1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Владата во Скопје си има свои главоболки

Е.М. Фиданоска /ди велт/шпигел8 февруари 2016

Сѐ повеќе земји на ЕУ посакуваат Македонија да стане тврдина против бегалците, но балканската држава и самата се бори со огромни проблеми - корупција и мафија владеат со земјата, оценува весникот „Ди велт“.

https://p.dw.com/p/1HrNG
Фотографија: DW/N. Rujević

Широката анализа на актуелниот проблем со бегалците и состојбата во Македонија во весникот „Ди велт“ почнува со слика од македонско-грчката граница и протестите на таксистите. Се наведува дека сѐ почесто бегалците „својот живот им го доверуваат на криумчарите, кои ветуваат дека ќе ги пренесат илегално преку зелената граница“.

„Токму тоа, ако се суди според ставовите на ЕУ-држави како Словенија и Унгарија, би требало да се спречи во иднина. Австрија исто така застана на страната на Источноевропејците и бара стопирање на бегалците во Македонија. Идејата гласи: земјата да се претвори во тврдина, поради тоа што Грција не може доволно да ги заштити надворешните граници на ЕУ. 'Ние сме подготвени да ги заостриме нашите гранични контроли и во иднина да примаме само онолку бегалци колку што потоа ќе бидат преземени од страна на други држави на ЕУ', вели македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски за 'Велт ам Зонтаг'. Тој сигнализира подготвеност за дејствување. Во дипломатски кругови на ЕУ се вели дека повеќе земји на ЕУ планираат да им дадат поддршка на македонските граничари со соопствени полицајци, со цел подобро да се заштити границата меѓу Македонија и Грција. При финансирањето ќе помогне и Европската комисија. Освен тоа, Европејците сакаат и многу поконсеквентно отколку досега да бидат одбивани илегалните мигранти... Но, владата во Скопје во моментов има многу поинакви грижи од тоа да ги спасува Европејците од приливот на бегалци. Македонскиот главен град го тресе тешка внатрешнополитичка криза. Од некогашната балканска земја за пример, која по распадот на Југославија важеше за кандидат со најголеми изгледи за членство во ЕУ, остана малку.“

Авторката Силке Милхер потоа ги набројува настаните од последните месеци во Македонија, потсeтува на објавувањето на прислушуваните материјали, оставката на Груевски, проектот Скопје 2014-та, основањето Специјално обвинителство, и продолжува:

„Во меѓувреме, очигледно и во Брисел и Берлин се сфаќа дека ЕУ-аспирантот Македонија ја третира демократијата релативно и затоа се заострува тонот. На почетокот на минатата недела државниот министер за Европа во германското Министерство за надворешни работи, Михаел Рот, беше во Скопје и упати невообичаено јасна критика. 'Крајно време е македонската влада конечно да ги оствари своите ветувања и да го реформира изборното право', побара Рот. Новите избори би требало да се одвиваат по европски стандарди - 'конечно, Македонија сака да стане дел од ЕУ, па мора и да ги следи нашите правила'... Но, Скопје досега се труди малку околу прочистувањето на избирачкиот список. 'Таму има луѓе кои воопшто не постојат, или кои во меѓувреме веќе не живеат во земјата', нагласува политичкиот коментатор Арсим Зеколи... 'Ако новите избори се одржат во исти услови, резултатот е јасен веќе сега: нови властодршци ќе бидат старите', предвидува Зеколи. ЕУ тоа не би смеела да го дозволи, ако не сака да си ја прокоцка својата вердоостојност, смета тој. Прашањето на веродостојноста и онака е проблематично. Европската комисија во извештаите за напредокот на земјата со години препорачува почеток на преговори со Македонија за приклучување, и тоа и покрај тоа што земјата не прикажува никаков демократски напредок. Преговорите досега не почнуваат поради противењето на Грција, која решително ја отфрла Македонија. Провинција во северна Грција го носи истото име и Атина не сака да толерира втора Македонија. Во Скопје се добива впечаток како блокадата да им одговара на сите страни. Европејците, уморни од проширување, така може да привлекуваат со перспективата за приклучување, без да мора да стравуваат дека многу бргу може да бидат држени за збор. А, владата во Скопје и натаму може да се извлекува од спроведување реформи и да флертува со Русија - што е искушение за мнозинското славјанско население“, се вели меѓу другото во текстот на „Ди велт“, под наслов „Сомнителна фронтална држава“.

Неделникот „Шпигел“ исто така во голем текст се занимава со состојбите со бегалците и македонско-грчката граница, анализирајќи ја претежно грчката страна во проблемот. Во текстот чиј наслов „И, отпаѓаш ти“ потсетува на една детска игра, се оценува дека „Македонија треба да стане 'втора одбранбена линија' од бегалците, а Грција прифатилиште за очајните. Тоа е прв чекор кон политиката на изолација, чиј главен товар треба да го носи Југоисточна Европа“.

Истиот неделник во кусата информација под наслов „Враќање на Албанците“, пак, се занимава со барателите на азил кои успеале да стигнат до Германија и наведува:

„Сѐ повеќе баратели на азил од Балканот, претежно Албанци, се решаваат на доброволно заминување во татковината. На Франкфуртскиот аеродром во моментов, според наводи на сојузната полиција, секојдневно доаѓаат до сто лица, кои оттаму се враќаат во своите татковини. Со тоа многумина сакаат да избегнат опасност да им биде забранет повторен влез во Германија.“

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема