1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Винклер и Хала: Јуначки до самиот крај

17 јули 2008

Олимпијадата во Мелбурн 1956 година ќе остане запаметена по легендата Ханс Гинтер Винклер од коњичкиот спорт. Натпреварите се оддржаа во Стокхолм, поради тоа што коњите не смееа да се внесат во Австралија.

https://p.dw.com/p/Ee7G
Винклер и коњот ХалаФотографија: picture-alliance/dpa

17. јуни 1956. Патеката е тешка, при секое јавање паѓа барем по една препрека. Фриц Тидеман и Алфонс Литке-Вестхаус во првите обиди поминаа релативно добро, сега на ред е и третиот германски јавач – Ханс Гинтер Винклер. Со коњот Хала актуелниот светски првак изведува безгрешно јавање, се` до претпоследната препрека.

„Претпоследната пречка беше висока 1.60 и многу јавачи тука грешеа. За да избегнам грешка го намалив темпото на јавање. За време на прескокот ги собрав нозете, а кобилата забележа за што се работи и изреагира на тоа. Се слушна удар и почувствував силна болка во препоните“ – се потсетува сега 82-годишниот Винклер.

И коњот и јавачот направија грешка на последната препрека, но сепак стигнаа до целта. Винклер при тоа се здоби со кила и повреда на стомачните мускули. Лекарите му дадоа многу јако средство за смирување на болките.

Трката мора да продолжи

Сепак, целосно зашеметениот Винклер сака и мора да јава. Нема замена, останатите од екипата добро ја поминаа и втората етапа, Германија е меѓу првите, сега се` зависи од него и од кобилата Хала.

„Бев зашеметен, како некој да ме удрил по главата. Излегов, отпоздравив пред Кралот во почесната ложа и почнав да јавам, а кобилата, за среќа, скокна доволно високо“ – објаснува јавачот Винклер. За спортскиот коментатор, решавачкото јавање на Винклер изгледаше вака:

„Сега доаѓа тројната комбинација на пречки, оди напред, па по угорницата и преку препреката. Извинете, малку сум возбуден, но Хала се` уште се смее, се забележува дека знае за што станува збор овде. Доаѓа и последниот прескок, не смее да направи уште една грешка. И да видиме.... (грмогласен аплауз)

Хала е чудесна кобила

Ханс Гинтер Винклер го изведе единственото јавање без ниту една грешка на турнирот, иако беше повреден. Така освои златен медал и поединечно и групно, а неговото јавање отиде во легендите, исто како и кобилата Хала, која претходно беше отпишана од ергелата на германската армија. Сега таа стана позната ширум светот како чудесна кобила.

„Таа навистина беше чудесна кобила, реткост. Целата приказна е реткост“ – се потсетува Винклер. Кога Хала умре во 1979, германското Здружение за коњички спорт одлучи ниту еден друг натпреварувачки коњ да не го носи ова име, зашто чудата се единствени.