1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Останува подадена раката кон Бошњаците

ЖА/дпа/дв/афп/ап/миа/ртре11 јули 2015

Српскиот премиер, по нападите врз него на комеморациите на 20-годишнината од масакрот во Сребреница, ги повика сонародниците да не вршат одмазднички напади. Градоначалникот на Сребреница му се извини на Александар Вучиќ.

https://p.dw.com/p/1FxKP
Фотографија: Reuters/A. Bronic

„Нападот во Сребреница беше подготвуван“, изјави денеска српскиот премиер на прес-конференција во Белград по вонредната седница на српската влада. Премиерот Вучиќ, кој како гест на помирување учествуваше во комеморациите по повод 20-годишнината од масакрот во Сребреница, беше погоден со камен во лицето и лесно повреден. Притоа неговите очила се скршија „Бев погоден од камен на усната, ништо страшно. Очилата паднаа и се скршија“, рече Вучиќ.

„Мојата рака и натаму останува подадена кон Бошњаците“, истакна Вучиќ. Тој ги повика своите сонародници да не се впуштаат во одмазднички напади, зашто, како што рече, „бес и омраза имаше веќе доволно“. Од граѓаните на Србија побара „гордо и со крената глава, никогаш да не покажат омраза кон пријателите Бошњаци“.

Остри реакции на Сребреничани

Претседателот на општината Сребреница Ќамил Дураковиќ му се извини на српскиот премиер поради каменувањето на манифестацијата во Поточари. Дураковиќ истакна дека тоа го направиле „болни умови кои го искористија овој достоинствен настан“. Изразувајќи длабоко разочарување поради инцидентот, Дураковиќ истакна дека напаѓачите не се членови на семејствата кои денеска, на денот на одбележувањето на две децении од злосторството во Сребреница, ги закопуваа останките на своите најмили.

„Вучиќ денеска ја прегрна сребреничката мајка Мунира Субашиќ, присуствуваше на комеморацијата на жртвите и на својот ревер го закачи сребреничкиот цвет, со што се обиде да сочувствува со нашата тага и болка“, потсети Дураковиќ, оградувајќи се од извршителите на инцидентот и нагласувајќи дека тие се истите кои во Хан Пијесак го гаѓале камионот со посмртните остатоци на 136 жртви од Сребреница, кои денеска беа погребани.

Мајките од Сребреница исто така го осудија нападот врз Вучиќ.

Vucic Srebrenica
Вучиќ со сребреничките мајкиФотографија: Klix.ba

Солидарност од Брисел

Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини упати изрази на солидарност со српскиот премиер Александар Вучиќ поради нападот во Поточари. „Мирот може да биде постигнат само со помирување“, напиша Могерини на Твитер.

Генералниот секретар на Советот на Европа Торбјорн Јагланд го осуди каменувањето на Вучиќ во Поточари: „Поточари би требало да биде место за промислување и помирување, а не за насилство“, напиша тој на Твитер.

Пораки со поддршка

Поранешниот американски претседател Бил Клинтон, кој исто така присустуваше

на комеморацијата, претходно му се заблагодари на Вучиќ поради тоа што покажал храброст да дојде во Поточари. „Како пријател сакам да му се заблагодарам на премиерот на Србија, кој покажа храброст да биде тука. Важно е тоа да го препознаеме“, рече Клинтон, говорејќи на комеморацијата. Повикувајќи ги лидерите присутни во Меморијалниот центар да соработуваат, Клинтон истакна дека сака во Сребреница да го види и српскиот претседател Томислав Николиќ, што, според него, би значело нов почеток.

Клинтон нагласи дека е благодарен што и по 20 години Босна и Херцеговина е мирна земја. „Таа е блиску до членството во ЕУ, учесник во мировни мисии. Благодарен сум за сето тоа. Но, војните кои како претседател тогаш ги водев тука и подоцна на Косово беа едни од најважните работи што ги направив“, нагласи Клинтон, и изрази жалење што било потребно толку долго време за да се постигне единство.

Хрватската претседателка Колинда Грабар Китаровиќ во обраќањето на комеморацијата изјави дека цврсто верува во помирувањето и во нов почеток засновани на вистината, прифаќање на одговорноста и сочувство за страдањата и болката на соседите и сограѓаните. „Од ова мрачно место за 20. век, каде човештвото ја научи една од своите најболни лекции, во име на Хрватска и во свое име, на народите и на сите граѓани на БиХ им посакувам светла иднина, мир, соживот и просперитет. Хрватска е со вас“, рече таа.

20 Jahre Völkermord in Srebrenica
Фотографија: Reuters/S. Nenov

Сите заедно за подобар свет и иднина за сите

Јан Елијасон, заменик-генерален секретар на ОН, пренесе сочувство и солидарност на првиот човек на ОН, Бан Ки-мун, за сите жртви, кои, како што рече, Светската организација и меѓународната заедница не успеале да ги заштитат. Обраќајќи се на комеморацијата тој посочи дека ОН се повторно обврзани целата вистина за тоа што се случило во тој град во 1995 година да биде откриена. „Потрагата по оние кои не се пронајдени ќе продолжи, а правдата ќе ги стигне одговорните“, додаде Елијасон. Тој уште нагласи дека омразата не се враќа со омраза и дека сите заедно треба да изградат еден подобар свет и иднина за сите.

Премиерот на Турција Ахмет Давутоглу зборуваше дека геноцидот од Сребреница не смее повеќе никогаш да се повтори, забележувајќи дека „оние кои убиле осум илјади мажи, го убиле целото човештво“.

Во Поточари, каде денеска се одбележува 20-годишнината од геноцидот, кога босанско-српските војници убија 8 илјади муслимански момчиња и мажи во 1995 година, на комеморацијата и на погребот на 136 новоидентификувани жртви присуствуваа повеќе десетици илјади граѓани. Масакрот во Сребреница беше најтешкото злосторство во Европа по Втората светска војна и од Трибуналот на ОН за поранешна Југославија во Ден Хаг беше означен за геноцид.