1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Хирошима без извинување

Мартин Фриц/сн27 мај 2016

Како прв активен претседател на САД, Барак Обама ќе им оддаде почит на жртвите од атомската бомба фрлена врз Хирошима во 1945 година, гест кој наидува на различни реакции, како во Јапонија, така и кај соседите.

https://p.dw.com/p/1Iufp
Фотографија: Reuters/Kham

Патот до оваа историска посета беше долг: поранешниот американски претседател Џералд Форд во 1974. година ја откажа посетата на Хирошима, затоа што не сакаше да ги загрози односите со Јапонија. Еден од неговите наследници, Џорџ В. Буш, во 2008. година категорично ја одби посетата. Џими Картер по својот мандат беше во Хирошима, а Ричард Никсон пред да ја преземе должноста. Дури од 2010. година еден американски амбасадор во Јапонија учествува на годишната комеморација во градот. Џон Кери беше прв американски државен секретар кој ја посети Хирошима и положи венец на споменикот на жртвите- во април 2016. година.

Во петок предвечер по локално време Барак Обама како прв претседател на САД ќе држи говор во Хирошима. Тој со тоа стапнува на дипломатски многу тежок терен. Обама веќе јасно стави до знаење дека нема да се извини за првата употребена атомска бомба во историјата на човештвото. Како последица од експлозијата на 6. август, во 1945. година до крајот на годината починаа околу 140.000 луѓе. „Задача на историчарите е да поставуваат прашања и да истражуваат“, рече Обама пред посетата на јапонската телевизија НХК. Наместо тоа, претседателот посетата на Паркот на мирот ја искористи да ја претстави„визијата за светот без нуклеарно оружје“.

Japan G7-Minister besuchen Atombomben-Mahnmal in Hiroshima Kerry
Фотографија: Getty Images/AFP/K. Nogi

Дебата меѓу историчарите

Со тоа што нема да се извини, Обама сака да избегне нова расправа меѓу историчарите. Бидејќи, до денес нема консензус за околностите за употреба на нуклеарно оружје против Јапонија. Според официјалната верзија, САД со фрлање на атомските бомби врз Хирошима и Нагасаки во 1945. година, сакале да ја примораат Јапонија да се предаде. Во копнена инвазија, наводно, би страдале повеќе американски војници отколку Јапонци од атомската бомба. Факт е оти Хирохито ден по бомбардирањето на Нагасаки, на 9. август 1945. година, пратил понуда за предавање. Меѓутоа, некои историчари веруваат дека Јапонија, порано или подоцна и онака ќе капитулирала и сметаат оти тоа била чиста демонстрација на моќ на САД кон Советскиот Созуз.

Според едно истражување, повеќе од половината од „хибакуш“, како што се викаат во Јапонија преживеаните од атомската бомба, чувствуваат потреба за извинување. „Многумина сакаат извинување за жртвите и за нивните членови од семејствата, а не нужно и општо извинување“, рече Теруми Танака, генерален секретар на Здружението на жртви од атомски и хидрогенски бомби.

Обама мора јасно да каже дека фрлањето на атомски бомби е „нехумано“ и е „кршење на меѓународното право“. Танака имал 13 години кога ја доживеал нуклеарната експлозија во Нагасаки. На преживеаните забраната за нуклеарно оружје им е приоритетна цел. „Барањето за извинување не би требало да претставува пречка за укинување на нуклеарното оружје“, рече Танака.

Japan Hiroshima Früher und Heute Bildergalerie Bild 7
Фотографија: Reuters/Masami Oki/Hiroshima Peace Memorial Museum

Сторител или жртва?

Меѓутоа, преживеаниот од Хирошима, Тошики Фуџимори, од истото здружение, го критикуваше ставот на јапонската влада. „Непријатно е тоа што министерот за надворешни работи, градоначалникот и гувернерот на Хирошима не очекуваат извинување од Обама“, рече Фуџимори. Според негови зборови, зад сцената е вршен протисок да се овозможи посетата на Обама.

Тоа е само на прв поглед изненадување. Јапонската влада користи американски нуклеарни бомби со децении, за да ја истакне улогата на Јапонија како жртва на војната. Политичките набљудувачи сметаат оти националистите сакаат да ја прикријат својата улога на агресор. Извинувањето од САД би ја расипала работата, бидејќи тогаш би ја приморала Јапонија да се извини за своите воени злосторства.

Japan Hiroschima Abwurf Atombombe 1945
Фотографија: U.S. Army/Hiroshima Peace Memorial Museum via Reuters

Затоа соседите на Јапонија прилично критички гледаат на посетата на Обама. Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи рече дека се надева оти Јапонија од историјата научила да ги избегнува таквите трагични војни. Јапонија ја нападна Кина уште во 1937. година, 4 години пред Перл Харбур. Пекиншкиот националистички весник „Глобал тајмс“ го критикуваше Обама поради тоа што на Јапонија и’ го признава статусот на жртва: „Јапонските десничарски сили секогаш се обидувале да ја исперат Јапонија од свирепата и немилосрдна улога на агресор во Втората светска војна“.

Слично размислуваат и во Јужна Кореја. Таму постои загриженост дека ќе се зборават жрвите од атомската бомба од Кореја. Според нивните претставници 50.000 Корејци се погодени од бомбата која е фрлена на Хирошима, бидејќи таму биле приморани да служат во јапонската војска или се депортирани како присилни работници. Поради тоа, Обама би требало да оддаде почит и на корејските жртви од бомбата, кои имаат свој споменик во Паркот на мирот. Со оглед на овие различно мотивирани барања, американскиот претседател навистина го чека тешка задача во Хирошима.