1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Македонија бавно стигнуваат патеките

Милчо Јованоски14 мај 2016

Последниве години во сообраќајки низ Македонија гинат по околу 170 лица. Најчести жртви се пешаци и велосипедисти и во градовите тие се најнебезбедни. Се градат патеки, но бавно и малку во споредба со потребите.

https://p.dw.com/p/1ISUA
Фотографија: DW/M. Jovanovski

Расте бројот на Здруженија за велосипедизам, а зголемен е и број на граѓани кои користат велосипед во Македонија. Наместо општеството забрзано да води сметка за нив и да создава услови за возење, евидентна е нивната небезбедност и стравот да се користи велосипедот низ градскиот метеж. Последните анализа на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата (РСБСП) покажува дека лани само за осум месеци во Скопје од вкупно 27 загинати дури 15 се пешаци – велосипедисти. Црната статистика и на ниво на Македонија е слична. На пример во Охрид според Стефан Димоски, претседател на Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата ( ОСБСП) , во 2014 година се случиле 29 сообраќајни незгоди во кои настрадал еден велосипедист, 23 се здобиле со лесни , а пет велосипедисти со тешки телесни повреди. Декларативните и најсилни заложби за посебни велосипедски патеки и поголема безбедност на велосипедистите низ Македонија се ден – два по несреќите и потоа се’е по старо. Целта на втората Национална стратегија за унапредување на безбедноста во сообраќајот на патиштата е бројот на жртви во сообраќаните незгоди до 2020 година да се намали до просекот на бројот на жртвите на земјите членки на ЕУ, на жртвите – млади возачи за 30 проценти, на сериозно повредени за 40 проценти, а на деца – жртви во сообраќајот да се сведе на нула.
Трибини низ Македонија за „Алтернативни форми на мобилност за безбеден сообраќај“
РСБСП низ Македонија започна со циклус сообраќајно – едукативни трибини за младите и нивната безбедност во сообраќајот на тема: „Алтернативни форми на мобилност за безбеден сообраќај“. На нив се разговара и за забрзано обележување и градење на велосипедски патеки. Д-р Зоран Јошевски од Техничкиот факултет во Битола анализирајќи го однесувањето на велосипедистите во градските средини како најчести проблеми ги предочува грешките при возење на крстосници, како и сообраќајните грешки кои ги правт велосипедистите, но и моторизираните учесници во однос на пешаците и велосипедистите. Градовите во Македонија доживуваат трансформација под влијание на масовната употреба на автомобилот , загушувањето на сообраќајниците, губењето време , немањето доволно паркинг места, а дополнително се соочуваат и со зголемено загадување и деградација на урбаната средина, смета д-р Никола Крстаноски. Според него решението е во промовирањето на одржлив урбан транспорт.
Постепено се реализира проектот „Скопје велоград“
Неодамна беше промовирана првата велосипедска рута од проектот „Скопје велеград“ . Општината Гази Баба, преку центарот на градот е поврзана со Карпош. „Како дел од оваа рута, изградивме и реконструиравме велосипедски патеки во вкупна должина од 7.600 метри“ изјави во таа пригода градоначалникот на Скопје Коце Трајановски. Интензивно се работи на патеките од рутата 2, со која треба да се поврзат Аеродром, Центар и Карпош со Ѓорче Петров. Амбициозно се најавува дека ќе има градежни работи и на рутата 3 којашто треба да ги поврзе Кисела Вода со Центар и Карпош и на рутата 4 којашто треба да ги поврзе Бутел, Чаир и Центар. Проектот треба да заврши во 2017 година, а градот Скопје соработува со неформалната група „На Точак“. Општина Центар во Скопје неодамна побара од граѓаните кои го користат велосипедот како превозно средство да одговорат на електронскиот прашалник, со чија помош локалната власт планира потоа да создаде соодветна политика за развој на велосипедизмот. Проектот „Страва“ се состои и од истражување на движењето на велосипедистите во центарот на Скопје со помош на мобилни апликации. Така ќе се знае кои патеки на движење се најкористени, но и со какви застои, пречки и проблеми се соочуваат велосипедистите.
Охрид со одлични услови за велосипедизам – недостигаат сигурни патеки
„Како поборник на велосипедизмот најголем дел од денот го минувам на велосипед. Жално е да не ги искористиме велосипедите како основно превозно средство, затоа што се’ во Охрид е толку блиску. Кога се восхитуваме на вестите во кои на пример принцезата Мери од Данска ги носела децата со велосипед во училиште, зошто еден директор на некоја фирма, новинар, работник не би го правел тоа истото кај нас? Нашиот музичар Владимир Четкар ме воодушеви кога ми кажа дека низ Њујорк најлесно се движи со велосипед. Охрид има велосипедски патеки но, потребен е сериозен пристап тие да се обележат по светски нормативи, а не да ги има на улица две, па на останите да ги нема или да се постојано узурпирани од контејнери , од автомобили и од дистрибутери на стока по маркетите. Во ова време да возиш велосипед треба да сметаш дека си под висок ризик. Кога возам на тротоар ги загрозувам пешаците , а на коловозите на удар сум јас како учесник во сообраќајот, а секако им пречам и на автомобилите, вели Жанко Голабоски, основач на Здужението „З’ш точак“ Според него би било одлично да се направи велосипедска патека околу Охридското Езеро, затоа што патот Охрид – Св. Наум сега е од висок ризик, особено во лето. „Ние го знаеме патот ама турист – велосипедист кој прв пат ја минува оваа рута е под постојана закана од несакани последици. Во велосипедизмот треба да се вложи особено во планинскиот за кој имаме добри услови,а тоа ќе значи можност да привлечеме поголем број туристи кои го сакаат овој вид на одмор, додава Голабоски.
Идеја за велосипедско поврзување меѓу Охрид и Струга
И додека Македонија започнува со градба на велосипедски патеки во урбаните средини , западноевропските земји одамна развиваат напредни мрежи на велосипедски патишта помеѓу градовите. Норвешка планира да гради 10 автопати за велосипеди, а Германија гради автопат за велосипеди во должина од 100 километри. Словенија преку Националната агенција за инфраструктура реализира проектите за изградба на велосипедски врски меѓу градовите. Последен успешен словенечки пример од јануари годинава е отворањето за сообраќај на велосипедскиот пат меѓу местата Солкан и Плаве во должина од 9,2 километри. Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот од Охрид по теркот на Европа покрена идеја за велосипедско поврзување на Охрид и Струга. Поврзувањето би се реализирало со користење на една коловозна лента од стариот пат Охрид – Струга долга 18 километри. Доколку се реализира проектот Македонија за прв пат би добила велосипедска инфраструктура од овој вид.

Mazedonien Parken auf Radfahrstreifen ist keine Seltenheit
Фотографија: DW/M. Jovanovski
Mazedonien Radfahren für Kinder in Ohrid
Фотографија: DW/M. Jovanovski
Ohrid Tag des Ohrider Sees Fahrrad-Tour
Фотографија: DW