1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Водата како оружје во рацете на џихадистите

Матијас фон Хајн/Ж.А.14 март 2016

Од осум важни брани во Сирија и во Ирак, Исламска држава контролира шест. И систематски ја користи контролата над водата. Парадокс е што најголемата опасност се заканува во случај ИД да почне да слабее.

https://p.dw.com/p/1I7qT
Фотографија: picture-alliance/Anadolu Agency/E. Yorulmaz

Ако ја има доволно, водата значи живот. Или, ако ја има премалку, таа значи- смрт. Поради тоа расте стравот дека Исламска држава целно ги стави под своја контрола браните во северен Ирак и во Сирија. Од осум важни брани на Еуфрат и на Тигар, ИД контролира шест, додека седмата континуирано ја напаѓа. Притоа, овие ресурси целно ги користи како оружје, тврди експертот за истражување конфликти Тобиас фон Лосов од берлинската фондација Наука и политика: „Од една страна ја затвора водата за да предизвика суша во одредени подрачја и да отсече одредени села и општини од снабдувањето со вода. Од друга страна, ја користи водата за поплавување одредени региони, протерувајќи го на тој начин населението и оневозможувајќи таму живот.“

Користењето вода како оружје не е пронајдок на ИД. Во Првата светска војна Белгија кај Њупорт ги отвори браните на реките и каналите за да ја поплави долината Изер околу која се водеа борби. Мерката вроди со плод: германските единици беа запрени. Четвртина век подоцна сличниот план трагично пропадна: во кинеско-јапонската војна кинескиот лидер Чанг Каи-шек во 1938 година во покраината Хенан заповеда дигање во воздух на браната на Жолтата река. Ослободените водени маси требаше да ја проголтаат јапонската војска. Но, нивното напредување беше запрено само за една недела, а водената стихија однесе 800.000 кинески цивили.

И на Средниот Исток водата во минатото е употребувана како оружје. Во 1990-та ирачкиот диктатор Садам Хусеин нареди исушување на подрачјата во јужниот дел од земјата со цел да ги казни шиитите поради дигањето на востание против неговиот режим.

Поплава или суша

И сега, тврди експертот Фон Лосов, во Сирија сите конфликтни страни ја користат водата како оружје, но ниедна страна тоа не го прави толку систематски и доследно како ИД. „Тие се служат со цел дијапазон можности и ја користат водата како оружје во сите можни варијанти.“ Фон Лосов тврдењето го поткрепува со примери: во мај 2015 година Исламска држава ја зазеде браната на Еуфрат кај Рамади. Непосредно потоа ја намали количината вода во долниот тек на Еуфрат за половина и така го ограничи снабдувањето со вода во пет покраини.

Dürre im Irak
Суша во ИракФотографија: AFP/Getty Images/H. Hamdani

Кај браната на Еуфрат близу ирачкиот град Фалуџа ИД во 2014 година ја употреби водата за одбрана, но и за напад. Прво ја затвори браната и така го наполни долниот тек со вода за да ги потисне ирачките единици на тоа подрачје, а потоа ја отвори браната и пушти големи количини вода низводно од браната, предизвикувајќи огромни штети, последица беше бегството на 60.000 жители.

Поради сите овие настани од минатото, кај светот почнаа да се палат сигналните светла за аларм кога борците на ИД во август 2014 година ја зазедоа браната на Тигар кај Мосул. Од таа најголема ирачка брана зависат околу 50 проценти од снабдувањето со струја во Ирак, како и снабдувањето со вода на курдските подрачја. Контролирајќи ја оваа брана, ИД можеше да исушува одредени делови од Ирак по своја желба. Во најлош случај, може и онака трошната брана да ја крене во воздух. Последица би бил бран висок 20 метри во Мосул, во Багдад пет, во кој смрт би нашле половина милион луѓе. Со силна американска поддршка од воздух, ирачките единици и курдските пешмерга-борци по повеќе од една недела успеаја да воспостават повторно контрола над браната.

Irak Peshmerga-Kämpfer am Mossul-Staudamm 21.08.2014
Пешмерга борци на браната кај МосулФотографија: Reuters

Водата - оружје за масовно уништување

ИД освен за поплави и суши водата ја користи и во трета варијанта како оружје, со нејзино загадување и труење. Во декември 2014 година јужно од Тикрит водата за пиење беше загадена со сирова нафта, укажува фон Лосов. Со овој метод ИД сакаше да се послужи во јули 2015 година дури и на европско тло: неговите приврзеници планираа да предизвикаат труење во најголемиот резервоар со вода во косовскиот главен град Приштина, а беа откриени непосредно пред намерата да ја спроведат во дело.

Најголемата опасност според Фон Лосов е ако ИД почне да ги губи териториите кои ги има заземено и ако слабее. Во тој случај, заклучува берлинскиот експерт, раководството на ИД, ако се почувствува на работ на пропаст, сметајќи дека дошла конечната битка, во некој вид апокалиптички чин би можело да нареди разнесување на браните и од водата да создаде оружје за масовно уништување.