1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Време на опасно живеење

Зоран Јордановски17 јули 2016

Теророт демне насекаде, тој е тука, околу нас. Невидлив и дотолку поопасен. А политиката нема решенија против него. Можеби и затоа што самата го пoсea и и натаму создава плодна почва за него? Колумна на Зоран Јордановски

https://p.dw.com/p/1JQIJ
Фотографија: Getty Images/AFP/V. Hache

Повторно слики на ужас, паника, смрт на многу луѓе. Меѓу нив и десетици кои не добија ни шанса да станат возрасни, да си ги остварат своите животни сништа и желби. Сите без каква било вина. Единствена, а судбинска грешка на жртвите од Ница им беше што сакаа да му се радуваат на животот, да празнуваат, да присуствуваат на огномет, да се забавуваат, само се најдоа на погрешно месо и во погрешно време. Но, сите сме потенцијални жртви, а наша грешка е дека сме родени во погрешно време. Ова се` повеќе е време на терор, време на живот во страв од терор.

Објективно погледнато преку сувопарните статистики, шансата да станеш жртва на терор е неспоредливо помала од шансата да станеш жртва во сообраќајот. Играта на бројки ништо не им значи на луѓето кои не можат да знаат од која страна и во кој момент подмолно ги демне смрт од теророт, уште помалку пак на семејствата и на пријателите на жртвите. Од сообраќајот, во кого како пешак, велосипедист, возач или патник, сите сме учесници, никој не се плаши. Од теророт секој. На таа битна разлика се базира целта на инспираторите на теророт: да ни го загорчат животот, да ни го ограничат.

Протести за карикатури, но не и за жртви од терор

Современиот тероризам има исламски белег. Тој не се појави туку-така, ненадејно. Семјуел Хантингтон уште на почетокот на 90-те години прво со еден напис, подоцна преточено и во книгата „Борбата на цивилизациите“ (односно на културите), ја предупреди јавноста на ваквиот развој. Фиданката на исламскиот џихадизам изникна порано, за време на советската инвазија во Авганистан. Нејзина семка беше американскиот геостратегиски интерес во времето на Студената војна и конфликтот со Советскиот Сојуз. Некогашните муџахедини мутираа во џихадисти и го свртеа оружјето и кон оној што им го даде в раце: најстрашниот терористички напад досега го доживеаја токму САД во 2001. година.

Политиката се покажува како непоправлив ученик. Бумеранг на интервенциите на САД во Авганистан, Ирак, Либија, поддржани од други водечки западни држави – и европски меѓу нив (како и крајно компликуваниот воен конфликт во Сирија) - се милионски реки од бегалци кои се слеваат кон Европа. Нив таму во најголем дел не ги очекува посакуваната благосостојба. Разочарувањето е плодна почва за гнев, со кој манипулираат радикални проповедници на исламот. Злоупотребувајќи ја религиозната слобода на демократските општества, тие од дезориентирани млади луѓе регрутираат борци за реализација на идејата за светски калифат, за светска доминација на исламот. Идеја за враќање во мрачен среден век. Теророт е едно од нејзините средства.

Тој им носи далеку повеќе штета, отколку полза и на самите муслиманите, ги става под - во најголем дел - неоправдано сомневање. Не се сите приврзаници на радикалниот ислам. Но, самите треба да се ослободат од таа сенка. Кога веќе во толкав број се кренаа на улица да протестираат поради карикатурите за пророкот Мухамед, можеше и мораше да излезат барем во толкав број на улица и против исламскиот терор.

Jordanovski Zoran Kommentarbild App
Зоран Јордановски

Што стана со идеалите на француската револуција?

Политички погледнато, терористичката борба е утописка, без шанси за остварување на нејзината цел – да не‘ натера да го промениме животот и да го прифатиме екстремниот терк што таа сака да ни го наметне. Останува, значи, само смртта на невини и недолжни како резултат од теророт. И стравот. А живот поминат во страв и не е живот достоен за човека. Живот во слобода, еднаквост и братство е идеалот на француската револуција, чија годишнина се славеше во Ница. Тој стана идеал на целиот напреден свет, беше идеал на генерации револуционери во изминатите два века и неколку децении од нападот на Бастилја.

