1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во 'коалиција' со Бога, но не и со божјите заповеди

Катерина Блажевска 6 јануари 2016

Во Македонија само на празници се слушаат зборовите мир, љубов, разбирање. Што треба да се коригира - бројот на празниците или моралните слабости?

https://p.dw.com/p/1HZ2x
Фотографија: picture-alliance/dpa

Љубов, подавање рака, разбирање, мир, сочувство со оние кои страдаат... Овие значајни зборови кои одамна се избркани од јавниот говор во Македонија, на сцена се вратија со божикните празници. Пред нив, и по нив, јавниот речник ниту е толку топол, ниту толку сочувствителен. Напротив - речиси го нема. Навреди, етикетирања, понижувања на различниот, бесчувствителност кон проблемите на ранливите групи - најчесто е суровата секојдневна реалност.

Политичарите во Македонија ги сакаат верските празници. Особено ги сакаат камерите кои го регистрираат тој чин. Повеќето од нив се декларираат како верници, но се појавуваат на празнични литургии само на најголемите верски празници. Тогаш нивните изјави се полни со зборови на љубов и милосрдие, а низ катодните цевки на тв - апаратите се уште течат нивните претпразничи изјави полни со лесно запаливи искри, тешки зборови, обвинувања за лаги, кражби, но отсуство на желба за разбирање и разговор со другиот.

Страда човештината

Што е во прашање: дволичност, двојни стандарди или неразбирање на суштината на зборовите?

„Политичарите сакаат да бидат во 'коалиција' со Бога, но изгледа не и со божјите заповеди. Но, заради празникот ќе се воздржам од натамошни коментари“, вели свештеник во еден скопски храм.

Даниел Димевски, аналитичар на црковни прашања, вели дека поимот верник е многу покомплексен отколу што се поима на прв поглед.

„Верник не се станува со себедекларирање по потреба и по можност во присуство на камера, која ете би ја посведочила длабоката духовна посветеност на конкретно лице. Верник не се станува ни со посета на духовен храм само на празник, ниту пак со пост сведен на диета, а уште помалку со празна реторика без вистинска духовна суштина. Да се биде вистински верник, е пред се, да се биде човек во вистинска смисла на зборот. Тоа во денешно време и не е баш лесно, зошто во време-невреме прво страда човештината. А во исто време е и толку лесно, ако навистина се сака да се биде верник, да се биде човек. Треба само доследно а не декларативно да се почитуваат најосновните Божји начела: љуби го ближниот свој, не му го прави она што не сакаш тебе да ти го прават, не кради, не лажи, не посакувај туѓо, не суди зошто сите ние грешиме, само Бог ни суди... Ова е сосема доволно за нов почеток, за чесен и честит живот не само како индивидуа, туку и како нација која е растргната од поделби по секоја основа, затруена од омраза и неподносливо многу негативна енергија. Во предвечерието на Божик, би посакал нашите лидери да се потсетат дека се тоа што се, затоа што некој тоа им го доверил, дека на овој свет сме дошле без ништо и без ништо ќе си одиме и дека само добрите дела остануваат како спомен за постоењето на секој од нас“, вели Димевски.

Духовен пост

Предавници, платеници, продадени души, фалсификатори, узурпатори...Ова е само дел од речникот кој владее со јавната сфера. Го употребуваат политичари, новинари, јавни личности, а фаќа корен и во речникот на граѓаните. Затишје за отровните зборови ќе има за празниците. Потоа - пак по старо.

Weihnachten in Mazedonien
Фотографија: MIA

Недозволиво е да се шири говор омраза, вели д-р Зоран Матевски, професор по социологија на религии.

„Во природата на луѓето е и да грешат. На виделина излегуваат нивните морални вредности, но и нивните морални слабости. Затоа, клучот е многу повеќе во духовниот, отколку во телесниот пост. Суштината на духовниот пост кај нас се уште не е целосно разбрана, бидејќи верниците не се доволно едуцирани. Целта на духовниот пост е да се зајакнат моралните вредности, за да се зголеми интензитетот на нивната примена во континуитет. Притоа, духовниот пост не е ограничен само на празници. Тој треба да трае во текот на целата година“, вели Матевски.

За да се зајакнат тие вредности, според Матевски, во одредени држави (Полска, Шпанија...) се спроведува и еден вид позитивна цензура, кога за време на празници медиумите се воздржуваат од објавување на „тешки изјави“ кои не се во духот на ширењето мир, пријателство, солидарност...

Црковна лекција

Но, што кога празниците ќе завршат и убавите зборови ќе секнат? Македонија е секуларна држава. Според Уставот државата и Црквата се одвоени. Но, во практика тешко е да се одржи таа граница, бидејќи многу нешта се испреплетени. Црковните великодостојници честопати во нивната проповед се осврнуваат на одредени општествени прашања, како што се абортусот, падот на наталитетот, мирот... Но, досега ниту еднаш не им „одржале лекција“ на политичарите и на други јавни личности кои преку нивните активности предизвикуваат длабоки поделби меѓу граѓаните, односно верниците.

„Многу е слабо влијанието на Црквата во оваа насока. Црковните великодостојници не ја користат функцијата на проповедта за на крајот од литургијата да испратат таква и други пораки, како што тоа го прават, на пример, протестантите. Штета, бидејќи во Синодот на МПЦ има изворедни личности кои можат да ја искористат својата позиција во оваа насока. Архиепископот исто така има извонредна моќ и личен капацитет да го стори тоа. Црквата мора да повика на воздржување од негативните нешта во текот на годината, кои резултираат со говор на омраза и поделби. Тоа е и начинот на кој свештениците ќе може да ги вратат верниците на вистинскиот пат“, смета Матевски.