1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Висока цена на солидарноста

Барбара Везел/превод:З. Јордановски26 ноември 2015

Франсоа Оланд ја користи поволноста на моментот, за да бара од Германија безусловна солидарност по терористичките напади во Париз. Тоа може политички скапо да ја чини Ангела Меркел, смета Барбара Везел.

https://p.dw.com/p/1HCw5
Фотографија: Reuters/P. Wojazer

По нападите врз редакцијата на сатиричниот магазин „Шарли Ебдо“ во јануари годинава, солидарноста на германскиот канцелар Ангела Меркел се сведе на симболичниот чин на учество во тажното дефиле покрај францускиот претседател Франсоа Оланд, поврзано и со ветување дека, разбирливо, ќе биде сторено се’ во борбата против тероризмот. Во меѓувреме се знае колку тежат таквите ветувања во европски рамки: секоја земја стриктно избегнува да направи нешто што не го сака.

Париз поставува барања

По убиствените напади во Париз работите се променија. Францускиот претседател веќе не само што зборува за војна против терористите и нивните инспиратори во убиствената секта ИД, туку сака и навистина да ја води. Тоа јасно и’ го кажа и на Ангела Меркел на синоќешната вечера во Елисејската палата. Меркел вети испраќање до 650 војници на Бундесверот во Мали, за да се растоварат француските војници таму. За германски околности, тоа е голем исчекор.

Но, за Оланд е недоволно; тој бара поголем ангажман, можеби и директно во Сирија и Ирак. За него, се разбира, би била добивка доколку би можел и војнички да ја вклучи германската влада во војната што сака да ја води против ИД (Исламската држава). Оти, неговите разговори со американскиот претседател Обама, британскиот премиер Камерон и италијанскиот премиер Ренци во потрага по сојузници, досега донесоа добри зборови, но малку вистинска помош. Обама не е многу наклонет да биде подлабоко вовлечен во сириското мочуриште, а рускиот претседател Путин и онака го прави само она, што смета дека му е од полза. Велика Британија би можела да учествува во напади од воздух во Сирија, не нема расположение за поголема воена авантура.

Barbara Wesel Kommentarbild App *PROVISORISCH*
Барбара Везел

Германија како партнер во борбата против ИД?

За вчудовидување, Меркел навести дека е подготвена да размисли и околу натамошни задачи во борбата против ИД. Во игра е ангажман на авиони „Торнадо“ за извидувачки летови. За вчудовидување е оти канцеларката со тоа малку може да добие, но многу да загуби - на прво место нејзиниот внатрешно-политички капитал, од кој добар дел и без тоа е потрошен со нејзината политика во однос на бегалците. Војничко учество во воздушните напади во Сирија би бил нов преседан, по ангажманот во Авганистан. Тоа би значело вовлекување во асиметрична војна со несогледливи последици, нејасни цели и умерени изгледи за успех. Никој не тврди сериозно дека ИД може да биде победена само со напади од воздух. Истовремено Германија би била заплеткана во блискоисточната политика, која досега уште не донесе никакво решение, туку само создаде натамошни проблеми.

Зошто Меркел влегува во вакви ризици?

Вообичаено францускиот претседател би морал да даде политички контра-услуги за таков германски ангажман. Но, неговиот нов курс поткопува многу цели на германската влада. Така, обидите за приближување кон рускиот претседател ја попречуваат политиката на Меркел во однос на украинската криза, загрозена е јасната линија спрема Путин ако тој стане партнер на Франција против ИД. Покрај тоа, Париз, под изговор за сузбивање на теророт, дефинитивно ја отфрли политиката на Берлин за штедење во еврозоната. Во политиката спрема бегалците, каде на Меркел и’ е итно неопходна француска поддршка, премиерот Мануел Валс јасно се декларира дека не е можно прифаќање на уште повеќе луѓе.
Значи ли дека понекогаш има премногу или погрешно сфатена солидарност? Или Ангела Меркел можеби верува во таканаречената „војна против теророт“? Политичката цена за Германија може да биде многу висока. Премногу, со оглед на неизвесните изгледи за успех и на фактот дека „кој се доведува во опасност, може од тоа и да умре“. Таа поговорка особено се однесува на политичкото мочуриште на Блискиот Исток.