1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Во САД се радикализираат поединци“

Разговорот го водеше Астрид Пранге/превод. Ж.А.16 јуни 2016

Американскиот експерт за тероризам Дејвид Х. Шензер во интервју за Дојче веле објаснува зошто некои поединци, неповрзани во терористичка организација, работат на своја рака и вршат напади.

https://p.dw.com/p/1J6zx
Фотографија: Getty Images/AFP/L. Buckman

Дојче веле: Дали масакрот во Орландо претставува нова, индивидуална форма на терористички напади?

Дејвид Х. Шензер: Не, во САД се радикализираат поединци. Тие не добиваат инструкции и не се поврзани со некоја терористичка група, но се инспирираат од такви групи на примена на насилство на своја рака. За тоа има повеќе примери, како оној на припадник на американската војска кој во американската воена база Форт Худ во ноември 2009. година уби 13 луѓе.

Дали се овие напади американски феномен?

Во САД работите се поинакви отколку на Блискиот Исток или во Европа. Овде нема терористички инфраструктури со голем број луѓе во градовите, со кои потенцијалните атентатори можат да формираат ќелии или да планираат напади. Освен тоа, безбедносните органи се силни и работат толку ефикасно што се во состојба да откријат поголема терористички групи поради нејзината интерна комуникација. Затоа овие индивидуални терористички напади се случуваат во САД, а не на друго место.

Ако тие напади не се нови, откога постојат во таква форма?

Со оваа тема се занимаваме барем една деценија. Во бомбашките напади за време на Бостонскиот маратон, во април 2013 година, двајцата извршители работеа на своја рака, без добиени инструкции од некоја терористичка група. Тоа важи и за нападот во Сан Бернардино, на 2 декември 2015. година. Од 2010. година се уапсени околу 270 лица и речиси никој од нив не бил поврзан со тероризмот. Во речиси сите случаи тоа беа радикализирани поединци, незадоволни од својот живот, кои се свртеле кон една идеологија. Мнозинството од нив беше уапсено пред изведување на напад. Но, и органите на безбедност не можат да бидат совршени, овој случај им се провлекол низ „ситото“.

David H. Schanzer Professor an der Sanford School of Public Policy
Дејвид Х. ШензерФотографија: Privat

Може ли заострувањето на законот за оружје да придонесе за намалување на бројот на индивидуални атентати?

Контролата на оружјето во САД е многу контроверзна тема. Многумина велат дека би имале подобра превенција на терористички напади ако биде подобро контролирана продажбата на оружјето. Не верувам во таа аргументација. Сепак, јасно е дека во два случаи ФБИ го испитувала атентаторот. Значи, тој бил под сомнение. Кога купил оружје, органите на безбедност морале да се алармираат и ФБИ морала повторно да го испраша. Кога виделе врски со тероризмот, фактот дека набавил оружје би бил јасен сигнал за подготовка на ново кривично дело.

Кое е Вашето објаснување за тоа што во САД и покрај таквата предисторија е можно купување оружје?

Според американското право, секој има право да набави оружје ако не е правосилно осудуван. Бидејќи атентаторот претходно не направил кривично дело, ФБИ ја заклучила истрагата. Во Конгресот постојат иницијативи за промена на законот. На пример, постои листа на забрана за летови за потенцијално осомничени. Многу луѓе од таа листа немаат извршено кривично дело, но се наоѓаат под сомнение и не смеат да влезат во авион, а ако сакаат да го направат тоа, мора да поминат низ претходно испитување. Во секој случај, јас се залагам за тоа секој кој направил доволно за да се најде на листа на непожелни авионски патници, да биде посебно испитан и при купување оружје.

За неколку недели во Бразил почнуваат Олимписките игри. Постои ли на планот на безбедноста лекција произлезена од нападот во Орландо?

Тероризмот се наоѓа на меѓународна агенда уште од ужасните напади на Олимписките игри во 1972 година во Минхен. Меѓународната заедница оттогаш многу научи и ги подобри мерките за безбедност. Она што ме загрижува се т.н. меки цели, како клубови или градски шеталишта, места каде се собираат илјадници луѓе на славење. Ние не сакаме да ги менуваме тие навики, зашто во спротивно би загубиле дел од нашата човечност. Но, безбедосните органи мора добро да размислат околу тоа како да се изборат против ризиците на таквите манифестации.

Колку има повеќе права и слободи, се чини се зголемува и отпорот што им се пружа. Стигнавме ли до точка каде слободите кои луѓето ги уживаат во т.н. западен свет им пречат на се‘ поголем број луѓе?

Не верувам. Секогаш постои малцинство кое пружа отпор, но мозинството успева да се избори против тоа. Малцинството кое не ги прифаќа овие права, на крајот се наоѓа на маргините на општеството. Прашање е како овие луѓе да се убедат проблемот со разликата во мислењата да го решаваат демократски, а не со насилство. Мораме да се занимаваме со превенција на тероризам и политичко насилство. Тоа е голем предизвик, но општеството мора да ја искористи својата храброст и ресурсите за да се зафати со тој проблем.

Дејвид Х. Шензер е директор на Триангл центарот за тероризам и национална безбедност во школата за јавна политика Дјук Сендорф на Универзитетот во Дерхам.