1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција соочена со тешки услови за помош

Зоран Јордановски/дпа/ртр12 јули 2015

Грчката влада притисната до ѕид: помош од ЕУ и’ е неопходна, но условите ги смета за „монструозни“. Самитот во Брисел и натаму трае, Ципрас наводно, сакал да ги напушти преговорите. Што содржи каталогот од барања?

https://p.dw.com/p/1Fxa8
Фотографија: picture-alliance/dpa/O. Hoslet

На Грција во наредните три години, според пресметките на кредиторите, ќе и’ бидат потребни до 86 милијарди евра за да избегне тотален колапс. Но, за да биде по трет пат спасена од банкротирање и нужно напуштање на еврозоната, овој пат партнерите бараат од неа драконска програма за санација, која ќе ги уништи надежите на Грците за крај на терапијата со штедење.

Претставник на владата во Атина го нарече каталогот од барања „монструозен“. Во преговарачките кругови на грчката делегација во Брисел за планот се вели дека е „многу лош“, но Грција продолжува да бара решение, оти поради исклучително тешката ситуација не може да си дозволи одложен почеток на преговори за нова помош. Според информации на германската телевизија ЦДФ, Ципрас во еден момент сакал да ги напушти преговорите, но од тоа го одвратиле францускиот претседател Оланд и германскиот канцелар Меркел. Според информациите од Ббрисел, паралелно со разговорите на шефовите на држави или на влади, се одржуваат разговори меѓу францускиот и германскиот министер за финансии Сапен и Шојбле со нивниот грчки колега Цакалотос.

Што се бара од Атина?

Лидерите на земјите од еврозоната на самитот во Брисел расправаат за условите што би морала да ги исполни Грција за да добие трет пакет за помош. Тие услови се нотирани во документот кој денеска го договори Еврогрупата непосредно пред почетокот на самитот и им го предаде на учесниците во него.

Од Грција се бара парламентот да даде генерална согласност за комплетната програма, а покрај тоа уште и во наредните три дена, значи најдоцна заклучно со среда, да ги усвои и првите конкретни мерки: покачување на данокот на додадена вредност, започнување реформа на пензискиот систем, реформа на правосудството за забрзување на постапката и со тоа за намалување на трошоците, обезбедување независност на националната статистичка служба и автоматско кратење на издатоците во случај на неисполнување на поставените цели за штедење.

До крајот на неделата се бара спроведување на европската директива за санација и ликвидирање на банки, според која загубите прво мораат да паднат на товар на нивните сопственици и доверители и дури потоа на товар на наменски фонд за ликвидација, финансиран од сите банки.

Обврски за Грција и по постигнување на договор за помош

Дури откако грчката страна ќе го реализира сево ова, министрите од Еврогрупата ќе ги овластат институциите (некогашната Тројка, односно претставници на ЕУ, ЕЦБ и ММФ) да ги договорат со Грција подробностите на тригодишната програма. Доколку во тие преговори се дојде до согласност, Грција би морала потоа да ги исполни и овие обврски: до октомври да биде донесено решение за реформа на пензискиот систем и за постепено кревање на границата за пензионирање на 67 години, да ги отвори за конкуренција досега заштитените стопански гранки - покрај другото, и бродскиот транспорт, потоа да преземе приватизација во енергетскиот сектор, да ја продолжи реформата на пазарот на работна сила, реформата на финансискиот пазар. Грција до 20 јули ќе треба да усвои реформа на управата под надзор на ЕУ, како и да го забрза процесот на приватизација.

Меѓу предложените мерки за кои не министрите за финансии имале различни ставови е и германското барање Грција да стави на располагање имот во вредност од 50 милијарди евра, кој агенција за приватизација под надзор на ЕУ би го продавала и од тие приходи би ги отплатувала грчките долгови.

Контролата од страна на институциите, поранешната Тројка, би била проширена: Грција би морала не сдамо да им обезбеди пристап во министерствата, туку тие би морале да дадат согласност за предлог-закони пред да бидат доставени до парламентот.

Еврогрупата во документот никаде не навестува отпишување на долговите, што упорно го бара грчкиот премиер Ципрас, но алтернативно се спомнува можноста за продолжување на роковите за отплата. На крајот во овој документ е наведена и можноста за грекзит на одредено време, придружен со можно преструктуирање на долговите.