1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вучиќ - најголемиот фан на Меркел е во Србија

Томас Бреј (дпа) / ЕМФ30 јануари 2016

Германската канцеларка во бегалската криза може да се потпре на својот најзапален приврзаник. Српскиот премиер ја брани од сите критичари, се вели во анализата на ДПА.

https://p.dw.com/p/1HmAk
Фотографија: Reuters/M. Djurica

„Германија со децении во Србија беше 'црвена шамија'. Во текот на војните во 90-тите години од минатиот век дури беше осомничена дека со помош на 'Ватикан и Австрија' сака да се прошири сѐ до Јадранот. Но времињата се променија сосема. Веќе нема лоши зборови. Напротив, има отворено восхитување. А, со оглед на тоа што тој восхит е особено наменет за канцеларката Ангела Меркел, кон нејзините критичари по прашањето на бегалците се крева веднаш показалец во знак на опомена, се вели во денешната анализа на германската агенција ДПА под наслов 'Најголемиот фан на Меркел е во Србија: 'Благодариме Ангела'“, и се продолжува:

„Денес е 'модерно' да се критикува Меркел, изјави српскиот премиер Александар Вучиќ на Светскиот економски форум во Давос. 'Но, иако јас сум единствениот овде кој зборуваше позитивно за Меркел, нема да учествувам во такво нешто', рече стоејќи цврсто на страната на канцеларката политичарот кој дома е семоќен. Конечно, таа е онаа која се погрижи за време на бегалската криза за раскараните соседи на Балканот да не се нафрлат повторно едни на други. Веројатно тоа подобро не можеше да го формулира ниту координаторот за проблемот на бегалците Петер Алтмајер: 'Во последно време слушнав многу критики за Меркел', рече Вучиќ за 'Цајт онлајн': 'Да, имаше дури и навреди. Тоа е неправедно. Тоа е погрешно. Меркел ги држи европските вредности високо. (...) Нема алтернатива за нејзината политика.' Кратко пред тоа, сосема беше слична и изјавата за 'Ханделсблат': 'Ѝ се восхитувам на Германија и на скандинавските земји' и 'Меркел е навистина водечка личност во Европа'.

Кога Вучиќ пред речиси две години ја претстваи својата влада, таа требаше да функционира како 'Бајерн Минхен'. Подоцна сакаше во Белград да се произведува 'српски Мерцедес'. Четириесет и петгодишникот со драго срце го цитира германскиот социолог Макс Вебер и го фали протестантскиот работен морал како пример за своите сонародници. За возврат, според сопственото искажување, добива наклоност. 'Ѝ благодариме на Ангела Меркел што ги цени економските реформи во Србија', изјави тој по последната посета на канцеларката на Белград во јули. Посебниот однос кон канцеларката служи дури и за зацврстување на сопствената позиција дома: 'За Србија тоа е чест, а за мене лично сатисфакција', рече тој летоска, обајснувајќи: 'Тоа е доказ дека работев добро и целно, додека во Србија тоа се исмева'. Од друга страна, според него 'лошо' е што многу членки на ЕУ радо земаат пари од Брисел, а сега не сакаат да понесат товар. 'Србија е сојузник на Германија од доверба', вели Вучиќ во врска со идната соработка. Конечно, без Германија минатиот декември 'немаше да успееме'да ги отвориме првите две поглавја од преговорите за приклучување во ЕУ, се заблагодарува тој, зашто 'Меркел си го одржа зборот'“, се вели во текстот на ДПА посветен на српско-германските односи и наклонетоста на премиерот Вучиќ кон канцеларката Меркел.