1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Висок напон под директорското столче во ЕЛЕМ

6 јули 2017

Српски или домашен кадар, успешен или неуспешен бизнисмен - ова се дилемите што се вртат околу името на српскиот државјанин, Алекандар Обрадовиќ, еден од кандидатите за директор на Електрани на Македонија

https://p.dw.com/p/2g0s4
Offenlegung von Managergehältern Symbolbild
Фотографија: Bilderbox

Премиерот Зоран Заев вчера потврди дека поранешниот директор на „Електропривреда на Србија“ (ЕПС), Александар Обрадовиќ, е еден од кандидатите за директор на „Електрани на Македонија“ (ЕЛЕМ). Со тоа, медиумските информации дека Обрадовиќ и уште неколку странци побарале македонски пасоши, се повеќе ја потврдуваат можноста дека тоа го сториле заради работни, а не „лични причини“, како што се тврдеше досега.

„Александар Обрадовиќ е квалитетен кадар во областа на енергетиката, но тоа не значи дека по автоматизам ќе биде директор или не. Да, и тој е еден од опциите за директор во ЕЛЕМ. Но, ние сѐ уште не знаеме кои политички субјекти, домашни експерти, врз која институција ќе преземат одговорност. Преуранета е дебатата кој каде ќе биде директор“, рече Заев, одговарајќи на новинарски прашања по средбата со македонските бизнисмени од Сојузот на стопанските комори.

Вицепремирот за економски прашања, Кочо Анѓушев, деновиве изјави дека тој не одлучува за кадровската политика, но ако биде консултиран, неговиот став е дека директорот на ЕЛЕМ треба да биде домашен експерт. Воздржан е и Обрадовиќ. Минатата недела тој за „Вечерње новости“ ниту ја потврдил, ниту демантирал информацијата дека е можно да биде директор на македонските електрани.

„На пат сум. Следната недела ќе можам да разговарам на таа тема“, изјавил тој.

Logo ELEM - Macedonian Power Plants
Фотографија: DW

Богато работно искуство

Кој е белграѓанецот што во дел од српските медиуми доби епитет „контраверзен бизнисмен“? Неговата биографија открива богато работно искуство во странски компании, но речиси сите со краток рок. До нив Александар Обрадовиќ (1974) стигнал со диплома за економија и бизнис од приватниот „Anglo-American College“ во Прага. Со првата магистратура се стекнал во прашкиот „Czech Management Center“ а со втората на Универзитетот во Питсбург, САД. Кариерата ја започнал во издавачката куќа „Jurg Marquard“ во Прага, а ја продолжил во прашкото одделение на француската консултантска фирма „ATOZ Marketing Services“. Работата во најстарата американска компанија за стратегиски консалтинг „Arthur D. Little“ го однела во Германија, Италија, Португалија, Швајцарија, Бразил, за на крајот да стане регионален директор на таа компанија за Чешка, Словачка, Србија и Црна Гора. Кариерата ја продолжил во Париз, како менаџер за стратегии за Источна Европа и Централна Азија во фирмата „Lafarge“, една од најголемите произведувачи на цемент во светот. Од Париз се вратил во Белград, каде во еден период бил директор на претставништвото на Чешкото електростопанство (ЧЕЗ) за Србија. Бил претседател на Советот за енергетика на Српската напредна странка. На раководното столче во „Електропривреда на Србија“ (ЕПС) за првпат седнал како в.д. директор во септември 2012 година, а мандатот му бил продолжуван во два наврата. Владата на Србија го именувала за директор на ЕПС со мандат од четири години во октомври 2014 година, по конкурсот на кој се пријавиле повеќе од 70 кандидати. Разрешен бил во март 2016 година. Неговата смена лично ја навестил тогашниот српски премиер Александар Вучиќ во тв-емисија, изјавувајќи дека „еден од директорите на големите јавни претпријатија со купувањето на два автомобила од марката 'ауди' не се придржувал на мерките за штедење што ги прокламирала владата“. Фискалниот совет во Извештајот за спроведувањето на структурните реформи констатирал дека ЕПС во текот на 2015 година извршила одредени организациски промени и добила мал дел од летното зголемување на цената на струјата, но тој дел бил потрошен на зголемување на платите, а не за унапредување на перформансите на компанијата.

