1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Г20 во потрага по одговор на теророт

Бернд Ригерт/ Ж.А.15 ноември 2015

На состанокот на Групата Г20, најважните светски политичари денеска во Турција во прв ред ќе се советуваат околу заеднички одговор на терористичките напади во Париз.

https://p.dw.com/p/1H64W
Фотографија: picture-alliance/ZUMA Press

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, домаќин на состанокот на врвот на Г20, темата за борба против тероризмот всушност ја предвиде дури за разговорите за време на вечерата. Но, по серијата напади во Париз, шефовите на држави или влади на економски најважните земји во светот ја имаат уште за време на работниот состанок. Ердоган најостро ги осуди нападите и побара меѓународен договор во борбата против теористите. „Тероризмот нема вера, татковина, раса и нација“, изјави турскиот претседател. Неспорно е дека сите членки на Г20 ја осудуваат Исламска држава како терористичка војска. ИД не изврши напади само во Франција, туку веројатно неодамна го дигна во воздух и рускиот авион во Египет.

Дипломатите собрани во Анталија, каде се одржува состанокот, се надеваат оти американскиот претседател Барак Обама и неговиот руски колега по функција, Владимир Путин, ќе ја искористат приликата за договор околу заедничка стратегија во борбата против ИД и смирување на состојбата во Сирија. Но, засега не е планирана билатерална средба на двајцата државници.

Како натаму во Сирија?

Францускиот претседател Франсоа Оланд го откажа своето присуство на самитот поради терористичките напади во Париз. Сигурно дека Г20 ќе изразат солидарност и ќе му понудат поддршка, но исто така е сигурно дека нема да отидат толку далеку за да прогласат „војна“ против ИД. Сепак, дипломати веруваат во разговори околу интензивирање на нападите на меѓународната коалиција врз позициите на ИД во Сирија и во Ирак.

Frankreich Paris Anschlag Gedenken Le Petit Cambodge
Тага во Париз: каков да биде одговорот против тероризмот?Фотографија: picture-alliance/dpa/T. Bregardis

САД и Русија досега работеа еден против друг во Сирија. Москва го поддржува сирискиот властодржец Башар ал-Асад, во кого европските држави и САД гледаат главен виновник за војната. Прашање е дали сега ќе биде можно надминување на разликите во мислењата за да се тргне заеднички против ИД, а за судбината на Асад да се расправа подоцна.

Од финансиската криза до Сирија

И онака невообичаените мерки за безбедност во местото на одржување на состанокот сега се дополнително зајакнати. Луксузниот хотел во кој се сместени високите гости наликува на тврдина, подрачјето околу него го надгледуваат 12.000 турски полицајци. Единствен учесник на состанокот кој не е сместен во истиот хотел е Обама. Тој останува на американскиот воен брод вкотвен во пристаништето кај Анталија, а од кој по потреба можат да бидат испалени и ракети.

Состаноци на Г20 се одржуваат од 2008 година. Повод за одржување на првиот и вториот самит беше финансиската криза. Но, лани главна тема беше конфликтот во Украина, а оваа година на агендата е Сирија.

Денес ова се долго подготвувани средби на кои претходат подготвителни состаноци и експертски советувања. Огромните трошоци околу „циркусот Г20“ се оправдани, смета британскиот политиколог Тристен Најлор: „Тоа е навистина неверојатен и комплициран собир. Но, само така може да биде организирана ефикасна соработка на глобално ниво.“

Türkei Polizei in Istanbul
Турска полиција во обезбедувачка задачаФотографија: AFP/Getty Images/O. Kose

Посредување меѓу САД и Русија

Турција, која прими околу два милиони бегалци од Сирија, веројатно барем ќе се обиде да посредува меѓу Обама и Путин, предвидува турскиот политиколог Тарик Огузлу. Тој не верува во успехот на обидот, но истакнува дека турската влада е среќна што по руските напади во Сирија, дојде до значителни поместувања. Според Огузлу, Анкара ја иритира поддршката на САД кон Курдите на северот на Сирија, бидејќи Турција се бори против тие исти курдски бунтовници. Но, тие моментно се единствена копнена војска која со успех се бори против ИД.

Европската унија, која како организација е самостојна членка на Г20, во секој случај сака да разговара околу бегалците. Но, земјите како Кина бегалската криза ја сметаат за европски проблем, а не глобално прашање на дневниот ред на Г20. „Освен тоа, постои и цела низа држави незаинтересирани за дебата околу бегалците, барем не официјално. Зашто, нивната политика е сосем поинаква. Пример е Саудиска Арабија“, вели Тристен Најлор.

Türkei Flüchtlingslager Suruc
Бегалски логор со Сиријци во ТурцијаФотографија: Getty Images/C. Court

Економски прашања

Г20 би требало да усвои конкретни заклучоци во однос на фискалната политика. Ќе се разговара за акциониот план со 15 точки, планиран да биде спроведен до 2017 година или 2018 година. Со него се предвидува ограничување на можностите на мултинационалните концерни да го избегнуваат данокот. Акцијата наречена „БЕПС“ на државите би можела да им „подари“ дополнителни даночни приходи од 100 до 240 милијарди американски долари, проценува Организацијата за економска соработка и развој, ОЕЦД.

Експертите очекуваат и договор околу регулативата поврзана со најголемите светски банки, но и мерки за поддршка на економскиот пораст. Според мислењата од подготвителните состаноци за самитот на Г20, економскиот раст е премал и премногу осцилира меѓу одделни региони.