1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Возач на автобус Марион Тома од Аугсбург

18 април 2010

„Секој ден е различен“, вели Марион Тома. Тоа звучи речиси филозофски, зашто жената-возач на автобус секој ден ја поминува истата релација во Аугсбург. За промена - џогира секој ден.

https://p.dw.com/p/MDtG

„Секој ден е различен.“ Марион Тома има филозофски пристап кон нејзиното работно секојдневие. На 35-годишната жена, се‘ уште и‘ е интересно секој ден со нејзиниот автобус на гас да вози на истата релација околу центарот на Аугсбург. Турата трае три часа, а таа не прави паузи. Затоа, оваа релација е особено непожелна за колегите на Марион кои се пушачи. Марион Тома го познава секој метар од делницата. Но, потребна е голема концентрација за возењето на автобусот долг 18 метри низ утринскиот сообраќај. Покрај целата нервоза, и‘ успева секогаш да биде љубезна и подготвена да помогне.

Gesichter Deutschlands Porträt ThMaP3
Секогаш љубезна и подготвена да помогнеФотографија: DW

Со зглобен автобус низ утринскиот сообраќај

Марион Тома денес не може да се замисли во друга професија, иако случајно почнала да работи како возач. „Прочитав оглас во весник, конкурирав и ме примија. Прво бев возач на трамвај. По две години добив дозвола за автобус и сега возам и трамвај и автобус“, вели таа.

Марион Тома порано работела како возач за поштата во Минхен. Но, не била среќна поради стресот и анонимноста во големиот град. Сега работи во Аугсбург, кој има четврт милион жители и е многу прегледен град. За живеење одбрала нешто уште помирно, едно село во близина на 30 километри оддалеченото гратче Бобинген, нејзиното родно место. Марион Тома го сака животот на село, мирот, чистиот воздух.

Gesichter Deutschlands Porträt ThMaP2
Првото капучино по четири часа работаФотографија: DW

И сопругот е возач на автобус

Марион Тома е мажена, а нејзиниот сопруг исто така е возач. Немаат деца. Тома е скептична во поглед на можноста да се усогласат обврските околу децата и професијата: „Сметам дека денес тоа е тешка одлука. Јас радо работам и мислам дека работа и деца заедно не би функционирало“, вели таа.

Тома го сака контактот со луѓето во својата професија. Секој ден се радува поради љубезните патници. Но, има и непријатни кои секогаш нешто довикуваат. Се‘ почесто забележува младинци кои се качуваат во нејзиниот трамвај со шише в рака и едноставно се возат на задните седишта по два часа за да пијат алкохол. Кога ги набљудува младинците преку вградената камера, ја обзема непријатно чувство.

Gesichter Deutschlands Fragebogen ThMa2
По крајот на работното време - правец Бобинген, селото во кое живееФотографија: DW

Одмор секогаш на различно место

Марион понекогаш вози и во слободното време. Но, автомобилот го користи колку што е можно помалку, всушност само до работа и назад до дома. Инаку многу работи завршува со велосипедот: „Ионака по цел ден седам зад управувачот“. За да остане во кондиција, џогира по можност секој ден.

Кога оди на одмор, Марион Тома сака да види нешто ново. Затоа никогаш не оди по втор пат на исто место. Потребна и‘ е промена. Затоа и работи како возач на автобус, иако понекогаш ја поминува истата делница по шест пати. Сепак, „секое возење е ново возење“!

Автор: Јоргос Папас / Јасна Мушиќ - Јанчулева

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска