1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вонредна состојба во делови од Германија

ЕМФ/ард/ртр2 јуни 2016

Во огромното невреме во Баварија животот го загубија пет лица. Многу е погодена и покраината Северна Рајна Вестфалија. Во округот Везел е прогласена состојба на катастрофа.

https://p.dw.com/p/1Iyee
Фотографија: picture-alliance/dpa/T. Hase

Големите поплави што ја зафатија Баварија однесоа пет жртви. Нуркачите во една куќа во Зимбах на Ин открија тела на тројца возрасни, соопштија властите. Во Јулбах, кој исто така припаѓа на округот Ротал-Ин, од водата е извадено тело на жена. Причините за смртта засега не се познати.

Deutschland Bayern Rottal-Inn
Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Scharinger

Во окрузите Ротал-Ин и Пасау вчера е прогласена состојба на катастрофа. Во општините Зимбах на Ин, Трифтерн и Тан цели улици се однесени од водата, а голем број куќи пловат по површината. Портпарол на полицијата во овој дел на Баварија извести дека во некои места луѓето успеале да се спасат само благодарение на тоа што се качиле на покривите. Водата дошла одеднаш и брзо.

Deutschland Bayern Rottal-inn Unwetter
Фотографија: picture-alliance/dpa/W. Geiring

Трифтерн извесно време беше пресечен од останатиот свет поради тоа што сите мостови беа однесени од надојдената вода. Во меѓувреме, како што се вели, состојбата во регионот е малку смирена. Властите проценуваат дека материјалната штета ќе биде во двоцифрен милионски износ. Баварскиот министер за финансии Маркус Зедер најави брза финансиска помош.

Deutschland Bayern Unwetter Überflutung in Simbach
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Hoppe

Нема изгледи за подобрување во наредните денови

Невремето вчера беше разурнувачко и во други делови на Германија, како во покраината Северна Рајна Вестфалија. Во округот Везел по долготрајниот дожд е прогласена вонредна состојба. Нивото на водата во реката Исел во текот на ноќта достигна два метра, што е 1,5 метар повеќе од нормалното ниво. Противпожарните служби јавуваат за особено голем број акции и во регионот на Диселдорф. Постојано се испумпува водата од поплавените подруми и полните тунели. Големи дождови имаше и во покраината Саксонија. Во една од болниците во Лајпциг спасувачите мораа да испумпуваат вода од одделот за итна помош.

Според метеоролозите, потенцијал за невреме ќе има најмалку до недела.

Погледнете ги снимките од ужасот кој зад себе го остави невремето:

#videobig#