1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Терминална фаза на косовската политика на Вучиќ

Немања Рујевиќ
23 март 2018

Во Брисел денеска претседателите Вучиќ и Тачи го продолжуваат дијалогот Белград-Приштина. По последните мистериозни активности на Вучиќ во Србија се шушка дека договор веќе има и сега треба да ѝ се продаде на публиката.

https://p.dw.com/p/2uqav
Kosovo Gracanica Besuch Vucic
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Nimani

Коментар на Немања Рујевиќ

За што размислувал Александар Вучиќ додека, според негови зборови, навечер шетал на улиците на Менхетан и додека гледал во излозите на книжарниците? За тоа што ќе им каже на важните чичковци („имав длабочински разговори со луѓето кои одлучуваат“)? Или за тоа како на граѓаните на Србија ќе им го продаде она што ќе го кажат важните чичковци, а што сите го знаат барем 10 години („изгледа дека тие цврсто стојат зад почитувањето на принципот да се зачува независноста на Косово“)?

Мистериозниот пат во Њујорк, токму како и тоа што западни дипломати секојдневнио слетуваат на аеродромите „Никола Тесла“ и „Адем Јашари“  говори  дека времето истекува. Се чини оти Вучиќ добро знае како изгледа договорот и што наскоро мора да им се претстави на граѓаните како „историски компромис помеѓу Србите и Албанците“.

Неговата неволја е несовпаѓањето меѓу очекувањата и реалноста, несовпаѓањето на чие создавање вредно работеше целиот негов политички живот. Нема да има поделба на Косово ниту размена на територии. Нема да може да се разниша столицата на Приштина во Обединетите нации, можеби најнапред набљудувачка додека во пошироката геополитичка игра Русите не се согласат Косово дефинитивно да се придружи во клубот.  Вучиќ нема да добие ништо освен  разумни нешта како што се правата на малцинствата, заштита на културните добра и имот, Заедницата на српски општини која е потпишана пред пет години и нови ветувања за блескава европска иднина.

Повеќе: 

-Трите „пакети“ на Вес Мичел

-Дијалог Белград - Приштина - „иднина“ од бриселските ходници

-Историска шанса за проблемот на Косово

Ова е терминална фаза на досегашната косовска политика на Вучиќ која, во агонија, се обидува да ја нашминка со медиумски настап, ред пофалби за самиот себе и ред „плачки“ бидејќи „никој не не' разбира“. Вучиќ беше министер за цензура за време на војната на Косово, го поддржуваше познатиот митинг „Косово за патики“, и од премиерската функција повторуваше дека „не ја дава Газивода“. Вучиќ беше сѐ, но, исто така, би сакал да остане сѐ и откако ќе ја проголта косовската жаба.

Brüssel, Hashim Thaci, Federica Mogherini, Aleksandar Vucic
Фотографија: Europäische Kommission

Затоа сега „пука“ од сите оружја да укаже колку лавовски се бори, оти тропнал на сите врати, но дека не треба да се очекува многу, бидејќи „ќе има голем притисок врз Србија од различни страни“. Деловната жаба треба добро да добие на тежина бидејќи така наводната државничка величина ќе изгледа уште поголема.

Април во Белград на претседателот ќе се обиде да му го загорчи и опозицијата која за прашањето Косово се дели во три групи: будали кои би оделе во војна, салонски националисти со фантазии за замрзнат конфликт со кој ќе се чека нешто (никој не вели што), и т.н. граѓанска опозиција која отиде на тетката да ѝ однесе лек додека Вучиќ ја голта жабата. Овие последните повремено ја повторуваат бајката дека тие го чувале Косово подобро од Вучиќ и оти би издејствувале поповолен договор иако во тоа ни самите не веруваат.

Ако навистина дојде до референдум за да се изјаснат- иако не постои индикација дека веќе сега некој од Србија се залага за промена на Уставот во однос на Косово- оваа игранка и нејзината медиумска подготовка ќе ги изедат сите останати теми годинива. А теми има безброј, од исто наштимани медиуми и институции до низа криминални афери на естаблишментот од Српската напредна партија.

Вучиќ знае оти, откако ќе се исуши мастилото на сеопфатниот договор за нормализација, ќе помине долгогодишниот меден месец со европските лидери за време на кој го тапкаа по рамо како столб на стабилност и замижуваа пред газењето на сите подобри обичаи во Србија. Тогаш ќе се види од кој автократски материјал е скроен- од оној како Ѓукановиќ или од оној како Груевски.