1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во долината на приврзениците на Трамп

21 јануари 2017

Доналд Трамп на оние кои се чувствуваат предадени од Вашингтон им вети промени. Во градчиња како Ансонија тој има многу приврзеници. Какви се нивните очекувања од новиот претседател?

https://p.dw.com/p/2WAxo
Trump Country USA
Фотографија: DW/A. Purcell

Во недела навечер во долината Наугатук во западен Конетикат во куќата која го носи името по Дејвид Хемфри редовно се среќаваат членовите на историското друштво Дерби. Сите се горди на Дејвид Хемфри, најпознатиот жител од овој крај, учесник во војната за независност, личен секретар на првиот претседател Џорџ Вашингтон и подоцна министер во првата влада на САД. Во историскa облека од 18 век ги поминуваат вечерите со рум-пунч по рецепт од колонијално време. А кога љубителите на историја ќе ги прашаат за иднината на земјата, сложно одговараат: „Доналд Трамп ќе ја направи Америка повторно голема.“

Вакцина наречена Трамп

Пензионирата учителка Сенди Мендик за долината Наугатук дури предвидува економски процут. Таа го напуштила градот Ансонија кон крајот на 70-тите години од минатиот век откако изгорела фабриката во која работела. Мендик потоа се придружила на воените сили. За време на последната предизборна кампања во едно писмо до Доналд Трамп се пожалила дека никој не зборува за ветераните и старите лица. А таа ги претставува и двете групи. Верува оти Трамп ги застапува нејзините интереси и не може да ги разбере оние кои протестираат против новоизбраниот претседател. „Дадете му време да покаже што знае“, вели Мендик. Давид Лода, кој оваа вечер го отелотворува Дејвид Хемфри, на почетокот го поддржал лево ориентираниот претставник на демократите Берни Сандерс. Гласал за претставничката на Зелените Џил Штајн, а сега е голем поборник за идејата оти Трамп ќе донесе промени. „Трамп е како вакцина за нашата демократија: го присилува имунолошкиот систем на нашата демократија да тргне и да стане поактивен“, сликовито објаснува Лода.

Trump Country USA
Фотографија: DW/A. Purcell

Жед за државни субвенции

Тука во оваа долина посеана со градчиња како Ансонија, републиканскиот кандидат Трамп освои 59 насто од гласовите. Некогаш овој регион беше полн со индустриски објекти кои во меѓувреме ги нема. Некогаш овој регион како многу слични нему во Пенсилвенија, Охајо, Висконсин беше упориште на демократите. Сега се гласа за Трамп. Една од ретките металопреработувачки фабрики која остана е Фаре Корпорејшан која уште во време на Граѓанската војна произведувала топови и бајонети. Денес произведува машини и тука е единствено блогадарејќи на ангажманот на градоначалникот Дејвид Касети. Но и покрај тоа што улицата која води до фабриката градот го чинеше 2 милиона долари во погоните работат само стотина работници. Роботи ја заменуваат работата на 10.000 вработени, колку што некогаш имаше оваа компанија.

Präsident Donald Trump besucht Eröffnungsball "A Salute To Our Armed Services"
Фотографија: Getty Images/A. Wong

Нов Роналд Реган

И градоначалникот Касети очекува многу од владата на Доналд Трамп. Она што ѝ е потребно на Ансонија се огромни субвенции за да може да се санира напуштеното загадено подрачје на поранешните фабрички објекти. „Трамп како Роналд Реган ќе врати работни места во Ансонија. Тоа веќе го покажа пред стапувањето на власт, со влијанието што го изврши врз Форд и Крајслер“, се надева Касети. И тоа иако таа одлука за инвестирање во САД, а не во Мексико, управите на овие автомобилски компании ја донесоа пред интервенцијата на Трамп. Но тоа е ирелевантно. Трамп вети дека ќе ја обнови инфраструктурата. Но како ќе ги финансира своите големи планови, сѐ уште не откри. Посебно ако се земат  предвид најавените олеснувања за богатите кои, според проценките на непартиската организација „Такс полиси центар“, може да предизвика дупка од 6,2 милијарди долари во буџетот.

Trump Country USA
Градоначалникот на Ансонија, Дејвид КасетиФотографија: DW/A. Purcell

Во друштвото на љубителите на историјата овие податоци не играат некоја голема улога. Даниел Боскес, по потекло од Порторико, и покрај отворениот расизам кон Латиноамериканците, гласал за Трамп. Тој се надева дека еден „бизнисмен“, како што Боскес го нарекува Трамп, сака да донесе нов дух во Белата куќа. „Јас сум граѓанин кој работи напорно и она што сакам да видам се: подобри работни места, подобра економија, помали даноци“. Ни помалку ни повеќе.