Другата страна на медаљата

Додека власта и дел од српските медиуми му забележуваат дека имал „лесна рака за трошење“, меѓудругото и за скапи реклами за ЕПС, проопозициски медиуми го тврдат спротивното: дека бил успешен менаџер, но жртва на изборниот популизам на Вучиќ. Тие пишуваат дека Обрадовиќ влегол во ЕПС на личен предлог на Александар Вучиќ, а компанијата ја затекнал во исклучително лоша состојба: касата била празна, немало пари за плати, доцнеле исплатите кон добавувачите кон кои ЕПС имала долг од над 100 милиони евра за завршени работи, доцнеле ремонтите, а фирмата не била подготвена за либерализација на пазарот - задолжителна обрврска за Србија на патот за членство во ЕУ. ЕПС во тој момент имала акумулирани загуби во висина од над 2 милијарди евра.

„Обрадовиќ успеа за кратко време да направи пресврт. ЕПС, од повеќедецениски загубар, прв пат во својата историја стана профитабилна компанија, а во 2013 година дури и втора најпрофитабилна компанија во Србија. Во 2015 година се срушени сите историски рекорди во производство на електрична енергија, а ЕПС работеше со профит од околу 200 милиона евра на годишно ниво“, пишува српски „Курир“, додавајќи дека во тој период биле укинати стотина директорски функции, а кога Обрадовиќ заминал на компанијата ѝ оставил 400 милиони евра во касата. Но, за да го постигне тоа, тој влегол во отворена војна со голем број интересни групи, кои на разни начини испумпувале пари од ЕПС.

„Исто така, синдикатот на ЕПС почна да ги губи своите позиции кои се огледуваа во местење на разни тендери и вработувања на нивни блиски луѓе. Претседателот на синдикатот на ЕПС дури јавно се фалел дека успеал да направи договор со тогашниот премиер на Србија, во замена за смена на Обрадовиќ, да му обезбеди поддршка (синдикална-н.з.) на Вучиќ во изборната кампања во 2016 година“, пишува „Курир“, потенцирајќи дека набавката на двете возила „ауди“ всушност била однапред одобрена од владата на Србија. Притоа потсетува дека од денот кога Обрадовиќ заминал од ЕПС, водечките финансиски институции (ММФ, Светска банка и ЕБРД) вложиле протест до владата на Србија со став дека реформите во ЕПС се запрени и поради тоа земјата може да има големи економски последици. Тие стравови се потврдиле годинава - паднало производството на електрична енергија, а се очекувало ЕПС да изгуби помеѓу 150 и 200 милиона евра, поради лошо управување од страна на актуелниот менаџмент, како и рестрикции во снабдувањето со струја во следната зима.

Symbolbild Elektroniker
Фотографија: Nomad_Soul/Fotolia.com

Навреда за домашните експерти

Успешен или не, Обрадовиќ не е посакуван кадар за македонската опозиција. Сметаат дека има доволно домашни експерти за раководната позиција во ЕЛЕМ.

„За СДСМ и за владата на Заев не преставува никаков проблем што мешетар и неуспешен кадар од Србија ќе биде увезен по итна постапка за директор на најбогатата државна фирма ЕЛЕМ“, реагираше деновиве ВМРО-ДПМНЕ.

„Го повикуваме вицепремиерот Анѓушев, како познавач на темата енергетика да спречи сомнителен лик кој во Србија го поврзуваат со промашени тендери, луксузи и неодговорност, да стане директор на столбот на македонскиот енергетски систем. Анѓушев треба да застане на страната на македонската професорска и експертска фела од областа, бидејќи именување на српски државјанин набркан од раководна функција на ЕПС, е само девалвација на нивното знаење. Стравот на граѓаните станува се поголем дека именувањето на Обрадовиќ има за цел да го доведе ЕЛЕМ до дереџе од кое единствен излез ќе биде приватизацијата. Анѓушев ќе има подеднаква одговорност како и неговиот шеф Заев, ако ЕЛЕМ се претвори во нов 'бонбона-бизнис'“, реагираше ВМРО-ДПМНЕ.

Според официјалните податоци, ЕЛЕМ има годишен приход поголем од 250 милиони евра, 4.500 вработени и учествува со 98 отсто во производството на струја во Македонија.