1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Враќање на опасната бегалска рута

Нина Нибергал/сн7 април 2016

Балканската рута е блокирана. Грција? Оттаму повеќето бегалци принудно се враќаат во Турција. Во Либија повторно десетици илјади луѓе чекаат да се качат на гумените чамци за Италија.

https://p.dw.com/p/1IRAb
Фотографија: Getty Images/AFP/G. Isolino

Бегалската драма во Европа не почна со долгите колони на Балканот. Започна многу порано, со криумчарски банди и преполни гумени чамци од кои многу се превртија во морето, меѓу бреговите на Либија и италијанскиот остров Лампедуза. Во ноќта меѓу 18. и 19. април 2015. година се преврте товарен брод на патот за Италија. Спасени се само 28 луѓе. 700 се удавија. Илегалното префрлање луѓе по морски пат со помош на криумчарските банди не е само поопасно туку е и многу поскапо отколку патувањето преку Турција, Грција и другите земји на Балканот во насока на Западна Европа. Поради тоа Сиријците и Ирачаните се префрлија на балканската рута. Но со оглед на граничните контроли, Балканот за бегалците сѐ повеќе станува слепа улица. Најдоцна откако ЕУ потпиша договор со Турција, кој во суштина предвидува принудно враќање на бегалците кои илегално влегле во Грција, многу бегалци мораат да најдат алтернатива. Потпаролката на УНХЦР за јужна Европа Карлота Сами во тој контекст спомена дека постои ризик да дојде до повторна експлозија на бегалци на рутата од Либија кон Италија.

Italien Flüchtlinge Rettung Mittelmeer
Фотографија: picture alliance/dpa/ Italian Navy Press Office

Турскиот модел за Северна Африка?

Меѓународната организација за миграција проценува оти во првите три месеца годинава околу 16.000 луѓе дошле по морски пат, што е за 60 отсто повеќе отколку во истиот период минатата година. Со оглед на овој стар и воедно нов предизвик политиката е сега на потег и е принудена да делува. Германскиот министер за внатрешни работи Томас де Мезие смета дека договорот со Турција може да послужи и како модел за договор со земјите од Северна Африка. „Тоа значи принудни враќања во одредени земји, а за возврат прифаќање на хуманитарни контингенти бегалци во ЕУ“, појасни овој политичар. „Тој метод е правилен и би требало да го примениме на медитеранската рута која од Либија води кон Италија“, рече де Мезие додавајќи: „Но тоа би можело да биде посложено отколку со Турција.“

Криумчарите со луѓе преку Фејсбук најавија дека нивната средоземна рута вистински ќе започне во првите недели од април. „Во април обично се завршува фазата на лошо време“, објаснува бродскиот капетан Бастијан Фишборн, портпарол на морнарицата на Бундесверот во интервјуто за ДВ. Тој, меѓутоа, додава дека тие патувања нема да бидат многу побезбедни. „Гумените и дрвените чамци не се направени за да можат да бидат користени за толку долга рута на отворено море. А станува збор за 450 до 600 километри.“

„Овозможување на легални можности за доселување“

Еритрејскиот свештеник кој живее во Швајцарија, Муси Зераи, илјадапати се има соочено со последиците од ваквите патувања. Од летото 2004 година наваму тој е нешто како последна надеж за бегалците кои со гумени чамци доживуваат бродолом. Неговиот телефонски број крружи меѓу бегалците од Еритреја, Сомалија и Етиопија.

Deutsche Soldaten retten erneut Flüchtlinge im Mittelmeer
Фотографија: Bundeswerhr/PAO Mittelmeer/dpa

150 до 200 илјади луѓе чекаат во либиските пристаништа на подобро време. Ова неодамна го објави весникот „Велт ам Зонтаг“, повикувајќи се на информации на различни тајни служби. Меѓу нив има и сѐ повеќе Сиријци. Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини предупреди дека 450 илјади бегалци, поради нестабилната ситуација во Либија, би можеле да се осмелат на патување кон Италија.

„Во текот на оваа година досега само 6 Сиријци пристигнале по морски пат во Италија“, вели портпаролот на германската морнарица Бастијан Фишборн. Тој се повикува на соопштението на министерството за внатрешни работи на Италија. „ Ако на една рута постојат пречки, бегалците ќе се префрлат на друга“. А новите рути преку Грција, Турција, Албанија или Црна Гора би можеле да водат до Италија.

За Муси Зераи постои само едно решение на долги патеки. „ЕУ мора да овозможи легален пат за доселување: виза, спојување на смејствата, хуманитарни програми. Тоа е прв чекор во намалување на борјот на бегалци, кои преку Средоземното море настојуваат да стигнат во Европа“.