1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вмровци во егзил

5 август 2017

По чија желба или чија стратегија ВМРО-ДПМНЕ замина во егзил, во кој самото се прогонува, подготвено е да се скара со сите, и дома и надвор, и да очекува граѓаните на избори да го поддржат овој беспричински нихилизам

https://p.dw.com/p/2hhSG
Mazedonien Nikola Gruevski
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Прашање од два долари е кој ги креира сега политиките во ВМРО-ДПМНЕ. Таква конфузија во ставовите, во изјавите, во концепциите, во перцепциите на настаните што се случуваат со неверојатна динамика во и околу Македонија, се чини дека немало ниту на првиот ден од нејзиното основање, кога партијата не беше ниту во флуидна фаза. Главниот идеолог, кој наводно бил алфа и омега на начинот на презентирањето на политиките на партијата во јавноста, сега, според изјавите на неговите адвокати, се лечел во некоја болница во Будимпешта (остана тајна од што бил болен), па е понастрана од креирањето на стратегиите. Во јавноста ги нема ни три-четворицата главни поранешни министри и силни луѓе во врвот на партијата, па оние што останаа треба да ја одржат ВМРО-ДПМНЕ во живот, но на погрешен начин. Ги нема и оние професори кои го кроеја демохристијанскиот штоф на конзервативната партија за да ѝ дадат идеолошка платформа.

Илија Димовски е добар пратеник, извежбан собраниски полемичар, кој знае да поентира над политичките ривали, но дали е тој креаторот на партиската политика? Дали е тоа Антонио Милошоски, единствената цврста нишка на врвот на ова ВМРО со она на Љупчо Георгиевски (се разбира, тука е Никола Груевски, тој е свилениот конец, кој некогаш и не се гледа), кој со годините се радикализира на чуден начин. Или зад целиот овој концептуален нихилизам на сето она што не е поврзано со ВМРО-ДПМНЕ стои само Груевски? Нормално дека и нихилизмот е дел од политичката битка, но да одбиваш да ги признаеш настаните што се случуваат околу тебе и да ги перцепираш како илузија, како фатаморгана, е сериозен проблем за една голема партија. Во основата на таа илузија е верувањето дека оваа влада е само мала драмска пауза во враќањето на политичката сцена на главните ликови од пред неколку години. Таа заблуда се мултиплицира од ден на ден (сетете се на изјавата на Груевски дека тој планирал да се врати на власт, а не да бега од судењата).

Mazedonien Ljupco Popovski Journalist
Љупчо ПоповскиФотографија: Privat

Заблудите од седиштето на култот

Привремениот врв на оваа заблуда е односот кон Договорот за добрососедство со Бугарија. Партијата соопшти дека „Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и покрај големата желба и искрена волја“ нема да го поддржи договорот со Бугарија, затоа што не веднаш туку „по повеќе години од неговото потпишување Македонија ќе се соочи со сериозни проблеми“ и не сака да ја споделува со СДСМ одговорноста пред граѓаните. Објаснувајќи зошто се против договорот во стилот „сакам- кажам не знам-речам“, вмровскиот врв ја загуби поентата. Погледнете го само соопштението на партијата за средбата меѓу Никола Груевски и Бојко Борисов (вмровскиот лидер сѐ уште разговара со гостите, без оглед кои и да се, седнат на чело на масата, а другите се подолу, лево од него, како да дошле на реферирање кај водач на некој култ): „Претседателот Груевски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ во однос на Договорот за добрососедство има принципиелни, долгогодишни и аргументирани ставови, чија основа идеја беше постигнување договор во кој нема да има чувство на победник и поразен... Тој го извести својот соговорник дека согласно ставот на ЦК на партијата, ВМРО-ДПМНЕ нема да даде поддршка на договорот кој го потпиша марионетската влада на Зоран Заев“. Како што прилега за еден водач на култ, премиерот на Бугарија е „соговорник“ - а што би бил друго.

Додека од САД, Европската Унија, НАТО, Германија, Велика Британија, Франција стигнуваа изјави дека „овој договор ја покажува одлучноста на двете страни за надминување на билатералните прашања и претставува инспирација за целиот регион“, кога американскиот потпретседател Мајк Пенс во Подгорица му рекол на Зоран Заев дека „ставот на претседателот на САД, Доналд Трамп, е дека САД стојат зад Македонија и регионот во определбите за интеграција во НАТО“ и дека за САД се од „големо значење демократските процеси и борбата против корупцијата, како и слободните медиуми, витализирањето на граѓанското општество и доброто управување“, и дека на работата на Заев гледаат „како на позитивна ерегија и ентузијазам  во согласност со потребите на регионот за нова генерација лидери ослободени од минатото, кои гледаат во иднината на своите граѓани и својата земја“, ВМРО-ДПМНЕ ја засилува песната од верглот за „марионетска влада“. И уште најавува дека кога ќе дојделе на власт, ќе го ревидирале договорот со Бугарија.

