1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Г20: Обама и Путин се приближуваат

Бернд Ригерт / Е.М. Фиданоска16 ноември 2015

По шокот што го предизвикаа терористичките напади во Париз, почнува придвижување. Обама и Путин на самитот на Г20 се приближуваат со цел терористите да бидат поразени.

https://p.dw.com/p/1H6Oj
Фотографија: picture-alliance/AP Images/Anadolu Agency/C. Oksuz

Групата 20 е единствена во ставот дека војната во Сирија во моментов е еден од производните погони за тероризам и за негов извоз.

Американскиот претседател Барак Обама вети дека ќе ја „дуплира“ борбата против т.н. „Исламска држава“ (ИД), која контролира делови од Сирија и Ирак. Портпарол на Обама истовремено побара преземање поголеми напори од страна на сојузниците во анти-ИД коалцијата, која изведува воздушни напади во Сирија. Рускиот претседател Владимир Путин, кој во одвоена кампања исто така изведува воздушни напади на почетокот на самитот во Анталија рече дека „сега силите мора да бидат здружени“. Обама и Путин одржаа изненадувачка получасовна средба и, како што тврдат очевидци, разговараа интензивно. Двете клучни фигури во сирискиот конфликт очигледно ставија крај на леденото доба.

Веќе самото нивно поздравување од 6 секунди за време на правењето на семејната фотографија од самитот остави многу порелаксирачки впечаток отколку поздравувањето при нивната последна средба во септември, за време на одржувањето на Генералното собрание на ОН во Њујорк. За што точно разговараа двајцата претседатели, кои досега работеа еден против друг во Сирија, и што е заклучено на нивната средба, не е познато. Портпарол на Белата куќа во Анталија меѓутоа рече дека постои единствен став оти е неопходно политичко решение и прекин на огнот во Сирија. ОН би требало да бидат вклучени како посредник.

G-20-Gipfel in Antalya Obama und Putin
Уште поздравувањето покажа дека работите можеби се менуваат: Обама и Путин за време на фотографирањето во АнталијаФотографија: picture-alliance/AP Photo/S. Walsh

Русија досега, исто како Иран, му дава поддршка на сирискиот властодржец Башар ал-Асад. САД, западните држави и Саудиска Арабија бараат тој да си замине од власт. Заедничката борба против ИД би можела можеби да придонесе за приближување на двете страни. „Прво борба против теророт, а потоа грижа за Асад“ би можела да гласи формулата, изјави ЕУ-дипломат на маргините на самитот на Г20. Тука, меѓутоа, улога игра и Турција. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој е домаќин на самитот, исто така изведува воздушни напади во Сирија и Ирак, но и против курдските бунтовници кои Турција ги смета за терористи. Овие курдски борци меѓутоа се снабдуваат со оружје од САД со оглед на тоа што се единствените копнени сили во Сирија кои можат да се борат против ИД.

Меркел: „Сплотени сме“

Германската канцеларка Ангела Меркел од самитот на турското крајбрежје очекува дека ќе биде испратен „силен сигнал“ протв исламистичкиот терор. „Ние сме посилни од секаква форма на тероризам“, рече таа пред новинарите. Таа призна дека Европа би морала подобро да ги заштитува своите надворешни граници, за да се обезбеди регистрација на бегалците од Сирија и да се спречи евентуално влегување на терористи. Во Париз беше обелоденето дека најверојатно еден од атентаторите преку Грција и Србија влегол во Франција прикриен како бегалец.

G-20-Gipfel in Antalya Bundeskanzlerin Merkel
Меркел очекува силен сигнал од самитот на Г20Фотографија: Getty Images/C. McGrath

Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, категорично ги отфрла размислувањата на конзервативните политичари во Европа за промена на бегалската стратегија во ЕУ. „Тоа не ми се допаѓа“, изјави Јункер во Анталија. „Бегалците не се виновни за нападите во Париз.“ Европа ќе остане отворен континент. Луѓето бегаат од исти такви терористи какви што сега доживеа Франција, рече Јункер.

Луксузниот хотел во кој се одржува самитот на Г20 вчера беше цел ден облеан во сонце. Сепак, расположението е мрачно поради нападите во Париз. Турските домаќини ги откажаа сите музички настапи планирани за време на вечерата и друг вид забава. „Од почит кон жртвите“, објасни еден турски дипломат.