1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во училиште со Гајгеров бројач

5 април 2011

Јапонскиот енергетски концерн Тепко почна да испушта 11.500 тони контаминирана вода од нуклеарката Фукушима во Пацификот. Во меѓувреме, луѓето во погодениот регион се обидуваат да живеат со атомската катастрофа.

https://p.dw.com/p/10new
Постојано мерење на радијацијатаФотографија: picture alliance/dpa

Училишната година во Јапонија традиционално почнува во април. Децата пејат песнички исто како и пред циунамито и атомската несреќа. Нота по нота, низ игра ја учат мелодијата. Новина во училниците, меѓутоа, се гајгеровите мерачи. Во сите 1.400 училишта во провинцијата Фукушима три дена се вршат мерења. Родителите се загрижени поради опасноста од радиоактивноста. Претставник на властите бара разбирање: „Ве молам сите, нема потреба од лошо чувство поради мерењата. Ова го правиме за да покажеме, колку ни‘ е важно здравјето на учениците.“

Фукушима
ФукушимаФотографија: AP

Притоа, бројките кои се објавуваат на јапонската телевизија го заматуваат умот. Наместо пролетни температури во целзиусови степени, вообичаени за времето на цутот на црешите, на гледачите им се презентира картата на Јапонија и црвени точки со пречекорени гранични вредности во милисиверти. Атомската катастрофа стана секојдневие, и тоа малку ќе се промени наредните месеци. Со солзи во очите, портпарол на беспомошната фирма Тепко се исповеда за последниот еколошки грев: „Се извинуваме, изричито кај населението, што предизвикавме уште поголеми грижи. Иако веќе создадовме многу тешкотии и непријатности.“

Со паѓањето на ноќта, Тепко почна со расчистување на радиоактивниот вонреден отпад во Пацификот. 11,5 милиони тони озрачена вода намерно се испуштаат во морето. За луѓето не постои опасност, тврди концернот и ја правда оваа одлука: за да се направи место за високорадиоактивна вода во садовите, мора да се испумпа ниско озрачената вода час поскоро. Дури тогаш ќе може да се поправи дефектниот систем за ладење.

Учениците во Јапонија конфронтирани со радијацијата
Учениците во Јапонија конфронтирани со радијацијатаФотографија: AP

Во меѓувреме, и на 100 километри од Фукушима Даичи, се импровизира: „Училишниот ранец, спортската униформа, дури и костумот за првиот училишен ден се однесени. Немаме ништо повеќе, тоа ја отежнува ситуацијата.“

Со оглед на оштетувањата кои ги нанесе цунамито, училиштето во некои места ќе почне на крајот на април. Но децата не се радуваат што немаат настава, оти иднината е неизвесна. Насекаде во уништените фабрики, продавници, во прифатните центри и во училиштата Јапонците си помагаат меѓусебе. Една недела по завршната церемонија, една поранешна ученичка го подари својот најголем спомен: „Нашите ранци повторно да се вратат во основното училиште, тоа многу ќе не‘ радува нас, учениците кои го завршивме училиштето. Користете ги ве молам. Со љубов!“

Автор: Нилс Кинкел/ Александра Трајковска

Редактор: Жана Ацеска