Дури и претседателот на државата, Ѓорге Иванов, по средбата со Борисов соопшти дека „со овој чин се потврдува политичката волја и заложба на двете држави за преземањето натамошни чекори кон градење меѓусебна доверба и надминување на отворените прашања“. Како тој да не влезе во претседателската резиденција директно од вмровските колони.

Mazedonien Wahlkampagne Nikola Gruevski in Ohrid
Дали зад целиот овој концептуален нихилизам на сето она што не е поврзано со ВМРО-ДПМНЕ стои само Груевски?Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Чија сопственост е историјата?

Нејасно е дали во партијата сѐ уште гледаат на настаните, кои толку брзо се одвиваат, како на странски заговор (се разбира, од Западот, а не од Истокот) во кој, ете, се вклучува и претседателот Иванов, и дека оваа „марионетска влада“, која има поддршка и во парламентот и во ЕУ и во САД (освен во Белград и Москва) или како на несреќен распоред на ѕвездите. Поранешниот германски амбасадор во Македонија, Клаус Шрамајер, неверојатно прецизно и едноставно го објаснува ова своеволно заминување на вмровците во егзил: „На националистите не може никогаш да им се удоволи, затоа што сметаат дека само тие се разумни. Македонските националисти од денешната ВМРО-ДПМНЕ целосно ја руинираа Македонија и ја донесоа во ќорсокак. Тие треба да се среќни што новиот премиер Заев конечно повторно на земјата ѝ пружа шанса за разумен нов почеток. Заедничка историја принудува на компромис, на заедништво, на споделување. Таа не е игралиште за екстремисти кои историјата ја третираат како своја сопственост".

Ги читаат ли овие зборови на искусниот дипломат луѓето што сега ја водат ВМРО-ДПМНЕ од белата зграда? Можеби нив ги прочитал старо-новиот член на Извршниот комитет, Зоран Ставрески, и бидејќи едно време беше жител на Вашингтон, му го кажал на Груевски она што му го рече Касиј на Брут во заговорот против Цезар:

„Луѓето во некое време се господари на своите судбини. Грешката, драг Бруте, не е во нашите ѕвезди, туку во нас самите“.

Уште ли ѕирка Никола Груевски од завесата од врвот на зградата (тоа ќе остане највпечталивиот политички момент фатен со камера уште најмалку 20 години) и погледнува во ѕвездите, размислувајќи дали е господар на својата судбина, без оглед на раскошноста на фотелјите и собите од кои го командува култот. И дали се прашува зошто во истиот ден кога на неговиот архи-ривал му приредија такви почести во Подгорица, и зошто човекот во кого толку се надеваше дека ќе му помогне да ја избегне судбината, Доналд Трамп, го потпиша законот за новите санкции против Русија и ги доведе односите меѓу двете земји на најниско ниво. Гледајќи во ѕвездите можеби се прашува – тоа ли е оној Трамп, во кој ги полагавме и плаќавме надежите? Тоа ли е оној Трамп кој требаше да почне ново пријателство со Путин и посредно мојата судбина да биде спасена како дел од големата игра.

Овие шеесетина дена на новата влада се премалку за да се одреди правецот во кој таа ќе се движи. Овие два месеци отсликуваат една структура која треба повторно да научи да владее по 11 години. Владеењето не е само да се седне во министерска фотелја. Факт е дека очекувањата се преголеми, но тоа не значи оти ентузијазмот и енергијата секогаш ќе бидат решавачки за носење добри одлуки. Изгледа парадоксално, но нихилистичкото однесување на опозицијата, штанцањето на предлог-закони кои ги отфрлаше со потценувачко одмавнување со раката кога беше на власт, партиското присвојување на Марко Зврлевски, со што му го одзеде неговото право на одбрана на својата стручност, бесконечните и бесмислени реплики во Собранието, здодевните секојдневни прес-конференции полни со црна антикампања – сите овие работи ѝ помагаат на власта да го стабилизира своето владеење и чекор по чекор да ги презема сите лостови на моќта.

По чија желба или според чија стратегија ВМРО-ДПМНЕ замина во егзил, во кој самото себеси се прогонува, подготвено е да се скара со сите, и дома и надвор, и да очекува граѓаните на избори да го поддржат овој беспричински нихилизам. Ова денешно ВМРО-ДПМНЕ е како анархистот револуционер Ставрогин од „Демоните“ на Достоевски. Ставрогин својата бунтовност ја завршува со самоубиство за последен пат да го задоволи своето самољубие и да ја импресионира публиката која ќе дознае за неговиот чин. За најпосле, срцата на оние што денеска ја раководат партијата да треперат кога Грег Лејк ќе ги пее овие стихови од меланхоличната балада на „Кинг Кримсон“: „Конфузијата ќе биде мојот епитаф, додека ползам по распукнатиот и скршен пат“.

 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар