1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ВМРО-ДПМНЕ ја врати „Македонија“ во името на СДСМ?

27 декември 2017

Случајност или нови страници во политичката култура? Од вчера е ставен крај на преименувањето на СДСМ во „СДС“, а денеска се чека нова одлука: дали ВМРО-ДПМНЕ ќе се вклучи во работата на парламентот

https://p.dw.com/p/2pylW
Mazedonien Gebäude Regierung
Фотографија: DW/P. Stojanovsk

Нема веќе „СДС“.  Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која под водство на претходниот претседател, Никола Груевски, од пролетва почна да го именува Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) со кратенката СДС, со намера да ја опише како немакедонска партија, од вчера ја запре таквата практика. Во последните две соопштенија што вчера ги објави партијата, критиката продолжува, но е ставена точка на преименувањето на политичкиот опонент.

„Правосудството е под јаремот на СДСМ“ (...) „Политичката одмазда стана одлика на владеењето на СДСМ“, се дел од ставовите, во кои е евидентно дека настанала промена во именувањето.

Случајност или нови страници во политичката култура на меѓусебно комуницирање?

„Се надеваме дека не е 'грешка'“, велат од СДСМ.

SDSM Parteizentrale, Skopje, Mazedonien
Фотографија: MAKFAX

ВМРО-ДПМНЕ и претходно повремено ја користеше скратеницата „СДС“ во обраќањата или посочувањата на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, но од 6-ти април годинава тоа стана редовна практика во официјалните соопштенија на партијата. На прашање на новинската агенција „Мета“ - зошто ВМРО-ДПМНЕ го „прекрсти“ СДСМ, директорот на Центарот за комуникации, Иво Котевски, одговори дека тоа го сториле оти „Зоран Заев со прифаќањето на тиранската платформа длабоко загазил со антидржавните и антинационални политики“.

Некои од социјалдемократите во своите говори на ова реплицираа со именување на партијата само како „ДПМНЕ“, но СДСМ во своите соопштенија секогаш ја именуваше опонентската партија со целосното име: ВМРО-ДПМНЕ.

Цитирање и лажно балансирање

„Референцата“ под која ВМРО-ДПМНЕ му се обраќаше на политичкиот опонент во изминатите девет месеци, не наиде на одобрување во пошироката јавност. Најчестите забелешки беа дека во земја која две децении е соочена со спор за името, нецивилизациски и непатриотски чин е политички субјекти да ги прекрстуваат своите опоненти, бришејќи го од нивното име токму името Македонија.

„Како очекувате другите да ни го почитуваат името на државата - Македонија, ако некои овде го бришат од име на партија“, беа дел од критиките.

Дел од медиумите жестоко реагираа и соопштија дека при цитирањето на соопштенијата на ВМРО-ДПМНЕ нема да го пренесуваат скратено име „СДС“, а на критика наидоа оние кои тоа неселективно го правеа со алиби дека применуваат „дословен цитат“.

Mazedonien Hristijan Mickoski, Generalsekretär der Oppositionspartei VMRO-DPMNE mit Parteiführer Nikola Gruevski
Фотографија: Petr Stojanovski

„Ова се вика космодиск пропаганда. Звучи шашаво, ама функционира. Оти ВМРО-ДПМНЕ со оваа пропаганда му се обраќа само на своето гласачко тело. И на медиумите кои глумат балансираност. Инаку, како би се проширил така лесно терминот „СДС“, без „М“, ако главните медиуми, без никакво објаснување и без никаква одговорност, не го пренесуваат? Демек, така кажале во ВМРО-ДПМНЕ. Па уште и во наслов ги ставаат. Најлесно. Стави две точки. И цитирај. Балансирано“, реагираше во колумна новинарот Горан Михајловски.

Скратеното име „СДС“ беше употребувано и на 16. вонреден Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ во Валандово, од страна на сите говорници, но свесно или несвесно, и од тогашниот кандидат Христијан Мицкоски.

Повеќе на темата:

-И Мицкоски ја препознал новата можност, но како?

-Најголема демократска и делегатска ерозија во историјата на ВМРО-ДПМНЕ

-Наследството на Груевски

Конструктивен дијалог

Дали вчерашната прва средба меѓу новоизбраниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, ќе придонесе да се изменат несоодветните практики? Мицкоски по средбата истакна дека иако имаат различни ставови по многу прашања, дискусијата мора да продолжи.

„Отворивме прашања на неколку актуелни теми што се случуваат во државата. Нормално, за неколку од темите имавме различни мислења и различни аргументи. Ги аргументиравме своите позиции и јас и господинот Заев. Во овој момент е добро да се отвори еден ваков процес, добро е да се дискутира. Она што е во интерес на граѓаните и Република Македонија не треба да претставува табу-тема ниту за опозицијата, но повторно ќе кажам тоа го напоменав во многу наврати, дека конструктивноста не е само во едната насока, конструктивноста мора да биде двонасочна улица. Во тој дух ќе продолжиме и во периодот кој што следува, јас тука немам никаква дилема. Се разбира, ние сме претседатели на различни политички опции, на различни политики, логично е да имаме различни ставови по многу прашања“, изјави Мицкоски.

Mazedonien Hristijan Mickoski, Generalsekretär der Oppositionspartei VMRO-DPMNE
Фотографија: Petr Stojanovski

Од Владата соопштија дека средбата на премиерот со новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ„се реализирала низ конструктивен дијалог, иако за некои од темите се изразени различни мислења и ставови на двајцата соговорници“.

„Премиерот Заев и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се согласија дека е потребно учество на опозицијата во реформските процеси. Заеднички е констатирано и дека патот на Македонија е во ЕУ и во НАТО и за тоа е потребен ангажман од сите политички субјекти, како на власта, така и на опозицијата“, соопшти владината прес-служба.

Во каква насока ќе се движат односите, ќе покаже и одлуката што ВМРО-ДПМНЕ требаше да ја донесе синоќа, а да ја соопшти денеска: дали ќе учествуваат во работата на парламентот.