1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Германија поевтино отколку во остатокот на ЕУ

Фридерике Маркс (дпа) / ЕМФ18 јуни 2016

Цените во Германија, во текот на изминатата година, биле 0,2% пониски од европскиот просек. Скапи се пред сѐ Данска и Швајцарија.

https://p.dw.com/p/1J8mG
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Becker

Потрошувачите тоа го чувствуваат кога патуваат во странство, сеедно дали станува збор за шопинг, за посета на музеј или за ресторан. Животот во останатите европски земји е често поскап. Нивото на цените во делот на приватната потрошувачка, во текот на изминатата година во Германија било 0,2% пониско од европскиот просек, покажуваат најновите статистички податоци.

Во најголемиот дел од директните соседи на Германија цените се повисоки, освен во Полска и Чешка. Особено скапа е Данска (36,8% повисоки цени од европскиот просек). И Велика Британија (плус 31,3%) и Ирска (плус 22,5%) лежат значително над просекот во 28-те земји членки на ЕУ.

Важна причина за тоа се ефектите од курсевите на размена на валутите. Британската фунта во текот на изминатата година ја зголемуваше својата вредност во однос на еврото. Тоа удри на животните трошоци во Обединетото Кралство и ја повлече нагоре целата статистика.

Туристите значително ги чувствуваат разликите во цени. Според сојузот на банки БдБ „особено длабоко во џебот мора да бркнат туристите во скандинавските земји и во Швајцарија“. Во споредба со Германија, продуктите и услугите во Швајцарија се за 50% повисоки.

Symbolbild Studentenjob
Фотографија: Fotolia/Peter Atkins

Сепак, во Германија не е поевтино сѐ. На пример, цените на прехранбените намирници и безалкохолни пијалоци во изминатата година биле повисоки за 3% од европскиот просек. Особено поскапо е месото.

Најскапа храна и безалкохолни пијалоци има во Швајцарија, која не е членка на ЕУ (плус 73%). Земјата веќе извесен период страда поради силниот франк. И Данците мора да бркнат длабоко в џеб за храна и пијалоци. Според Евростат, цените во таа земја биле за 45% повисоки од европскииот просек. Во Шведска цените биле повисоки за 24%, а во Австрија за 20%. Во Италија и Франција цените се нешто повисоки од европскиот просек, а благо над просекот е и Грција. Во Шпанија, пак, цените се нешто под просекот.