Но, тој идеал беше искривоколчуван. Денес од него остана само идеалот за слобода, еднаквоста и братството одамна „не живеат овде“, се загубија некаде попатно. И во тоа може да се бараат причините што човештвото дојде до денешнава ситуација. Луѓето не се еднакви. Немаат еднакви шанси во животот, не се секогаш еднакви ни пред законот. Тоа е факт и во најнапредните демократски општества, дотолку повеќе во остатокот од светот.

Сакам да укажам на многуте студии во Германија кои дојдоа до ист резултат: шансите на децата директно зависат од нивното социјално потекло. Оние од најниските слоеви се предодредени да останат на маргините од општеството, предодредени се за идни корисници на социјална помош или за најслабо платени работни места (ако воопшто ги добијат!) - како и нивните родители. Кога од своето сиромашно предградие ги гледаат за нив недостижната светлина и раскош на градските центри, се раѓа незадоволство, кое некогаш само посебе, а некогаш поттикнато од вешти манипулатори, прераснува во бунт, во кој една искра е доволна да распали голем пожар од насилство. Франција го доживеа тоа не само во париското предградие Банлие, но Банлие стана симбол. Америка го доживува тоа во расни судири, повторно поради чувството на нееднаквост во односот на власта (полицијата) спрема црномурестите граѓани.

Symbolbild Slum
Кога од сиромашно предградие се гледа на светлината и раскошот на градските центри, се раѓа незадоволствоФотографија: Getty Images/P. Bronstein

Спрега политика-банкари-индустријалци

Денес во подредена општествена и економска положба во Европа главно се семејствата на доселеници. Но, се` повртоглавата спирала на социјалното раслојување – енормно и брзо богатење на релативно мал број луѓе и осиромашување на поголем дел од населението, дури и од некогашниот среден слој - го шири кругот на подредените, значително го зголемува потенцијалот на незадоволните. Политиката не само што не презема ништо посериозно против ваквиот тренд, туку секојдневно сме сведоци на нови и нови докази за нејзината неспособност, но и за спрегата со челните банкари и индустријалци. Ни големата, прво финансиска, а потоа и светска економска криза, која драматично го забрза раслојувањето, не ги наведе на радикални мерки за зауздување на банкарите и нивните дубиозни практики. А и едните и другите – политичарите и банкарите – се финансирани и работат со парите на граѓаните, нашите пари. Водечки светски концерни избегнуваат плаќање даноци на огромните добивки, а политиката не само што го толерира, туку и им го овозможува тоа. Луксликс-скандалот ни ги обелодени практиките од Луксембург, а поранешниот премиер на таа земја е актуелен претседател на Европската комисија, своевидната влада на ЕУ.

Политика – за чии интереси, во чие име?

Такви работи раѓаат незадоволство и во мене како граѓанин и даночен обврзник, иако не сум на маргините на општеството. Затоа и имам разбирање за бунтот на вистински запоставените. Затоа не наоѓам разбирање за современата интервенционистичка и антисоцијална, турбокапиталистичка политика, затоа го сметам за најодвратен цинизам третирањето на луѓе како колатерална штета на политиката. Чија политика? За чии интереси? Во чие име?

Сега, по Ница, нормално повторно гласно се бара и се ветува енергична борба против тероризмот олицетворен во таканаречената Исламска држава (ИД), која контролира големи делови од Сирија и Ирак, обучува терористи, им дава идеолошка подлога и конкретни налози. Таа ни ќе се појавеше, ниту толку ќе зајакнеше, ако не беше во прашање политичкиот ривалитет во светот – првенствено глобалниот (САД, односно Западот против Русија - или обратно, ако така ви е помило), но и регионалниот (Иран - Турција, Саудиска Арабија). Драмата во Сирија продолжува, покрај другото, и затоа што Западот сфаќа дека мора, но од идеолошки причини (уште) не сака отворено и директно да соработува со Русија, уште помалку со сирискиот претседател Асад. Затоа, иако сузбивањето на ИД според многумина е првенствена задача, убеден сум дека победа на бојното поле нема да го пресуши резервоарот на тероризмот. Како би било да се проба со преиспитување на сопствената политика?! Колку во моментов и да звучи нереално, сметам дека ова е неодминливиот пат. Колку порано, толку подобро.