1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Врвната спортистка Ане Зауер од Таубербишхофсхајм

5 јули 2010

Животот на Ане Зауер се одвива на релација семејство-училиште-сала за тренинг. Матурантката тренира во еден од најсупешните во светот клубови за мечување, во Таубербишхофсхајм.

https://p.dw.com/p/O7YB

„Кој рано рани, две среќи граби“

Можеби е навистина така, но Ане Зауер не станува рано наутро во 6 часот од таа причина. Младата девојка со долга кафеава коса и симпатична насмевка, наутро не сака да има нервози. Таа го почнува денот со пријатен заеднички појадок со својата мајка и со 16-годишниот брат. Мајка и‘ е канцелариски службеник, а татко и‘ возач на камион и доаѓа дома само за викенд. Секој агол во домот на семејството Зауер зрачи со удобност. Тоа важи и за селото во коешто живеат. 18-годишната ученичка живее во селото Рајнхардзахсен, во покраината Баден Виртемберг, кое има само 200 жители.

Gesichter Deutschlands Porträt AnSaP1
Секој ден вози по 70 километриФотографија: DW

АДСЛ-интернет врска овде има од неодамна. Прием за мобилен? Нема шанса! Ане Зауер е овде израсната, таа е многу приврзана кон местото и тоа толку многу што не сака да се пресели во Таубербишхофсхајм кадешто е нејзиното училиште, туку вози со автомобил секој ден по 70 километри.

Училиште и врвен спорт – тежок баланс

Ане Зауер ја става големата патничка торба со училишни работи и спортска опрема во багажникот на својата темносина Форд Фиеста и патува околу половина час до економското средно училиште во Таубербишхофсхајм.

Тоа е мал град со само 13.000 жители, но во светот на мечувањето е позната и призната големина. Мечувалскиот клуб е познат во светот по своите многубројни олимписки победници. Во класот на Ане Зауер се и други ученици „заразени“ од мечувалскиот вирус. И за младата матурантка едно е сигурно - кога подоцна, во Вирцбург, ќе студира германски јазик и физичко воспитување, сака во секој случај и натаму активно да мечува.

Gesichter Deutschlands Porträt AnSaP2
Сака да студира германски јазик и физичко воспитувањеФотографија: DW

Олимписката база – втор дом

Во 13 часот, соучениците на Ане Зауер заминуваат дома, а таа оди во олимписката база. Таму не само што тренира, туку и учи. Но, пред да почне со пишување на домашните задачи, оди на ручек со своите пријателки. За јадење има само храна за спортисти и многу салата. Ане Зауер не држи диета. Таа признава дури дека не може да се откаже од чоколадо. На телото на младата спортистка таа мала слабост воопшто и не се гледа, зашто таа тренира многу напорно. Дури и во неделите, кога нема тренинг, Ане Зауер игра фудбал.

Ако има некоја потешкотија со домашната работа, Ане Зауер може да се обрати на некој од тамошните професори, коишто се вработени за таа намена. Таа умее да ја цени и да ја користи оваа поддршка од Олимписката база и не се срами да праша.

Gesichter Deutschlands Porträt AnSaP4
Патот до славата е долг и трнливФотографија: DW

Напорно, но фер

Од 15 часот почнува програмата за тренинг: настава кај личниот тренер, масажа, еднаш неделно средба со психологот. „Еден мечувалец треба секогаш да биде во форма - и физичка и психичка, за да може да постигне добри резултати“, смета Ане Зауер. Се‘ се одвива според добро разработениот план за тренинг. Пред двочасовниот групен тренинг, во 17 часот добива лесна вечера. Ане Зауер се задоволува со едно парче леб бидејќи потоа сака низ салата да се движи бргу и лесно.

Тоа е прилично напорно! Држење на телото, чекор, концентрација... се‘ мора да се усогласи. Кога Ане Зауер и другите девојки ја носат својата опрема, мечуваат како на натпревар: безмилосно!

Време за мир

По ваков ден, на Ане Зауер и‘ е потребен одмор. Околу 21 часот е дома. Мајка и‘ и брат и‘ веќе ја чекаат, а чека и влакнестиот пес Миа. Тогаш седат удобно во кујната, вечераат и разговараат. Ане Зауер секогаш има многу нешта за раскажување. Притоа се насладува - се разбира, со чоколадо!

Автор: Јорданка Јорданова / Виолета Вај

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска