1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пораки на добра волја?

Синиша Богданиќ
13 февруари 2018

Претседателот на Србија е во посета на Хрватска. Тој ѝ испрати пораки на добра волја на резервираната хрватска јавност, а на Претседателката ѝ предаде дел од документите однесени во Србија во текот на акцијата „Бура“.

https://p.dw.com/p/2sZyj
Der serbische Präsident Aleksandar Vucic, links, und seine kroatische Kollegin Kolinda Grabar Kitarovic in Zagreb, Kroatien
Фотографија: picture-alliance/D.Bandic

На доаѓањето на српскиот претседател Александар Вучиќ му претходеа недели на зголемување на напрегнатоста, па прашањето на безбедноста медиумски беше издигнато на највисоко ниво. Се броеја снајперисти и специјалци кои ќе спречуваат евентуални напади, како на Претседателот, така и на српските знамиња врзани долж патот по кој се движеше. Како војната вчера да заврши, ја коментираа многумина зовриената атмосфера и деградација на односите воочливи од симнувањето на Иво Јосиповиќ и Борис Тадиќ од власт.

Излегувањето на двајцата претседатели пред новинарите, по разговорите во четири очи, беше своевиден антиклимакс во кој Колинда Грабар-Китаровиќ објасни дека го поканила Вучиќ за да ја прекине ескалацијата на вербален судир околу изложбата за усташкиот логор Јасеновац која ја организираше мисијата на Србија во Обединетите Нации.

„За многу работи не се согласивме, некаде се приближивме, а некаде ќе се приближиме во времето пред нас. Се договоривме дека ќе разговараме. Се договоривме дека прашањето на исчезнатите треба да се реши што побргу. Со претставниците на здруженијата на исчезнатите од Хрватска, но и од Србија, ќе разговараме и јас и господин Вучиќ“, рече Грабар-Китаровиќ, која прашањето на речиси 2.000 исчезанти Хрвати и Срби во војната ја најавуваше како примарна тема.

И границите се проблем

„Имаме различен став за граничното прашање. Хрватска се повикува на катастарски книги, а Србија на закон и смета дека законот е посилен правен акт од катастарските книги на која било единица во поранешна СФРЈ. Ќе се обидеме да го решиме тоа прашање по билатерален пат во наредните две години. Доколку тоа не биде можно, одиме пред арбитражни тела“, рече Александар Вучиќ. И, се чини дека тоа во овој момент е најважната порака за Хрватска, која сѐ уште не дефинирала јасно како мисли да го реши тој проблем, чие решение се очекува во контекст на процесот на влез на Србија во ЕУ. Брисел, имено, не сака уште еден спор како оној меѓу Љубљана и Загреб.

Serbischer Präsident Aleksandar Vucic in Kroatien Proteste in Zagreb
Протести во Загреб против посетата на Вучиќ на ХрватскаФотографија: picture alliance/AA/Stringer

Посетата уште еднаш ја покажа неускладеноста на надворешната политика на Претседателството и Владата на Хрватска. Имено,премиерот Андреј Пленковиќ ја извести јавноста дека негова законска обврска е да го отвори прашањето на воена отштета во разговорот со Вучиќ, но Претседателската не сакаше да разговара за тоа со колегата од Србија. Работниот ручек на двајцата државници се случи далеку од камерите, а Вучиќ по излегувањето од зградата на Владата само потврди дека воената отштета е спомната на инсистирање на Премиерот.

Демонстрантите бараат извинување

Сега останува да се види дали тие разговори ќе ги постават односите на двете држави на позитивна патека, затоа што хрватските граѓани не му веруваат на Вучиќ и го дочекуваат со видлива резерва. Тие пред сѐ го гледаат како окупатор кој во 1995 година, како припадник на Срспката радикална партија, на своите сонародници во Глина им вети дека т.н. Српска Краина и Глина никогаш нема да бидат Хрватска и дека „тука усташката власт никогаш веќе нема да може да дојде“. Извинување бараат речиси сите, но малку кој очекува тоа и да се случи.

Повеќе:

Зошто Вучиќ воопшто го посетува Загреб?

Токму на тој говор потсетија и вдовиците на хрватските бранители кои протестираа на главниот загрепски плоштад со поддршка на здруженијата на воени инвалиди. Премолчена поддршка дојде и од левиот дел од хрватскиот политички спектар кој пред само неколку недели остро ги критикуваше вдовиците поради обид за идеолошко обликување на програмата на јавниот радиодифузен сервис.

Сепак, воочливо е дека изостана голем протест на бранителите. Интерес за нешто такво не покажаа ниту организаторите на протестите од Савска 66 (протести на воени ветерани, н.з.), што е протолкувано со тоа дека нивните апетити се задоволени со новите законски решенија и права кои им ги дала власта на Пленковиќ.

Serbischer Präsident Aleksandar Vucic in Kroatien
Многу хрватски граѓани со потсмев го прокоментираа моментот кога српскиот претседател врши смотра на хрватските војници со чекорницата од татковинската војна „Ние сме хрватска гарда“Фотографија: picture-alliance/S.Yordamovic

„Не сум четник“

„Не смееме да дозволиме поединци од маргините на политичкиот спектар или од маргините на какво било размислување да ни диктираат политика“, одговори хрватската претседателка на прашањето за демонстрациите кое го поставија новинарите од Србија.

„Би сакал на сите во Хрватска да им порачам дека јас не сум никаков четник, ниту е тоа кој било во моето семејство. Протестите се нормална работа во демократските држави и јас не се возбудив нешто претерано околу тоа“, рече Вучиќ одговарајќи на истото прашање. 

Во знак на добра волја Претседателот на Србија ѝ врачи на хрватската колешка документи од Двор на Уна кои се однесени во Србија по акцијата „Бура“ во 1995 година. Исто така, како што рече, донесол и податоци за тројца од 1.945 исчезнати лица во војната во 1990-тите во Хрватска.

Може да се заклучи дека првиот ден на посетата на српскиот претседател Вучиќ на Хрватска не донесе никакви изненадувања, ниту исполни некакви очекувања, зашто вистински очекувања, од која било страна, немаше. Но, на хрватските граѓани им понуди еден забавен момент, сцена во која српскиот претседател врши смотра на хрватските војници со чекорницата од татковинската војна „Ние сме хрватска гарда“. Многу коментатори во медиумите и на социјалните мрежи во своите коментари на таа сцена ги истакнуваа фактот дека е време на карневали.