1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во сенка на фудбалската еуфорија, проаѓаат непријатни закони

Рахел Клајн/сн27 јуни 2016

Повисок данок, поголеми придонеси за здравствено осигурување... Минатото покажува дека германските политичари често сакаат да донесуваат непријатни закони додека целата нација гледа- фудбал. ЕУРО 2016 не е исклучок.

https://p.dw.com/p/1JEI1
Фотографија: imago/Action Pictures

Германија е среде фудбалска треска. Националната репрезентација со супериорна игра обезбеди пласман во четвртфиналето на ЕУРО 2016 во Франција. Преку 28 милиони луѓе го следеа осминафиналниот натпревар со Словачка на ТВ екраните, што воедно е рекорд за оваа година. Додека јавноста веќе со недели е преокупирана со фудбалските случувања во Франција, ретко кој се интересира за тоа кој закон деновиве се усвојува во германскиот парламент- Бундестагот.

Така токму во минатиот петок (24.6.) германскиот парламент расправаше и изгласа закон кој го регулира фрекингот, многу спорен метод за експлоатација на нафтата. Се работи за вбризгување на смеса од хемикалии, вода и песок во километарски длабочини за се ослободат енергенси заробени во подлабоките слоеви во земјата. Со тоа се загрозуваат подземните води, а некои тврдат оти фрекингот е причина и за земјотреси. Веќе една година за тоа спореа демохристијаните и социјалдемократите во големата коалиција, но сега сѐ се случи многу брзо. И навистина, законот е прифатен со „компромис“: таква експлоатација се допушта во Германија ако на тоа се согласи сојузната покраина каде ќе се спроведува таа експлоатација.

Пратеничката од редовите на Зелените, Јулија Ферлинден, јавно ја обвини владата дека усвојува закон „во сенка на Европското првенство и брегзит“. И што е најлошо- може да се забележи оти на политичарите веќе им стана обичај да усвојуваат непријатни закони токму за време на големи спортски манифестации.

Сон на летната ноќ со зголемување на ДДВ

Во 2006 година Германија беше домаќин на Светското првенство и на сите им беше пред очи само фудбалот. На германската екипа ѝ одеше добро, Пољаците на 14. јуни беа победени со 1:0, а на 20. јуни следеше натпреварот со Костарика ( И Костарика беше победена со 3:0). И токму меѓу овие два натпревари Бундесратот даде зелено светло за најголемото зголемување на данок на додадена вредност во историјата на земјата, од 16 на 19 насто. Секако, тоа стапи во сила по првенството, на 1. јануари 2007 година.

Symbolbild Sommermärchen
Фотографија: picture-alliance/dpa

Или за време на Светското првенство во Јужноафриканската Република 2010. година. И таму на германскиот тим му тргна одлично и само ден пред полуфиналето со подоцнежниот првак Шпанија, на 6. јули, германскиот парламент усвои опсежна реформа на системот за обврзувачко здравствено осигурување- и зголемување на придонесите од 14,9 на 15,5 отсто на примањата на граѓаните.

Рапродажба на приватноста на граѓаните за 57 секунди

Според медиумските статистики, околу 28 милиони граѓани на Германија и на Европското првенство во 2012 година внимателно го следеа полуфиналниот натпревар меѓу Германците и Италијанците- кој на крајот Германија го загуби. Но за време на натпреварот во Бундестагот се работеше. Поточно, некои работеа бидејќи на седницата дојдо само 26 пратеници- од вкупно 620. Но, 21. точка на дневен ред на таа седница беше „Предлог Закон за развој на системот за пријава на престој на граѓани“. Сите пријавени амандмани дури ни не беа читани туку само евидентирани во записникот.

Така Бундестагот за само 57 секунди донесе закон според кој официјалните податоци кои ги има државата за граѓаните можат да се даваат на фирмите на кои таквите податоци им се потребни- на пример, за реклама или за продажбената служба. Единствено ако граѓанинот експлицитно забрани такво предавање на своите податоци, тогаш тие можат и натаму да останат тајни.

Изворниот предлог на законот далеку подобро ја штитеше приватноста на граѓаните, но тој предлог парламентарната Комисија за внатрешни работи го промени непосредно пред гласањето. На германската јавност, преокупирана со фудбалот, ѝ требаше некое време воопшто да сфати што е изгласано во парламентот. Дури по завршувањето на првенството почнаа критиките за тој експресен закон. Тоа траеше сѐ до есента кога Горниот дом на парламентот, Бундесратот, одби да го прифати таквиот закон и за него мораше повторно да се расправа.

Bundestag Abstimmung über das Meldegesetz
Фотографија: picture-alliance/dpa

Случајност или пресметливост?

Поучени од таквите искуства, навистина се наметнува прашањето дали политичарите ги користат големите спортски настани да донесат непопуларни закони? Главниот уредник на спортскиот магазин „11 фројнде“, Филип Кестер, е уверен дека тоа е така: „Навистина можете да протнете што било и кога било. Најважно е тоа да се случи за време на важни фудбалски натпревари. Верувам дека таму донесувале и целосно невозможни закони само затоа што токму тогаш имало натпревар.“

Парламентарната секретарка од СПД, Кристине Ламрец, категорично тврди оти таквите обвинувања се „од онаа страна на реалноста“ на парламентарниот процес. Како што тврди, основно начело на политичарите е дека „нашите одлуки мораат секогаш да се донесуваат транспарентно и втемелено, за да, за среќа, бидат соочени со критиките од будната и критична јавност.“

Сепак, не може да се превиди редовното поклопување на спортските манифестации и (непријатните) политички одлуки и едно побенигно објаснување, за тоа, ни нуди Себастијан Крист. Тој е долгогодишен дописник од Бундестагот за порталот Хафингтон Пост, така што одлично знае што се случува во Берлин.

„За жал, големите фудбалски натпревари редовно паѓаат во време кога парламентот се подготвува за летна пауза. Тоа значи, наместо предлозите за законите да се чекаат со месеци, често се донесуваат набрзина пред пратениците да заминат на одмор“, вели овој новинар. Но, и тврди: „Додуша, паѓа во очи дека во редовни интервали во Бундестагот навистина се расправа за непопуларни закони токму во деновите кога половина нација е преокупирана со фудбал. Тоа баш не е паметно, посебно во време кога и инаку политичарите уживаат сѐ помала доверба од граѓаните.“