1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гадафи бара преговори, бунтовниците го стегаат обрачот

28 август 2011

Либиските бунтовници го опколија градот Сирте, родното место на диктаторот Моамер Гадафи. Доколку преговорите со локалните племенски лидери за предавање пропаднат, бунтовниците ќе го нападнат градот.

https://p.dw.com/p/12OyL
По освојувањето на Триполи, бунтовниците продолжуваат во СиртеФотографија: dapd

Бунтовниците соопштија дека нивните борци се наоѓаат на триесетина километри оддалеченост од градот Сирте и се подготвени да го нападнат, доколку преговорите за негово доброволно предавање пропаднат. Се` уште не се знае дали Гадафи се наоѓа во градот. И покрај вчерашните шпекулации дека побегнал во Алжир, постојат верувања дека тој сепак не ја напуштил Либија.

Бунтовниците се собираат во градот Бин Џавад, во близината на Сирте, и чекаат НАТО да почне со бомбардирање на евентуалните магацини со оружје во Сирте. Градот се наоѓа меѓу главниот град Триполи и Бенгази, местото каде почна бунтот против Гадафи.

Гадафи „подготвен за преговори“

Во меѓувреме, новинската агенција Асошиејтед прес пренесува дека долгогодишниот властодржец е подготвен да преговара со бунтовниците за формирање преодна влада. Според агенцијата, тоа го соопштил Муса Ибрахим, портпаролот на Гадафи, додавајќи дека еден од синовите на диктаторот, Ал Саади, треба да ги води преговорите. Ибрахим додал дека Гадафи се наоѓа во Либија.

Точната локација на Гадафи се` уште не е позната, а бунтовниците одговорија дека нема да преговараат, се` додека тој не се предаде.

Superteaser NO FLASH Libyen Kämpfe bei Sirte dauern an
Бунтовниците чекаат да навлезат во СиртеФотографија: picture-alliance/dpa

Силите на Преодниот национален совет целосно го контролираат главниот град Триполи, по тешките борби со трупите лојални на Гадафи. Според организацијата за човекови права Хјуман рајтс воч, со седиште во Њујорк, силите на Гадафи убиле десетици цивили кога бунтовниците навлегле во градот. Организацијата додава дека располага со докази оти Националната гарда убила најмалку 17 затвореници и „неконтролирано пукала во десетици цивили“, додека Триполи паѓал во рацете на бунтовниците.

Тврдењата на организацијата ги потврдуваат и странските новинари во либискиот главен град, кои сведочат за голем број мртви тела на улиците. Преживеаните жители, пак, се соочуваат со големи недостатоци на гориво, вода и електрична енергија, а проблем претставува и сметот, кој со денови не се собира од страна на комуналните служби.

Конференција во Париз

Ситуацијата во Либија ќе биде тема на големата дипломатска конференција во Париз наредниот четврток (1.9.), организирана од францускиот претседател Никола Саркози и британскиот премиер Дејвид Камерон. Се очекува и присуството на генералниот-секретар на ОН, Бан Ки Мун и на претставници на над педесет држави.

Учесниците ќе расправаат за донации за Либија, снабдувањето со храна и гориво, тренинг на полицијата и дипломатско признавање на Националниот преоден совет.

Бунтовниците се надеваат дека западните сили ќе им помогнат со одмрзнување на десетиците милијади долари, кои му припаѓаа на режимот на Гадафи. Досега беа ослободени само мали суми пари за помош на преодната влада.

Автор: Трајче Тосев/дв

Редактор: Е. М. Фиданоска