1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вулф повика на религиска слобода за сите

19 октомври 2010

Во обраќањето пред турскиот парламент во Анкара, Вулф повика на религиска слобода за христијаните во Турција, употребувајќи слични изјави, како и во говорот по повод дваесетгодишнината од обединувањето на Германија.

https://p.dw.com/p/Phqo
Сите очи кон Кристијан ВулфФотографија: picture alliance/dpa

Во говорот пред турскиот парламент, германскиот претседател Кристијан Вулф ја повика Турција да им даде поголема слобода на христијаните за практикување на својата вера. Муслиманите во Германија можат достоинствено да ги практикуваат своите обичаи, за што сведочи се` поголемиот број џамии, рече Вулф денеска пред пратениците во Анкара. „Истовремено очекуваме и христијаните во муслиманските земји да го имаат истото право, јавно да ја практикуваат својата вера, да образуваат теолози и да градат цркви“, нагласи Вулф, додавајќи: „Несомнено, христијанството е дел од Турција.“

Bundespräsident Christian Wulff im Plenarsaal des Parlaments in Ankara
Во очекување на говорот на Вулф - пратениците го поздравија германскиот претседателФотографија: picture alliance/dpa

Германскиот претседател одбра слични зборови, како и при неговиот говор за дваесетгодишнината од обединувањето на Германија, што предизвика жешка дебата во земјата околу исламот и христијанско-еврејската традиција. На 3. октомври Вулф рече дека покрај христијанството и еврејството, во меѓувреме и исламот е дел од Германија.

Во турскиот парламент Вулф ги поздрави зачестените повици во Турција што е можно повеќе цркви да бидат отворени за богослужби. „Би сакал да го охрабрам ваквиот развој. Религиската слобода е дел од нашето сфаќање за Европа како општество на вредности“, потсети шефот на германската држава. Тој додаде дека постигнувањето мирен соживот на религиите е една од најважните задачи на 21. век.

„Фер преговори, со отворен исход“

Во парламентот во Анкара со особено големо внимание беа проследени изјавите на Вулф, кои се однесуваа на турските аспирации за полноправно членство во ЕУ. Германскиот претседател нагласи дека приклучувањето на Турција кон Унијата е од голем интерес за Германија и изрази надеж дека земјата ќе продолжи со приближувањето до европските стандарди. Вулф ги оцени како позитивни најновите промени на Уставот на Турција и нагласи дека Германија и натаму се залага за „фер преговори со ЕУ, со отворен исход.“ Истовремено и Турција мора да ги исполни своите обврски, потенцира германскиот претседател. Земјата може да покаже дека исламот и демократијата не мора да си противречат.

Автор: ТТ/ГЧ/ројтерс

Редактор: Горан Чутаноски

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема