1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Втора жртва во кумановскиот огранок на ДУИ

6 април 2018

Од ДУИ велат дека немаат одговорност за евентуални инциденти кои не се поврзани со партијата. Партиски извори пак тврдат дека инцидентот во кој е убиено едно лице, бил мотивиран од партиско ривалство и незадоволство

https://p.dw.com/p/2vaEC
Mazedonien Hauptsitz der Partei DUI in Mala Recica
Фотографија: DW/S. Toevski

Политички несогласувања, семејни недоразбирања, ривалство во кумановскиот огранок на ДУИ, незадоволство од лажни ветувања, нетрпение меѓу идеолошките и бирократските структури во партијата... Колку луѓе ќе прашате, толку различни објаснувања може да добиете за заднината на синоќешниот тежок инцидент во тетовска Мала Речица, кој заврши со убиство на едно лице и двајца повредени. Полицијата привела и притворила две лица: Б.Р. од Куманово и Л.Б. од Албанија, кои биле пресретнати кај наплатната рампа кај Желино, во обид да продолжат кон Скопје. Во инцидентот кој се случил во близина на локалниот „Шпар маркет“ околу 18:20 часот, убиен е Наим Реџепи-Беланока. Причините за престрелката ги истражуваат полицијата и Основното јавно обвинителство Тетово.

„Јавниот обвинител издаде наредби за обезбедување и прибирање на траги од лице место кои ќе бидат вештачени. Издадена е и наредба за анализа на ДНК профили, за обдукција на починатото лице, како и за земање на парафински ракавици“, велат од Обвинителството.

Mazedonien Parlamentswahlen- DUI- Anführer Ali Ahmeti
Али Ахмети, лидерот на ДУИФотографија: picture-alliance/dpa/V. Xhemaj

ДУИ се оградува

Како што нѐ информираше утрово директорот на тетовската болница, едно од повредените лица уште синоќа било пуштено дома, а другото било пренесено на скопската Клиника за торакална хирургија. На неофицијална „обдукција“ засега се мотивите за инцидентот, кои во недостиг од официјални информации се покриени со различни изјави за неговата заднина- од семејни недоразбирања до политичко ривалство. Според партиски извори, доминира проценката дека вечерашната престрелка меѓу две групи активисти, била резултат на незадоволство од избор на претседател на огранокот на ДУИ во Куманово. Двете ривалски групи се нашле на иста локација, бидејќи најверојатно биле дојдени како придружба на партиски функционери од Куманово, кои во седиштето на ДУИ имале состаноци. На социјалните мрежи се вртат фотографии, на кои убиениот Реџепи е фотографиран во друштво на лидерот на ДУИ и други партиски активисти.   

Повеќе: 

Случај Асани: Правната држава прегазена од „ленд ровер“

Опасни врски меѓу политиката и подземјето го минираат договорот за излез од кризата?!

По синоќешните медиумски известувања дека имало инцидент во близина на партиското седиште и дека пресметката е поврзана со нездоволство од избор на претседател на кумановскиот огранок, ДУИ се огласи со демант.

„Демократската унија за интеграција и денес, како и секој друг ден ги реализираше своите вообичаени активности. Целосно ги демантираме како неточни информациите дека денеска во Демократската Унија за интеграција имало каков било инцидент. Ние како политичка партија немаме и не можеме да имаме одговорност за евентуалните инциденти кои не се поврзани со Демократската унија за интеграција“, соопшти партијата синоќа.

Mazedonien Kommunalwahlen DUI Struga
Изборниот штаб на ДУИ во Струга, 2013. година Фотографија: DW/M. Jovanoski

Минат труд“

Во изминативе години полициските билтени регистрираа многу престрелки и пресметки меѓу активисти и функционери на ДУИ, од кои партијата се дистанцираше во ист или сличен стил. Така беше и во октомври 2014 година, кога во кафеана во Сарај во престрелка беа повредени четири членови на ДУИ. Тогашниот пратеник Рафиз Алити изјави дека „тоа нема врска со ДУИ“, што беше целосно спротивно на мотивите за кои зборуваа блиски на повредените.

Полицијата молчи по „огнената прослава“ на ДУИ

ДУИ се дистанцираше од „партиски причини“ и од инцидентот во ноември 2014 година во струшкиот разгранок на ДУИ, во кој учесници беа приврзаници на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко и поранешниот пратеник Арбен Лабеништа, и двајцата со амбиции да застанат на чело на струшкиот разгранок. Во јули 2015 година во центарот на Струга од возило во движење со најмалку пет куршуми смртно беше застрелан заменик- директорот на УЈП, Аргетим Асани. ДУИ се дистанцираше дека тој не е нејзин член, но тој беше човекот што заврши во болница со повреда од удар со мобилен телефон во главата во споменатиот инцидент меѓу приврзаниците на Мерко и Лабеништа, осум месеци претходно.

Во јули 2015 беше убиен Џемаил Реџепи познат како „командант Шќипоња“, а уште две други лица повредени во престрелка помеѓу две раскарани групи од кумановскиот огранок на ДУИ, поради несогласувања за избор на претседател на огранокот. Со тоа, за три години ова е второ убиство на активисти од кумановскиот огранок на партијата.

На социјалните мрежи некои ја потсетуваат партијата на хонологијата од 2002 година со убиството на Авни Беќири, бројните напади на седиштето на ДУИ во Чаир од 2002 до 2003, убиства и бројни инциденти од активистите на ДУИ, од кои десетици во близина на партиското седиште...

Следат и коментари во кои се тврди дека „повеќе команданти се убиени во партиски пресметки од 2002 година до денес, отколку за време на 2001 година“.