова е трет обид на власта да го истурка овој проект кој нема дилеми дека е од голема важност за државата. Но дали и толку ургентен за набрзина да се договори и парафира пред избори?

Власта тврди дека проектот подолго време е подготвуван од експерти и е во интерес на граѓаните и бизнисот. Опозицијата пак предупредува од масовна предизборна корупција со бизнис тежок стотици милиони евра!

Дел од експертската јавност се сомнева и предупредува дека е потребна сериозност:

„Политички некоректно е во ваква една ситуација да се посегнува по еден ваков мега проект. Амбиентот е многу специфичен. Претстојат избори, имаме политичка нестабилност, а и институциите функционираат само технички. Ова е пресериозна работа и не смее да не ја следи максимална транспарентност. Буквално станува збор како да чепкате во ЕЛЕМ или некој друг структурен базичен проект. Затоа сметам дека е неопходна отворена и целосно транспарентна процедура, дебата и вклучување на се што е креативно и стручно на ова поле во државата“, смета Драган Малиновски, адвокат и поранешен антикорупционер.

Колку е неопходен ваквиот процес според него доволно покажуваат проблематичните искуства од минатото:

„Тоа се капитални проекти и односите кои ќе се воспостават имплицираат многу сериозни последици за граѓаните и за стопанството. Да се сетиме само на договорот со ОКТА. Што се случи, плаќавме пенали и влеговме во дилови кои многу оптоваруваат на долги стази“, предупредува Малиновски.

Synmbolbild Gas Pipeline
Фотографија: Fotolia

Концептот се води од погрешна основа

За каков бизнис станува збор доволно зборува фактот дека само изведбата на дистрибутивната мрежа би чинела над 150 милиони евра. Многукратно повеќе ако се додадат и средствата за инсталирање на потребната техничка опрема во објектите за домување и фирмите, нивното одржување и сервисирање. Експертите од областа немаат дилеми дека Македонија треба и мора да се гасифицира, но спорат околу начинот на кој се води целата постапка:

Митко Андреевски, експерт и консултант за енергетика предупредува дека во политичка криза не може да се очекува сериозен инвеститор кој би инвестирал сериозни финансиски средства. Целиот концепт според него се води на погрешна основа за што експертската јавност веќе подолг период предупредува:

„Се инвестираат 180 милиони долари во магистрални гасоводи кои поминуваат покрај големи општини, а тие не ги користат. А сега се планира гасоводна мрежа на три региони, наместо да се оди постепено и паралелно со изработка на физибилити студии и анкети и таа да се изведува онаму каде има потреба. Целиот процес да се надополнува и да оди паралелно. Се прашал ли некој што би се случило со топлификационата мрежа ако се гасифицира центарот на Скопје. Тоа би било погубно за топлификација, за термоелектраната Те-То која инвестираше 150 милиони евра. Или на пример во Битола, каде во иста година се зема кредит од 47 милиони евра за топлификација од РЕК Битола, а во исто време се прави тендер и за гасификација. Целиот процес е наопаку и фрла сомнежи, три месеци пред избори, сериозно ги доведува во прашање подготвеноста и чесноста на намерите“, смета Андреевски.

Смешни се, вели тој и најавите за попуст за приклучок од 20 евра ако се знае дека целокупната потребна опрема за еден објект чини околу 1500 евра: „ Да, Владата вели дека ќе субвенционира но бројките мора точно да се соопштат бидејќи тие се неколкукратно поголеми. Но да го сочекаме тендерот и се надевам дека во него се` ќе биде јасно и транспарентно наведено“!

Synmbolbild Gas Pipeline
Фотографија: Fotolia

Да се најде сериозен инвеститор

Дел од експертите предупредуваат дека сериозноста на проектот налага и сериозност при изборот на потенцијалниот инвеститор. Оттука според универзитетскиот професор Константин Димитров е мудро што со продолжен период на концесија се создаваат дополнителни услови за привлекување на сериозен партнер:

„Многу е важно што државата работи и позитивно се поместуваме. Но мора да се најде сериозен инвеститор, некој што има искуство во овој бизнис. Што има веќе изведено, но и оперира со ваков тип дистрибутивна мрежа. И тоа искуство од барем една деценија, а секако и да биде финансиски моќен, бидејќи овој процес е бавен и повратот на средствата е дури по повеќе години. Интензивно ќе се копаат улици ќе се поставува мрежа а познавајќи го нашиот менталитет приклучувањето ќе оди бавно. Но клучно е што ќе се создадат услови за добивање поевтин енергенс за граѓаните и стопанството, но и ќе се отворат и нови работни места“, смета Константиновски.

Опозицијата и власта не спорат само околу плановите за тендерот за изградба на гасоводната мрежа за која во СДСМ предупредуваат дека е увертира за милионски предизборен коруптивен дил. Односите се вжештија уште претходно околу потрошените пари за реализација на проектот магистрални гасоводи. СДСМ реагира дека само за гасоводната траса Клечовце-Штип се потрошени 77 милиони евра, или 55 милиони евра повеќе од физибилити студијата. Власта пак тврди дека се‘ е чисто и обвинува дека СДСМ изнесува лажни тврдења само за да го минира процесот. Дополнително и околу процесот на „минирање“ на проектите гасификација на Струмица и Куманово, единствените општини во земјата кои го заокружија овој процес и за граѓаните.