1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Втор пакет мерки за спас

Агенции (емф)17 декември 2008

Со оглед на се‘ поголемата рецесија, германската влада има намера да донесе уште еден пакет мерки за поттикнување на конјуктурата и тоа порано од планираното - веќе на средината од јануари.

https://p.dw.com/p/GHem
Канцеларката Ангела Меркел смета дека пакетот мерки треба да биде донесен побргу од досега планиранотоФотографија: AP

„Мислам дека ќе произлезат уште милијарди“- со овие зборови германската канцеларка, Ангела Меркел во Центарот за европски економски истражувања во Манхајм, најави дека владата е на мислење оти и Германија треба да донесе втор пакет мерки за поттик на конјуктурата во истиот период како и САД, односно кога новиот американски претседател ќе ја преземе функцијата. Меркел изрази загриженост дека кредитна зависност би можела да го уништи можниот пораст на реалната економија во Германија, со што би се заострила економската криза.

Со пакетот мерки за спас што го донесе владата се‘ уште не е обезбедена и повторна функционалност на банките, затоа што во финансискиот сектор недостига меѓусебната доверба. Тоа, како што рече канцеларката, не може да им се префрли на банките. Владата гарантира за кредитите, но мора да се внимава државното интервенирање да не се зацврсти толку за „без него да не оди веќе ништо“. Според Меркел, да се внимава на ваквите работи е најважната задача во наредните месеци.

Што би можел да содржи новиот конјуктурен пакет?

Во вториот конјуктурен пакет на владата важна мерка би требало да биде поголем поттик на градењето на патната мрежа. Покраинските премиери би требало да ги поврзат одделните проекти за патишта, за напролет да се почне со изградба и санирање. Канцеларката изјави дека владата размислува и за поголема поддршка за истражувачки проекти. Освен тоа, заедно со покраините и општините треба да се направи план за модернизирање на училиштата, а се работи и на планови за зголемување на бројот на интернет корисници.

Deutschland Verkehr Pendlerpauschale Autobahn
Пари се потребни пред се‘ за инфраструктуратаФотографија: AP

Треба да се внимава на задолжувањето

Германската влада ќе го објави годишниот економски извештај на 28 јануари. Во него треба да има прогноза за размерите на рецесијата. Дотогаш, владата ќе разгледува кои инфраструктурни проекти да бидат забрзано реализирани, нагласи Меркел. Веднаш по нејзиниот настап во Манхајм, за збор се јави претседателот на комисијата за буџет на Бундестагот, Ото Фрике, кој предупреди дека е можно драстично ново задолжување на државата. И без втор конјуктурен пакет, нето кредитите на земјата во 2009 година би можеле да достигнат до 30 милијарди евра, нагласи Фрике кој им припаѓа на слободните демократи (ФДП). Според Фрике, со втор конјуктурен пакет каков што најави канцеларката, задолжувањето би можело да оди и во насока на цели 50 милијарди евра.