1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Бајерн е забрането славје

Томас Клајн/ Симе Недевски30 март 2013

Бајерн Минхен уште во ова 27. коло од Бундеслигата може да постигне историски успех и да ја обезбеди својата 23. шампионска титула. Но и доколку се наместат коцките, кај Баварците нема да има прослава.

https://p.dw.com/p/1876y
Фотографија: picture-alliance/dpa

Шампионот познат веќе за Велигден - тоа досега го немало во 50-годишната историја на фудбалската Бундеслига. Со тоа Бајерн би го поправил сопствениот рекорд за цели три кола. Во сезоните 1972/73 и 2002/2003 клубот од Минхен ја обезбеди титулата германски првак во 30. коло. Се разбира сето ова е се’ уште во категоријата „што би било кога би било“, со оглед дека не зависи се’ само од тоа дали Бајерн во денешниот натпревар ќе победи против Хамбургер, туку и од тоа како Борусија од Дортмунд ќе одигра неколку часа претходно на гостувањето во Штутгарт. Доколку се’ уште актуелниот германски шампион победи, нема да има ништо од Велигденското славје во Минхен. Но вистинска прослава и онака нема да има дури и ако се’ оди во прилог на екипата на Јуп Хајнкес. Имено водечките луѓе на клубот неодамна издадоа „забрана за славје“.

По вечерата - веднаш дома

FC Bayern München - Bayer Leverkusen am 16.03.2013
Фотографија: Reuters

Причината за ваквата забрана е фактот дека само 72 часа по натпреварот со Хамбургер, играчите на Бајерн ги чека еден далеку поважен меч - првта средба од четвртфиналниот двомеч со Јувентус од Торино во Лигата на шампионите. „Не сакаме со претерано славје да ја пропуштиме големата шанса во Лигата на шампионите“, објаснува претседателот на управниот одбор на Бајерн, Карл Хајнц Румениге. И играчите имаат сличен став: „Кога имаш можност да освоиш уште две титули не смееш да престанеш да играш“, вели играчот од средниот ред Бастијан Швајншајгер, додавајќи : „Можеме да славиме и подоцна“.

По денешениот натпревар со Хамбургер планирана е заедничка вечера „за да се наполнат батериите“ и потоа за фудбалерите важи: веднаш дома. Иако Бајерн титулата германски првак веќе ја има в џеб и само е прашање во кое коло тоа и математички ќе биде потврдено, играчите би сакале со шампионска титула да го пречекаат Јуве. „Кога титулата би била и официјално освоена, тоа на Бајерн би му донесло психолошка предност“, смета крилниот напаѓач на минхенчани, Џердан Шакири.

Возбудлива борба за картите за Европа

Колку што борбата за шампионската титула сезонава е здодевна. толку е возбудлива битката за настап на европската сцена во наредната сезона. Освен Бајерн, кој веќе е сигурен кандидат на седум кола пред крајот, уште десет екипи (односно повеќе од половина од Бундеслигата) имаат изгледи за пласман во Лига Европа и во Лигата на шампионите.